Зошто e потребен конкурс за локацијата кај „Треска“ е прашање кое отвора многу други сериозни прашања и дилеми.
Во дводецениското интензивно градење според досегашните прописи и Деталните урбанистички планови кои беа на сила, Скопје стана задушен град и доживеа сообраќаен и урбанистички колапс. Градоначалникот на Општина Центар – Скопје се одважи и за 31 ДУП прогласи мораториум и формира Експертска комисија за евалуација. По извршената евалуација констатирана е лоша состојба со катастрофални пропусти и последици кои тешко се поправаат. ДУП-овите се вратени на преработка, кај истите планерски куќи и Комисијата се судира со многу сопки и саботажи и неизвршување на задачите.
И секако дека мораториумот многумина не го одобруваат, затоа што им удира по џебот. Но, за жал има и такви, кои се претставници на архитектите, почнуваат да се жалат, изнесуваат личен став и згора на сè живеејќи во еден од најгусто изградените делови на градот. Замислете, не биле во рамноправна положба со останатите граѓани, неможејќи да надградуваат, па така и тие немале станови за децата. Во меѓувреме заборавајќи дека се архитекти со поминат рок, кои мора да знаат дека некаде правото за градење и се потрошило, бидејќи таму каде што е преизградено, може само да се сруши старо и изгради ново, исто толкаво.
Да не заборавиме, кај нас секој си кажува што сака, па и оние кои треба да се одговорни за струката, а уште пострашно и си планира кој како сака, а покрај сите катастрофи, одговорност од планерите нема, затоа што не се ни бара. И така градежната инвазија си продолжува, иако е евидентно дека постојат многу проблеми како неажурираност на податоците, немање попис на население повеќе од 18 години, пропусти, нејаснотии (стеченото право!?) и неусогласеност во законската регулатива и згора на сѐ силниот притисок и корупција од градежниот сектор и сопствениците на локациите за квадрат повеќе, поголема катност и искористеност на земјиштето.
Урбанизмот е сериозна и слоевита наука. Урбанистичкото планирање го обликува просторот, го штити јавниот интерес и ги насочува и контролира аспирациите на приватниот сектор. Никако да запаметиме дека стекнато право на еден субјект да гради не значи загрозување на стекнатото право на другиот, кое вклучува право на пристап, зеленило, капацитет на здравствени и образовни установи и соодветна инфраструктура.
Заради сѐ ова, беше поднесена иницијатива за конкурс за урбанистички проект на локацијата кај „Треска“. Не затоа што другите делови од градот се помалку значајни, туку затоа што од некаде мора да се почне и покаже дека може да се планира на еден постручен и покреативен начин. Ова е почетен обид да се врати проектирањето и планирањето на вистинскиот пат, онака како што се работи во светот. Потребно е распишување на конкурси за сите покарактеристични локации кои се од посебно значење за градот и жителите. Тоа е пракса во светот, а некогаш беше и кај нас. Советот на Општина Центар изгласа дека по пат на конкурс ќе се избира урбанистичко решение за дел од ДУП Буњаковец 2, Градска четврт З 11, локацијата „Треска“. Општината Центар ја има привилегијата и одговорноста да управува со центарот на главниот град, а со самото тоа и со центарот на државата и се очекува да отвори нова страница во начинот на обликување на просторот.
Мора да сме свесни дека на мегданот на вечната скопска борба меѓу приватниот интерес за градење и јавниот интерес за похумано урбанистичко планирање по правило победувал приватниот интерес. Треба ли и понатаму да се прават ДУП-ови само со станбени згради во кои се наредени блокови чија архитектура е диктирана од договорот со сопствениците на парцели? Треба ли и понатаму да се градат станови кои се надвор од сите стандарди и нормативи за проектирање од Правилникот кој е дел од Законот за градење? Треба ли и понатаму архитектите да се даватели на услуги и исполнувачи на желби, наместо даватели на идеи и стручност, а урбанизмот да служи само како протокол за покривање на одредена процедура? Ќе се вртиме ли до недоглед во овој маѓепсан круг на ограничувачки законски акти, незнаење и немање доблест, храброст и интегритет за нов почеток кој е неопходен заради самите нас и менталното здравје на идните генерации? Деновиве надреално, монтипајтоновски звучат сцените од јавните расправи за Буњаковец 2 и Маџир Маало, изјавите за мораториумот на претставници на архитектите, каде граѓаните кои протестираат против загадувањето не сакаат ни зеленило, ни градинка, ни училиште, ни паркинг не им треба, туку им требале станови за децата. На јавната расправа во Жданец се степаа. Во Расадник граѓаните се поделени според личните интереси. Ова зборува за менталниот склоп на нашиот граѓанин, кој е кусоглед, слабо едуциран, а интересот за јавен простор и заедништво завршува таму каде што му завршува парцелата и површината за градење и онаму каде во нашите проектантски бироенца проектите чекале во фијока. Ова зборува и колку лошо се планира и колку секој си дозволува да го сфаќа урбанизмот само и единствено како личен интерес.
Градоначалникот Саша Богдановиќ вели „Ќе ја формираме комисијата кога ќе завршиме со сите консултации внатре во службите и со сите иницијатори кои беа поднесени, потоа одиме со втората комисија која треба да го распише конкурсот и таа да го избере најдоброто конкурсно решение. Се надевам дека во текот на оваа година ќе се избере најдоброто решение, не сакам да лицитирам со бројки, бидејќи погрешно се толкуваат. Повеќе од две години има мораториум на тој простор за неизвршување на планови, оставаме доволно простор за да може да се избере најдоброто решение. Не брзаме, колку е потребно време толку ќе оставиме за да се избере најдоброто решение“.
Мора да се каже гласно дека и тој простор кај „Треска“ нема да биде парк и дека мора да се престане да се манипулира со разноразни анкети. Барањето за парк е нереално и слично како барањето „сакаме станови за децата“, само од спротивната страна. На локацијата ќе има станбени згради, затоа што се предвидени со претходниот ДУП и затоа што таа е намената предвидена со ГУП, затоа што сопствениците стекнале право да градат и може да им се одземе само со експропријација за што општината вели дека пари нема.. Сега се на потег архитектите, да состават стручна проектна програма, комисијата да биде стручна и доследно да ја спроведе програмата. Во програмата мора да се дефинира која површина за што е наменета и каде, мора да се наведе потребниот број на жители, станови, паркинг-места, јавни површини со различни намени соодветно капацитетот на локацијата и околните локации. Мора да се наведе потребната структура на станови и неопходноста од функционални станови соодветно Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање. Подлогата на локацијата мора да биде ажурирана, имотно-правно расчистена и прецизирана сопственоста на катастарските парцели и јасно дефинирани намените.
Овој конкурс може да биде и замка. А замки има повеќе, да им се дозволи на сопствениците да се наметнат со своите профитерски интереси, да се добие, што е скоро редовен случај според искуството од претходните конкурси, допадливо решение со 3Д рендери, но празно, нерешени функции и содржини и неизводливо, (затоа е комисијата важна). За ова да не се случи мора да разговараат Општината, сопствениците и комисијата и да се договорат. А архитектите да понудат реално и издржано решение со кое ќе им покажат и на јавноста и на сопствениците дека просторот може да биде добар и кога е помалку изградено, а решено рационално и економично со просторен и функционален квалитет. Па на крајот сите да бидат задоволни и корисниците и граѓаните и инвеститорите, кои ќе разберат дека со помалку, но подобро, добиле повеќе. И ова е можеби последна шанса архитектите на дело да покажат што знаат.
Автори: Душанка ШУЛОВИЌ, д.и.а; Сања РАЃЕНОВИЌ ЈОВАНОВИЌ, д.и.а.