Насловна / Хортикултура / Најкривата улица во светот

Најкривата улица во светот

najkrivata-ulica-1.jpgУлицата "Ломбард" во Сан Франциско е најпознатата крива улица во светот.
Некои од најскапите имоти во Сан Франциско се наоѓаат токму на оваа
адреса. Во пролет и лето кога ќе расцветаат сите цвеќиња покрај улицата,
таа претставува вистински рај за очи. За уникатниот пејзаж од колоритна
разиграност придонесуваат големиот број расцветани хидрангеи од двете
страни на улицата.

 

Овие цвеќиња не се засадени само за да се подобри естетскиот впечаток, туку и за да се спречи евентуалната ерозија на земјиштето. Самата местоположба е одлична за раст и развој на хидрангеите, бидејќи преку летото имаат потреба од постојан доток на свеж воздух, а преку зимата овој вид одлично се справува и со пониски температури. Друга нивна предност е тоа што немаат особени барања во однос на одгледувањето, а исто така немаат преголема потреба за полевање преку вегетациониот период.

Многумина често се прашуваат зошто оваа улица е толку крива. Одговорот е едноставен, а тоа е од безбедносни причини. Природната стрмнина по која се спушта улицата, во минатото претставувала сериозен ризик по безбедноста на тие што управувале со автомобилите, а и на пешаците. Првенствено, улицата била права и изградена од калдрма.

 

najkrivata-ulica-1.jpg

Луѓето што живееле во таа област, заради потребата од автомобили почнале да бараат најразлични решенија за тоа како би се движеле по неа, поради тоа што се протегала под агол од 27о. Во 1920 година е прифатен предлогот на Карл Хенри, еден од локалните жители, кој поседувал голема површина земја покрај улицата, да го добие сегашниот изглед, а деловите по кои не се движат превозни средства да се уредат, со што би се зголемил естетскиот изглед на улицата.

najkrivata-ulica-2.jpg

Овој проект бил поддржан и од градот, кој делумно ја финансирал изградбата, а за таа цел бил специјално ангажиран инженерот Клајд Хили. Со завршување на овој проект се добила побезбедна сообраќајница со пад од 16о. За да се зголеми безбедноста во сообраќајот, во 1939 година се воведува еднонасочен сообраќај, додека движењето на тешки возила во целост е забрането во 1980 година.

 

Денес, улицата е составена од осум кривини, поплочена со павер елементи, протегајќи се во еден блок, а за пешаците има посебни скалести патеки од двете страни на улицата, со должина од околу 250 стапки. Иако улицата “Ломбард” секаде се потенцира како најкривата улица во светот, всушност таа дури не е најкривата улица во Сан Франциско.

najkrivata-ulica-4.jpg

Таа чест ѝ припаѓа на улицата “Вермонт”. Сепак, сета слава оди на адреса на улицата “Ломбард”, пред сè поради целокупната просторна организација околу улицата и фотографиите што може да се направат, а кои се особено атрактивни за туристите.

 

Филип Филипоски, дипл.шум.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top