Насловна / Вести / Зошто земјотресот во Мароко беше толку смртоносен

Зошто земјотресот во Мароко беше толку смртоносен

Повеќе од 2.500 луѓе загинаа во силниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мароко на 8. септември. Епицентарот на земјотресот бил во планините Висок Атлас, 71 километар југозападно од Маракеш.

Земјината кора се состои од неколку тектонски плочи, кои постојано се во движење. Придружна појава на овие движења се земјотреси, вулкани и постојано преобликување на релјефот.

3m

Земјотресот во Мароко е последица на приближување на евроазиската и африканската плоча. Нивното движење довело до формирање на планинскиот масив Атлас, кој се протега низ Мароко, Алжир и Тунис. Епицентарот на овој разорен земјотрес бил токму во планините Атлас.

Судирите на евроазиската и африканската плоча, секако невидливи за човечкото око, предизвикуваат скратување и компресија на планините Атлас, што дополнително предизвикува триење меѓу плочите. Научниците сметаат дека овие раседи се активни веќе долго време, неколку милиони години наназад, пренесува „Live Science“.

1m

Земјотресите е невозможно да се предвидат, дури и со денешното знаење за сеизмологијата. Всушност, многу истражувачи веруваат дека тоа нема да биде возможно ниту во иднина. Она што може да го направат сеизмолозите е да ги утврдат областите каде што е најверојатна појавата на земјотреси. Ова е она што тие го нарекуваат долгорочно предвидување, кое се заснова на знаење за сеизмичкото минато и активните раседи во регионот.

2m

Студиите за сеизмички ризик исто така вклучуваат проучување на условите на почвата блиску до површината и карактеристиките на градбите. Имено, неопходно е овие ризици да се применат во градежната пракса.

Сеизмолозите велат дека луѓето не ги убиваат земјотресите, туку градбите. Зградите кои не се прилагодени на сеизмичките прописи и без конструктивна поддршка се потенцијална опасност во вакви области. Затоа, градежната регулатива мора да биде приоритет и треба редовно да се ажурира. Ова е најдобриот начин да се заштитат луѓето од овие катастрофални настани.

Испрати коментар

Scroll To Top