Насловна / Вести / Зошто во невидена енергетска криза некои земји се откажуваат од нуклеарните централи

Зошто во невидена енергетска криза некои земји се откажуваат од нуклеарните централи

Додека невидена енергетска криза го тресе европскиот пазар, Германија и Белгија планираат да ги затворат преостанатите нуклеарни централи. Експертите оценуваат дека ова е нов удар за безбедноста на снабдувањето и на цената на гасот и струјата.

По нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2009 година, Германија одлучи да се откаже од нуклеарната енергија. Сепак, исклучувањето не одеше според предвидената динамика, па од 17 нуклеарни централи, шест се уште работат. Според новата одлука, три ќе бидат затворени до крајот на годинава. Земјата ќе се потпре на обновливи извори, кои 40 отсто се ветер и сонце, а еден дел ќе земат од гасот, 12 отсто колку добиваат од нуклеарките.

nu1

Во пресрет на празникот, белгиската влада одлучи да ги затвори преостанатите две нуклеарни централи до 2025 година. Иако тоа е дел од енергетскиот план на земјата, поради енергетската криза и барањата на дел од пратениците, оставија можност одлуката да се преиспита во март.

Истовремено издвојуваат 100 милиони евра за истражување на нуклеарната енергија за да се надомести недостигот на струја.

„Излезот од нуклеарната енергија навистина е потврден, но со два услова: прво мора да обезбедиме енергетска безбедност, а второ мораме да одржуваме стабилни цени. Оваа влада донесува одлуки со потребната претпазливост за да обезбеди снабдување“, вели Александар де Крои, белгиски премиер.

Исклучување на нуклеарна централа е тешка работа, бидејќи бара многу безбедносни процедури, а чини и многу пари. Велат поевтино е да се изгради нуклеарна централа отколку да се затвори.

nu

Годинава Германците за таа цели издвоиле дури 2,4 милијарди евра. Експертите оценуваат дека тоа дополнително ќе го разниша зовриениот енергетски пазар.

Така ќе направат сериозно нарушување не само на својот, туку и на европскиот пазар, бидејќи се најголемата потрошувачка и производствена сила во Европа, сметаат експертите.

Во светот има 450 нуклеарни централи, а на глобално ниво од летово нуклеарната енергија доживува ренесанса. Во моментов се градат 31 нуклеарна централа, од кои една третина се во Кина. Четири нови електрани се во изградба во Европа.

„Многу земји: Кина, Кореја, Америка, Франција, воопшто не размислуваат дали да градат нуклеарни централи, зошто? Бидејќи фосилните горива ќе исчезнат. На Кина и треба пет пати повеќе енергија во следните 25 години отколку на целиот свет заедно. Тие не размислуваат за ништо друго освен за нуклеарни централи“, велат експертите.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, нуклеарните централи во светското производство обезбедуваат 10 отсто од енергијата и се еден од главните адути во глобалната борба за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Испрати коментар

Scroll To Top