Дури осуммина овогодишни добитници на Нобеловата награда се американски државјани, со што продолжува историскиот тренд поврзан со силата на науката во САД и нивната способност да ги привлечат најголемите светски таленти. Се разбира овој факт не е случајност, туку зад него стои силно образложение.
Американските универзитети континуирано доминираат во топ 100 листата на најдобрите во светот. Откако во 1901 година за првпат се доделени Нобеловите награди, САД има собрано 400, што е речиси три пати повеќе од Велика Британија и четири пати повеќе од Германија. Но, овие податоци, вклучуваат луѓе кои по потекло се од многу различни земји. „Навистина ги ценам приликите кои ми се дадени во оваа земја“, изјавил Ардем Патапутијан, еден од добитниците на Нобеловата награда за медицина за 2021 година, за својата работа во областа на нервните рецептори поврзани со допир. Овој американец со ерменско потекло, кој пораснал во Либан, својот успех главно им го припишува на јавниот систем на Калифорнискиот универзитет, каде што дипломирал и докторирал, како и на Истражувачкиот институт Scripps каде работи дваесет години.
Меѓу останатите американци кои оваа година се закитија со Нобел, има еден со јапонско потекло, еден со потекло од Шкотска, еден од Канада, еден од Изреал и еден со холандско потекло. „Финансирањето на темелни истражувања, односно истражувања во насока на подобрување на научните теории или разбирање на темите е во средиште на американската умешност да ги привлече кај себе најдобрите од целиот свет“, рекол Дејвид Балтимор, добитник на Нобелова награда за медицина во 1975 година. Секако, филантропијата и приватните донации изграат голема улога во финансирањето.
Иако и Кина не заостанува зад САД кога станува збор за вкупното финансирање на научните истражувања, сепак оваа земја има многу предизвици во врска со академските слободи. Марк Кастнер, професор емеритус по физика од престижниот MIT, вели дека американските универзитети имаат традиција да ги наградат со сопствени лаборатории младите научници. „Во Европа и Јапонија има големи групи предводени од еден стар професор и дури кога тој ќе се повлече доаѓа до израз некоја помлада личност, а дотогаш не е извесно дека младите ќе ги имаат најдобрите идеи“, рекол проф. Кастнер.