Одржливоста во модата е „жешка“ тема, при што истовремено и големите и малите играчи се тркаат да ја докажат својата посветеност кон „зелениот“ развој, но желбата за нови модели и масовната продукција сеуште значително придонесуваат оваа индустрија да остане меѓу најголемите светски загадувачи. Според UNEP (United Nations Environment Program) модната индустрија е вториот најголем потрошувач на вода, и е одговорна за 8-10% од глобалните емисии на јаглерод диоксид, што е повеќе од меѓународните летови и поморскиот сообраќај заедно. „На пример, потребни се 13 години за да стане питка водата која била употребена за производство ан еден пар фармерки или една маица“, вели Fee Gilfeather, експерт за одржливост во непрофитната организација OXFAM.
Штетните хемикалии, глобалниот транспорт на стоката, како и неодржливата амбалажа, придонесуваат за зголемување на трошоците поврзани со животната средина. Поради сето ова, модната индустрија е ставена пред критичкиот суд на јавноста, односно потрошувачите, кои се повеќе се интересираат за тоа „каде“ и „како“ се произведуваат нивните алишта. Тие бараат етички практики и одговорно дистрибуирање. Токму затоа, компаниите се обидуваат да одговорат на овие предизвици. Имено, дизајнерите го направија првиот чекор со обидите да ги изедначат одржливоста и луксузот. Во 2015 година, извештајот за одржливост од Nielsen, открива дека 66% од потрошувачите биле подготвени да платат повеќе, доколку станува збор за облека која не и штети на животната средина. Inditex, компанијата која е сопственик на модните брендови Zara, H&M, и многу други, ја објави својата заложба за одржливост во јули 2019, велејќи дека до 2025 година има за цел, целото производствено портфолио да биде изработено од одржливи или рециклирани материјали.
Дополнително, овој сектор веќе е вклучен и во глобалните планови за ублажување на климатските промени. Имено, на климатската конференција во Катовице во 2018 година -COP24, усвоено е посебно поглавје кое ги таргетира обврските за овој сектор. Ова поглавје ја препознава клучната улога на модната индустрија како фактор во глобалните емисии на јаглерод диоксид. Во надеж да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година, потребно е да се одговори на бројни предизвици: декарбонизација на производството, избор на одржливи материјали, нискојаглероден транспорт, подигање на свеста кај потрошувачите и сл.