Мостот Бандра – Ворли (Bandra-Worli Sea Link) е едно од инженерските чуда на Индија. Станува збор за прв мост изграден во услови на отворено море во регионот, означувајќи го почетокот на еден период на значајни инженерски постигнувања за Индија. Во периодот на најинтензивната изградба, биле вклучени околу 4000 работници и 150 инженери. Од 2001 до 2009 година, потрошени се околу 25,7 милиони работни часови во изградбата на автопатот со осум ленти и кабловски мост.
Пред да се изгради овој мост, единствената врска помеѓу Бандра и Мумбаи била преоптоварена, па бил потребен околу еден час за да се помине растојание од 8 километри. Предложеното решение за овој проблем било токму во изградба на мост. Изведбата започнува во 1999 година, а завршува во 2009 година. Првично, инвестицијата била проценета на 93 милиони УСД, за период на изведба од пет години, но има повеќектарни пробивања на роковите и зголемувања на трошоците. Целосно е завршен и пуштен во сообраќај во јуни 2009 и чинел вкупно 220 милиони УСД. Во ова здание вградени се 90.000 тони бетон.
Изградбата на мостот во услови на отворено море била предизвик уште од самиот почеток. Истражувањата покажале дека теренот под морското дно покажува екстремни варијации во однос на составот и геомеханичките карактеристики – од песок до цврсти карпи. Плимата и осеката биле дополнителен проблем во организацијата на градилиштето. Како и многу други објекти изградени врз подрачје со променливи геотехнички услови, користени се големи армирано бетонски столбови кои ги ползуваат силите на фрикција помеѓу почвата и страната од столбот со цел да ја задржат стабилноста, наместо да се потпираат на цврстите карпи под површината. Ова е слично на техниката која е користена при изградбата на Бурџ Калифа. Мостот е првиот објект во Индија кој може да издржи земјотрес од 7.0 степени според Рихтер.
Што се однесува до височината на мостот, највисокиот пилон на мостот се протега на 128 метри. Конструкцијата на мостот, всушност премостува два главни канали – Бадра и Ворли, по кои мостот го добил името. Бадра каналот има широчина од 600 метри, додека Ворли каналот е широк 350 метри.
Денес мостот е опремен со камери и други безбедносни уреди во сопственост на полицијата на Мумбаи. Овие безбедносни мерки се насочени во следење на сообраќајот на мостот и превенција од евентуално негово оштетување – намерно или ненамерно. камерите исто така го следат и бродскиот сообраќај под мостот. Што се однесува до осветлувањето на мостот, тоа е навистина импресивно, со инсталиран капаците од 1МW. Со пуштањето во сообраќај на ова значајно инфраструктурно здание, времето на патување од Бандра до Ворли се скратило од поранешните 60-90 минути, на само 10 минути.