Пратениците на Европскиот парламент предложија до 2020 година целосно да се забрани микропластиката во козметичките и други производи. Проблематичната микропластика се користи и за вештачка трева на спортските терени, но ја има и во автомобилските гуми. Одборот на Европскиот парламент за заштита на животната средина одлучи да ја поддржи наведената забрана и кај производите за лична хигиена, детергенти и производи за чистење.
Целосно е забранета и т.н оксо-биоразградлива пластика (oxo-degradable) ‒ пластика на која се додадени одредени хемикалии со цел забрзано да се разгради до микрофрагменти кои не се видливи, но остануваат во животната средина.
Микроплатиката е во средиштето на широка дебата поради стравувањето дека ситните делови од пластиката можат да завршат во ланецот на исхраната, иако сеуште не се познати многу факти за нивното влијание врз здравјето на човекот. Досегашните истражувања се фокусирани на проверка на дигестивниот тракт кај рибите, а новите пошироки студии укажуваат на присуство на пластика во црниот дроб, што докажува дека микропластиката може да стигне и до други органи.
При претставувањето на Стратегијата за пластика во јануари годинава, потпретседателот на Европската Комисија Франс Тимерманс истакнал дека „мораме да ја спречиме пластиката да навлезе во нашата вода, храна, па дури и во нашите тела”. Гласањето се очекува на пленарната седница на Европскиот парламент во септември.
Вештачка трева
Микропластиката е дел од вештачката трева која ширум светот се користи на спортските терени. Одржувањето на природната трева е скапо, посебно на терените кои често се користат или пак се изложени на неповолни временски услови. Познати фудбалски стадиони, како стадионот на Ливерпул или националниот стадион на Велс во Кардиф, целосно или делумно имаат синтетичка подлога.
Како што истакнува ФИФА, вештачката трева има рок на траење од осум години, а потоа подлогата од полиетилен и полипропилен мора да се одложи на депонија или да се рециклира.
Автомобилски гуми
Некои истражувања покажуваат дека мали делови пластика од патиштата кои настануваат со абењето на пневматиците, сочинуваат 10% од загадувањето со микроплатика. Се предлага преиспитување на материјалите од кои се изработуваат пневматиците, особено во екот на експанзијата на електричните возила. Имено, електричните возила се потешки од конвенционалните поради тежината на батеријата, па нивните пневматици побрзо се абат. Европската Комисија размислува за поставување стандарди за дозволена стапка на абење на пневматиците.