Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) ја организираше изложбата на Зоран Кардула „Минатото за иднината“ во Подгорица, која е подготвена во склоп на проектот по повод одбележување 80. години од битките на Неретва и Сутјеска и Второто заседание на АВНОЈ.
Изложбата се одржа на 13. мај во Етно џез клубот ЕЈС Сејдефа во Подгорица. За прв пат во Црна Гора беа претставени делата на нашиот уметник и графички дизајнер Зоран Кардула.
Иако беше планирано дигиталната поставка да биде прикажана на Плоштадот на независноста, поради временските услови, беше организирана во EJC Сејдефа. Изложбата се состои од два дела, едниот го сочинуваат народни хероини, а другиот споменици на НОБ, пишуваат подгорички „Вијести“.
Историчарката на уметност и член на Советот на ЦДТ д-р Татјана Копривица за „Вјести“ изјави: „Зоран вели дека неговата намера била, преку серијалот кој го сочинуваат 91 хероина, сите работени во поп-арт, манир близок до помладата генерација, укаже на тоа како ние денес ги помниме – по имињата на некои училишта, улици на периферијата на градовите, по имињата на домовите на култура, доколку не се сменети поради историскиот ревизионизам“.
Копривица истакна и дека сите хероини се живи и присутни, но дека треба да (на)учиме да ги наследуваме нивните вредности и да им ги пренесуваме на помладите генерации.
„Вториот серијал носи и премиерно прикажување на некои од спомениците на НОБ… Повеќе од 15.000 споменици на територијата на поранешна Југославија, денес не знаеме колку се сочувани… 3.000 се урнати само во Хрватска. Оние што не се урнати на територијата на Црна Гора и во другите републики, девастирани се, делумно оштетени, а најчесто до нив се изградени црковни објекти, без дозволи, па така девастирани и нивните и простори…“, рече Копривица.
На присутните им се обрати и Ивана Живковиќ од Феминистичкиот колектив фАКТИВ која истакна: „Важно е да ги помниме и да се присетуваме на нив. Додека ја гледате оваа дигитална изложба на анимациите на Зоран Кардула, 60. споменици на НОБ и 25. национални хероини на Југославија, размислете како нивните приказни можат да ни помогнат во борбите што ги водиме денес, бидејќи секоја неправда што ја чувствувате на своја кожа, вредна е борба, а секојдневието на нашите тажни националистички државички е причина за гласниот отпор“.
Таа истакна дека Кардула рекол дека внимавал на изложбата подеднакво да биде застапено братството и единството на сите народи и народности на Југославија и додаде: „Додека ги гледам овие прекрасни споменици, размислувам колку сум среќна што во моето село, среде брегот, партизан со факел сè уште го носи огнот на братството и единството. Но, тој споменик на партизан на мојот брег е повеќе исклучок отколку правило. Далмација не го слави своето антифашистичко минато. Вознемирувачко е тоа слепило. Замислете ги сите тие мали места во кои некои буквално ги кршат спомен-плочите на кои им се врежани бабите и дедовците. А стотици илјади од тие баби и дедовци ширум Југославија знаеа да ја расчистат темнината и да го запалат огнот на антифашизмот. Должни сме тој оган да го пренесуваме понатаму, должни сме да ги браниме правата и вредностите стекнати во Народноослободителната борба. Должни сме да бидеме барем делумно храбри, должни сме да бидеме барем делумно слободни како оние кои со зборовите на АФЖ, синџири и окови кинеа во борба. Ве повикувам секој ден заедно да запалиме нов пламен, пламен на надеж, контра на темнината, контра на силата, да сонуваме за поправедно општество и заедно на него да работиме“, порача Живковиќ.
Копривица изјави дека со овој проект ЦДТ сака да поттикне и на размислување за тоа што е денес антифашизам.
„Дали е тоа празна фраза, ставка во предизборните говори, линија во предизборните програми? Во суштина, многу малку денес суштински знаеме што е антифашизам и зошто го сметаме вредно наследство. Затоа се со нас во нашата акција сите што се борат против ревизија на историјата, сите што се борат против патријархатот, кои се борат против клерикализмот…“, вели Копривица и истакна дека во тоа логичен соборец е и ангажираниот уметник Зоран Кардула, кој преку своето дело, се залага за подобро и поправедно општество.
Извор: Vijesti.me