Насловна / Архитектура / Zoja Dumengjić: Архитектката која пред речиси еден век го проектирала инфективниот павилјон на болницата Fran Mihaljević вo Загреб

Zoja Dumengjić: Архитектката која пред речиси еден век го проектирала инфективниот павилјон на болницата Fran Mihaljević вo Загреб

Иако во медиумите оваа архитектка почнала да се споменува дури во 1995 година кога и е врачена наградата за животно дело „Владимир Назор“, како „најголема архитектка во Хрватска во 20-тиот век“, брзо повторно потонала во заборав. Го преживеала целиот 20-ти век, а оваа награда и е врачена дури во деведесетите години од нејзиниот живот. Ќерка на руски генерал, загребска студентка и загребска снаа,  Zoja Dumengjić  е автор на некои од најзначајните градби во Загреб.

ZD1

ZD2

 

Веќе на самиот почеток на својата кариера се специјализирала за проектирање на здравствени установи. Автор е на неколку Здравствени домови, Инфективниот павилјон на Градската инфективна болница Fran Mihaljević, како и на Општата болница и павилјонот за туберкулоза во Сплит.  Со нејзин потпис се и Медицинските центри во Карловац и Копривница, Центарот за гинеколошки карцином на клиниката во Петрова во Загреб, Болницата во Огулин и Детската болница за туберкулоза Стрмац. Последниов објект бил прво детско лекувалиште за оваа болест во тогашна Југославија, подигнато во време кога речиси секое трето прегледано дете имало симптоми на туберкулоза. После студиите во Загреб, таа специјализирала здравствена архитектура во Швајцарија. Секогаш внимавала на просторните услови во кои се сместени болните. Нејзината работа е забележана и на меѓународно ниво, па токму нејзиниот проект за инфективниот павилјон на болницата Fran Mihaljević е единствен од тогашното Кралство Југославија кој е објавен во склоп на тематскиот број Les Hôpitaux на престижниот стручен француски часопис L’architecture d’aujourd’hui во 1938 година.

ZD3

ZD4

Zoja Dumengjić  се разликувала од своите современици преку два аспекти: била архитект во тогаш доминантно машката професија и русинка која емигрирала од својата татковина. Иако нејзиниот опус е значаен и иако долго живеела (1904-2000), за неа секогаш премалку се знаело. Родена била во Одеса на Црното море. Нејзиниот татко бил генерал во руската војска, факт кој таа особено го истакнувала во текот на својот живот. Идилата на среќен семеен живот е прекината од Октомвриската револуција, а за младата Зоја следува живот во емиграција. Се сместуваат во Загреб каде таа ги завршува студиите по архитектура во 1927 година во петтата генерација на Архитектонскиот оддел на Техничкиот факултет на Кралството СХС. Таа е третата жена во историјата на установата која се стекнала со диплома по архитектура. Фактот дека е жена успешен архитект често бил истакнуван и во тогашниот печат како своевиден куриозитет, па така пишувало: „Жена инженер го изгради најмодерниот павилјон на инфективната болница“ а по војната, во духот на победите на социјализмот „жена архитект ја исполни нормата“, или „првата жена архитект која го реализира својот петгодишен план“ и сл.

Низ годините сама креирала свој специфичен архитектонски израз. Концептот за инфективниот павилјон на клиниката Fran Mihaljević, самата го нарекувала “хармоника систем“. Имено, таа осмислила павилјонот флексибилно да се модифицира во зависност од непредвидливиот број на заразените кои се појавуваат или интензивираат во одреден момент. Ова е многу интересен концепт и од денешна перспектива. Постоеле и посебни влезови.

ZD6

ZD5

После Втората светска војна работела и на проектирање на станбени згради за колективно домување. Била исклучително педантна и скромна. Нејзиниот сопруг исто така бил архитект, и често работеле заедно, но во тој архитектонски тандем таа ја имала водечката улога. Била полна со идеи и ентузијазам да ги реализира. За тие повоени години кога всушност бил и зенитот на нејзината кариера, можеби најдобро зборува неодамна починатиот архитект Filipović: „После војната настапи еуфорија и сите бевме полни со енергија, иако владееше сиромаштија. Работевме многу, но никој не се збогати“.

 

Испрати коментар

Scroll To Top