Ситуацијата во однос на архитектурата во Казахстан, е дефинирана првенствено преку комплексната историја. Како земја со богато културно наследство, нејзината архитектура вклучува контрастни традиции – од вклопување на објектите со околината до целосно истакнување во однос на околината. Денес, мноштвото футуристички кули и споменици зборуваат за едно наследство кое го карактеризира атипичен дизајн, а низата на модерни проекти покажуваат дека архитектите во оваа земја работат на изградба на нов наратив. Како најголема континентална земја и деветта по големина земја во светот, Казахстан се одликува со големи контрасти во географијата – од високи планини до пустини. Растргната помеѓу овие спротивставени пејзажи, модерната архитектура во Казахстан е концентрирана главно во градовите Нур Султан и Алма Ата.
Во текот на последните две децении, современите архитектонски проекти се појавија како вистинско освежување на оваа економија во развој. Казахстан беше последната советска република која прогласи независност, па многу јавни или поголеми проекти сега се изградени врз наследството на архитектурата од минатото. Следните проекти илустрираат некои аспекти од модерната архитектура во земјата, кои датираат од почетокот на ова столетие, а вклучуваат и јавни и приватни проекти.
Astana Arena од Tabanlioglu Architects
Настојувајќи да се наметне како симбол на главниот град, арената има спектакуларна елиптична форма и подвижен покрив кој може да биде затворен во текот на студените зимски услови. Лоцирана во близина на автопатот кој го поврзува со аеродромот, овој објект првенствено е проектиран за фудбалски натпревари, но може да се адаптира и за други спортови.
Haileybury Astana Schoоl од Cinici Architects
Haileybury, едно од најстарите и напрестижни британски училишта, својот кампус во Астана го има сместено на 12 хектари, со 20.000 m2 покриена површина. Во текот на развивањето на проектната идеја на овој кампус, морало да се одговори на следните три предизвици – пространиот и рамен релјеф на градот, комплексноста на програмата и климатските услови.
Palace of Schoolchildren од Studio 44 Architects
Проектот за оваа „Палата“ е инспириран од локалните специфики на градба. Станува збор за објект во облик на дрвена круна која ја опфаќа традиционалната јурта, со централен отвор над камин. Во овој проект се обезбедува изобилие на природна светлина преку централен атриум, со што се потенцира одржливоста, а во исто време целиот концепт се потпира на традицијата. Обединува повеќе содржини меѓу кои лизгалиште, музеј, галерија и театар.
Shell House од Lenz Architects
Дамир Усеинов и неговата архитектонска компанија Lenz Architects, проектирале вила чија основна концепција е креирање засебен изолиран и безбеден простор, од каде ќе може да се ужива во дивиот предел. Уникатната метална рамка овозможува природна светлина во ентериерот. Фасадата се состои од динамички алуминиумски панели кои користат електроника за затворање на прозорците и изолирање на куќата од околината.
Forte bank Headquarters од Saraiva + Associados
Alliance Bank, десетата по големина банка во Казахстан, си задала цел да ја зацврсти својата позиција на меѓународниот пазар со цел да стане една од вводечките банки во Централна Азија. Предлогот на S+A’s бил конципиран како неделив сегмент од корпоративната стратегија, но и незаобиколно архитектонско одбележје на главниот град. Проектот е базиран на метафората за сандаче за богатство, чија содржина е безбедна. Лоциран во административниот и бизнис центар на Астана, објектот ги презентира важните вредности во банкарството: доверба преку транспарентнот како и стабилност и сигурност.
White Line од Nravil Architects
Правејќи ја куќата колку што е можно поедноставна, проектантскиот тим го создал објектот White Line во опкружување со уникатна убавина. Главната цел била да се развие проект без да се наруши природниот пејзаж. Екстериерот на куќата изгледа различно од различни страни и нема повторувачки елементи. Панорамските прозорци даваат чувство на соедниетост со природата.