Познатиот шпански архитект проектираше павилјон за претстојниот Експо 2020 во Дубаи, чиј проект се потпира на четири елементи на грбот на Катар.
Проектот на Калатрава на катарскиот павилјон за Светската изложба 2020, кој почнува на 1 октомври оваа година, е инспириран од обликот на два вкрстени мечеви, традиционален брод и остров со палми. Генијалноста на архитектот ги претвори овие елементи од грбот на Катар во градежна форма која ќе се карактеризира со „движење, мобилност, сила и традиција“. Резултатот е заоблена структура во форма на едро, која е во симбиоза со објектот во основата.
Според презентираниот проект, павилјонот ќе има 620 квадратни метри, а главната зграда ќе достигне висина од речиси 15 метри. Павилјонот ќе содржи две главни галерии и изложбени простори во кои ќе биде прикажана историјата и културата на Катар. Златната скулптура што претставува палми ќе се наоѓа директно пред павилјонот и ќе достигне висина од 20 метри.
Формата на павилјонот, изведена од фирмата ALEC Fitout од Дубаи, е проектирана да го симболизира „прогресивниот поглед на Катар за иднината, додека останува верен на својата култура и наследство“, вели архитектот за Dezeen.
“Инспирацијата доаѓа од националниот амблем на Катар, со цел подобро да се долови суштината и визијата на нацијата. Структурната форма на павилјонот, како и архитектурата ја одразуваат формата на чамецот и неговите големи едра. Скулптурниот споменик на влезот претставува две палми, додека рефлектирачките базени и интегрираните водени површини околу павилјонот го претставуваат Арапскиот Залив“, објасни извршниот директор на Calatrava International, Микаел Калатрава, син на Сантијаго Калатрава.
Павилјонот ќе биде изработен од материјал крион, кој се состои од две третини од природни минерали и одреден процент смола со висока отпорност. Како што истакнуваат од студиото на Калатрава, ова е еколошки материјал, кој може 100 отсто да се рециклира.
Изградениот објект ќе биде изложен на Експо 2020 во Дубаи, кој беше одложен за октомври годинава поради пандемијата со коронавирусот.