Насловна / Архитектура / Животот прославува кога ќе се спојат начинот на живеење и архитектурата

Животот прославува кога ќе се спојат начинот на живеење и архитектурата

На почетокот на месецов претседавачот на Хајат Фондацијата (Hyatt Foundation) Том Прицкер (Tom Pritzker), го прогласи овогодишниот добитник на Прицкеровата награда за архитектура (Pritzker Architecture Award) Балкришна Витхалдас Доши (Balkrishna Vithaldas Doshi). Професорот Доши е 45-тиот по ред добитник на највисоката светска награда за архитектура, а која по прв пат е доделена на архитект од Индија.

BVD_Headshot

Професорот Доши е роден во Пуне (Pune), Индија во 1927 година. Поширокото Хинду семејство во кое растел веќе две генерации било вклучено во индустријата за производство на мебел коешто веројатно придонело тој од најраната возраст да покажува интерес за уметност и разбирање за пропорција. Тој, дополнително поткрепен со вовед во архитектурата за време на своето основно и средно образование во 1947 година се запишал на најстарата и една од најеминентните индиски образовни институции во доменот на архитектурата Сер Џ. Џ. школата за архитектура (Sir J. J. School of Architecture) во тогашен Бомбај (Bombay), а денес Мумбаи (Mumbai).

aranya_5

Патеката на неговиот професионален развој од Мумбаи првин го довела во Лондон во желбата да стане член на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects) за потоа да замине во Париз за да се придружи на проектантското биро на Ле Корбизје (Le Corbusier) и таму работи без оглед на тоа што не го владеел францускиот јазик кога дошол во Франција.

aranya_2

домување со ниски трошоци Aranya

Професорот Даши, одговорил на обврската и можноста да придонесе кон обновата на својата татковина која се стекнала со независност во 1947 година кога тој ги почнал своите студии во Мумбаи. По враќањето во Индија во 1954 година тој ја преземал обврската да ја надгледува реализацијата на проектите на Ле Корбизие во Чандигар (Chandigarh) и Ахмедабад (Ahmedabad). Од овој период особено се истакнува објектот на Асоцијацијата на сопственици на мелници (Mill Owner’s Association Building)) во Ахмедабад од 1954 година. Соработката со врвните архитектите од почетокот на втората деценија на минатиот век продолжила со Луис Кан (Louis Khan) во 1962 година преку изградбата на Индискиот институт за менаџмент (Indian Institute of Management) во Ахмедабад, соработка која продолжила цела деценија. Објектот на Институтот инспириран од традиционалните лавиринти на индиските градови и храмови се развивал во фази коишто биле завршени во периодот помеѓу 1977 и 1992 година. При ова комплексот бил организиран како низа на меѓусебно поврзани објекти, дворови и галерии коишто создаваат различни простори заштитени од жешката клима, додека пропорциите на ѕидовите од тула и големите коридори надополнети со зеленило им даваат чувство на посетителите дека тие истовремено се и внатре и надвор од објектот. Преку овој пристап се смета дека професорот Доши ги повикува посетителите да го доживеат своето опкружување кое се трансформира како тие минуваат низ објектот и просторите.

sangath_5

неговото архитектонско студио Сангат (Sanghat), Ахмадабад

Во меѓувреме, 1956 година го одбележала основањето на сопственото проектантско биро Вастушилпа (Vastushilpa) кое од скромните почетоци со два архитекти коишто професорот Доши ги вработил при основањето на бирото со време прераснало во Вастушилпа консултантс (Vastushilpa Consultants) кое денес има пет партнери и 60 вработени. Во изминатиот период бирото реализирало над 100 проекти, коишто вклучуваат јавни објекти, повеќенаменски комплекси, јавни простори, галерии и индивидуални станбени објекти.

Еден од најличните проекти за професорот Доши е проектот за неговото архитектонско студио Сангат (Sanghat) во Ахмадабад од 1980 година за кое вели: „Сангат ги спојува перцепциите и асоцијациите на индискиот начин на живеење. Кампусот го интегрира, но и се судира со спомените на посетените места, со што едновремено и повикува и се поврзува со заборавените епизоди. Сангат е континуирано училиште каде лицето се учи, обучува и преобучува. Тоа станало прибежиште на култура, уметност и одржливост каде се нагласени истражувањето, институционалните можности и максималната одржливост“. Се смета дека во рамките на своето студио професорот Доши ја нагласил неговата определба за потребата од соработка и општествена одговорност преку вклучувањето на заеднички простори како градина и амфитеатар на отворено. И тука тој одговорил на жешката клима во која се наоѓа објектот преку цилиндрични кровови, примената на мозаик од порцелански керамички плочки, озеленети површини и вкопани простори за да се намалат влијанијата на исклучителната топлина.

Kamala1

Куќа во Камала

Професорот Доши во 1978 година ја основал Вастушилпа фондацијата за студии и истражувања во проектирањето на животната средина (Vastushipla Foundation for Studies and Research in Environmental Design) со мисија да се развијат локални стандарди за планирање и проектирање на изградената средина, а коишто ќе бидат соодветни за индиската социо-културна и животна средина. Оваа фондација и денес претставува значајна врска помеѓу академијата и праксата во земјата.

CEPT2_0

Универзитет, Центар за животна средина и просторно планирање (CEPT), Ахмедабад

Во периодот од 1966 до 2012 година, професорот Доши бил основачот, поранешен директор и поранешен претседавач на Школата за архитектура и планирање (School of Architecture and Planning) (од 2002 година преименувана во ЦЕПТ универзитет – CEPT University) во Ахмедабад каде сè уште е декан емеритус. Објектот на центарот развиен во фази во периодот помеѓу 1996 и 2012 година е едно од неговите значајни реализации карактеризиран со скулптуралните скали коишто се стеснуваат, и ефективно намалуваат во висина, како се оди по нив и го даваат чувството на движење од еден јавен и монументален во друг приватен и поинтимен и скромен простор.

Исклучително е тешко и несоодветно во неколку пасуси да се сублимира творечкиот опус на архитект, урбанист и едукатор којшто активно делува во период од над 60 години и којшто несомнено влијаел врз развојот на архитектонската мисла како во неговата татковина, така и на меѓународно ниво. Она коешто особено се истакнува во творештвото на професорот Доши е дека тој успеал влијанијата на врвните архитекти на минатиот век како што биле Ле Корбизиер и Луис Кан да ги интерпретира и трансформира во изградени објекти коишто не само што ја почитуваат источната култура, туку и го надградуваат квалитетот на живот во Индија.

tagore_hol_3

Спомен сала на поетот Тагоре (Tagore Memorial Hall),Ахмедабад

Како други позначајни објекти од неговиот творечки опус се наведуваат Спомен салата на Тагоре (Tagore Memorial Hall) во Ахмедабад од 1967 година, Институтот за индиологија во Ахмедабад (Institute of Indology) од 1962 година и Премабхаи салата (Premabhai Hall) во Ахмедабад од 1976 година. Во доменот на домувањето се истакнуваат објектите на Камала куќата (Kamala House) во Ахмадабад од 1963 година и Бима Нагар Домувањето на Корпорацијата за животно осигурување (Bima Naga Life Insurance Corporation Housing) од Ахмедабад од 1973 година. Урбанистичкиот план и решение за Видхиадар Нагар (Vidhyadhar Nagar Master Plan and Urban Design) во Џајпур (Jaipur) од 1973 година е значаен пример кој го поврзува урбанистичкото планирање и проектирање со домувањето.

key-projects-bv-doshi-ss-dezeen-9-1704x1217

уметничка галерија Amdavad ni Gufa , Ахмедабад

За професорот Доши неговото творештво е доградба на неговиот живот, филозофија и соништа во обидите да создаде вредно богатство од архитектонскиот дух. Тој го истакнува придонесот на неговиот „гуру“ Ле Корбизје за оваа исклучителна награда со оглед на тоа дека Ле Корбизје го поттикнал да го земе предвид идентитетот и ја посочил потребата од откривање на нов регионално адаптиран современ израз, а со цел да се создаде одржлив холистички хабитат. Доделувањето на наградата професорот Доши го доживува како реафирмација на неговите верувања дека „животот прославува кога ќе се спојат начинот на живеење и архитектурата“.

aranya_3

домување со ниски трошоци Aranya

Во своето образложение жирито нагласува дека „во текот на изминатите години, Балкришна Доши секогаш создавал сериозна архитектура, која никогаш не била блескава или пак ги следела трендовите. Со длабоко чувство на одговорност и желба да се придонесе на својата земја и нејзините жители преку висококвалитетна, естетска архитектура“ со „акутно познавање на контекстот во којшто неговите објекти се лоцирани. Неговите решенија ја земаат предвид социјалната, енвироменталната и економската димензија, како резултат на што неговата архитектура целосно е вклучена со одржливоста“.

art_galeri_amdavadi

уметничка галерија Amdavad ni Gufa , Ахмедабад

Веројатно не е можно, а да не се биде восхитен од органските, како пештера, форми на подземната изложбена галерија Амдавад ни Гуфа (Amdavad ni Gufa) во Ахмедабад од 1994 со кров инспириран од „куќата“ на желките и завршно обработен како мозаик од порцелански плочки. Веројатно едно од врвните достигнување на професорот Доши е урбано-архитектонската структура на огромниот, како град по големина, Арања комплекс за домување за лица со ниски приходи (Aranya Low Income Housing) во Индоре (Indore) од 1989 година каде 80.000 лица се сместени во систем на куќи и дворови проткаени со лавиринт од внатрешни комуникации.

aranya_1

домување со ниски трошоци Aranya

Тука лица со ниски и средни примања се сместени во над 6.500 станбени единци со дијапазон од индивидуални соби до пространи домови. Слоевите коишто меѓусебно се преклопуваат во комбинација со преодните простори промовираат флуидни и адаптабилни животни услови вообичаени за индиското општество, коишто истовремено се надоврзуваат на социјалните обврски на архитектурата промовирани кон средината на минатиот век.

Последниве две реализации претставуваат добар приказ за поетското и функционалното во неговата архитектура и само ја потврдуваат оценката дека „неговото творештво во доменот на архитектура која влијае врз човештвото е длабоко лично, соодветно и значајно“. За професорот Доши „проектирањето е она што ги трансформира засолништата во домови, домувањето во заедници, а градовите во магнети на можности“.

managment_india_2

Индиски институт за менаџмент Бангалор

НАГРАДИ:

Националните и интернационалните признанија за долгогодишниот придонес кон архитектурата на професорот Доши се многубројни и вклучуваат: Офицер на редот за уметност и литература на Франција (2011), Глобалната награда за животни постигнувања во доменот на одржливата архитектура на Францускиот институт за архитектура (2007), Националната награда од премиерот на Индија за постигнувања во урбанистичкото планирање и проектирање (2000),  Ага Кан наградата за архитектура за проектот за Комунални домување во Арања (1993-1995), Златен медал на Академијата за архитектура на Франција (1988), Златен медал на Индискиот институт на архитекти (1988), и Националната награда Падма Шри на Владата на Индија (1976). Тој исто така е Заслужен член (Фелоу) на Кралскиот институт на британските архитекти и на Индискиот институт на архитекти и Почесен заслужен член на Американскиот институт на архитекти.

PremabhaiHall1

Premabhall, Ахмедабад

 Значајни објекти на Доши

  • Спомен сала на поетот Тагоре (Tagore Memorial Hall),Ахмедабад
  • Универзитет, Центар за животна средина и просторно планирање (CEPT), Ахмедабад
  • домување со ниски трошоци Aranya
  • Индиски институт за менаџмент Бангалор
  • неговото архитектонско студио Сангат (Sanghat), Ахмадабад
  • уметничка галерија Amdavad ni Gufa , Ахмедабад
  • Куќа во Камал

Испрати коментар

Scroll To Top