Насловна / Архитектура / Жив споменик на движечката сила на христијанството

Жив споменик на движечката сила на христијанството

Сум видел многу цркви и манастири во животот. Но ниту една го нема тој мистицизам како црквата на Светиот гроб во Ерусалим. Иако однадвор многу не потсетува на класична црква, чувството на возбуда можеби најдобро го објаснува растот на адреналинот кога низ ум ви поминува дека пред вас е локацијата на која е распнат Исус Христос и во која е сместена малата т.н. „Едикула“ во која според преданијата било положено неговото мртво тело од каде и воскреснал.

Vlezot vo crkvata na Svetiot grob
Речиси ништо не ви остава впечаток на некаков луксуз, возвишеност или посебен третман, иако станува збор за најсвето место во христијанството. И покрај толку многу луѓе, чувствувате безбедност и нема никакви турканици. За волја на вистината, мислам дека во нашите цркви правиме поголеми циркузи и можеме да се испокараме и за обични свеќи, но не и тука. Најверојатно стравопочитта го прави своето, но не треба да се заборават ниту тајните израелски служби кои следат сè, иако навидум сè е мирно.

Црквата на Светиот гроб се наоѓа во северозападниот дел на стариот град во Ерусалим. За разлика од она што сме навикнале да го гледаме, нема голема дворна површина, нема паркови, нема одморалишта, клупи, бехатон и слично. Втемелена, со камен влез и стара и дотраена дрвена врата, овој сакрален објект е суштинска спротивност на раскошот на црквите кои сме навикнале да ги гледаме. Од левата страна на секоја врата има неколку мермерни столбови, при што до израз доаѓа средниот од лева страна, низ чија основа се гледа вдлабеност, како лузна. Разбрав дека пред повеќе од еден век, на дочек на Нова година… гром удрил во столбот при што го расцепил. Знак божји, или природна појава која додава уште еден елемент на севкупниот мистицизам кој ве чека при правење на првиот чекор внатре. По влегувањето, на само десетина метри е т.н. „Камен на помазанието“. Тоа всушност е камена плоча на која според кажувањата било положено телото на Христос кое го подготвил Јосиф од Ариматеја. Во подземните пештери под самата црква се наоѓа и неговото вечно почивалиште. Плочата речиси и да нема рабови. Мазно е. Од допирите на стотина, илјадници… милиони аџии, таа нема раб.

Kamen na pomazanieto-1
Од десна страна, водат скалила до вториот кат каде се наоѓа карпата позната како „Голгота“ каде е кренат крстот со распнатиот божји син, додека лево се наоѓа местото на кое стоеле неговата мајка, Марија Магдалена и преостанатите од семејството и апостолите кои биле сведоци на чинот на распнувањето.
Верувањето има силна пресија врз верниците. Врз каменот на помазанието ќе видите луѓе кои се молат, ставаат предмети кои ги благословуваат, но и такви кои имаат проблеми со нозе или раце, па ги допираат до каменот во надеж дека истите ќе бидат излекувани. Над самиот камен на помазанието, се наоѓа огромен мозаик кој го илустрира чинот на распетието. Верници, туристи, љубопитни луѓе го допираат мозаикот и изговараат молитви. Нивните лица се сериозни. Некои дури имаат и солзи, најверојатно поистоветувајќи се со болката која ја поминувал синот божји на патот кон распетието, некои пак само немо набљудуваат. Нивните лица зборуваат за многу раси. Ги има црни, бели, жолти… од сите можни краишта на оваа планета. Веднаш на ум ми паѓа дека ова е единственото место на кое можат да се видат многу нации во толку голем број, а сепак сè да биде мирно и одмерено.

Edikula vo koja s enaoga Svetiot grob
Од каменот на помазанието, лево се наоѓа големата „Ротонда“ и во неа малата „Едикула“. Во неа се наоѓа мала просторија во која е Светиот гроб. Бројот на туристи и верници постојано расте. Околу неа стотина лица кои трпеливо чекаат да влезат. Стуткани околу „Едикулата“ изгледаат како опаш, како каиш кој е послан околу објектот. Трпеливо, еден по еден, влегуваат прво во малото ходниче во кое единствениот осветлен предмет од светлоста на свеќите е светиот камен на кој слетал ангелот. Редот мора да се зачува, и еден по еден, човек се наведнува и влегува во малото одајче кое има само два метри. Имате време колку за една молитва, а веднаш потоа строго ќе ви се обрати грчко свештено лице во улога на редар. Да… за волја на вистината, нашиот јужен сосед го има главниот збор во ова мистично сакрално место, и заедно со претставници на останатите верски заедници, еврејската, католичката и други, секое утро ја отвораат тешката дрвена врата од црквата на Светиот гроб, која потоа 12 часа ги собира во себе сите верници на овој свет. Така е уште од 4 век кога царот Константин ги открил металните клинови со кои бил распнат Христос и Светиот крст кој сега се чува во посебна просторија, но и низа други елементи кои укажувале на тоа дека се работи за Голгота и за локацијата каде се наоѓа гробот на Христос.

Image:
По распетите, како што кажуваа водичите, Римската Империја го затрупала местото и на него изградила храм во чест на божицата Венера. Според записите, околу 135 пр.н.е. Римјаните на ова место започнале да градат комплекс од храмови. Писателот од периодот на крстоносните војни Ориген оставил пишана трага дека гробот на првиот човек на светот, Адам, се наоѓа токму на местото каде што Исус Христос бил распнат, односно на Калварија, но секако цврсти научни докази за тоа нема. Константин не се двоумел, па веднаш паднала наредба да се изгради црква која ќе биде посветена на Светиот гроб и на христовите страдања. Од 327 до 335 година
биле изградени три делови од црквата во најразлични периоди, вклучувајќи ја и големата базилика, затворениот атриум и „Ротондата“ со „Едикулата“. Секој сегмент е заштитен, вклучително и остатокот од камениот столб на кој наводно седел Исус да се одмори, камената зандана во која бил чуван за судењето и низа други елементи од финалниот чин на синот божји. Сите тие ги гледам со стравопочит. Ретко гледате толку стари предмети, а кои ви се на дофат на рака и никој не ве спречува во тоа, за разлика од една Мона Лиза која во Лувр е заштитена со стакла и сензори. Тука сè ви е на дофат, а сепак вреди многу повеќе од една Мона Лиза.

34
За изградбата на базиликата на Светиот гроб биле потрошени големи пари и многу време, вели израелскиот водич. Самата црква била завршена во 1048 година од страна на Константин IX. Се градела речиси седум векови, иако попатно имало турбуленти периоди како оној од 1099 кога крстоносците пристигнале во одбрана на христијанството од исламот, па дури и кога била рушена па обновувана. Но, тоа се историски патеки кои не допираат до мене, бидејќи очите го впиваат секој сегмент од мистичната „Едикула“ и „Ротондата“ која се простира над неа.
Зракот светлина кој паѓа од врвот на куполата додава дополнителна мистерија на Светиот гроб. Како некоја слика од филм, надрелано, светлоста како божја рака го гали местото каде бил распнат и погребан светиот син. Црквата низ историјата неколку пати била на праг на рушење, но како таинствена сила да ја сочувала од сите налети. Од човечките, но и природните. По реконструкцијата во 1555 година, првиот поголем потрес бил во минатиот век, во 1927 година кога земјотрес со сила од 6,3 степени по Рихтер го разрушил купето. Во периодот од 1931 до 1933 година црквата била реновирана со финансиски средства на грчката држава. Во 1958 година, со договор помеѓу трите цркви на Ерусалим (грчката, ерменската и католичката) започнала реставрацијата на црквата. Последната обнова се случи непосредно пред моето доаѓање, кога биле откриени подземни води па се презела акција на спасување на „Едикулата“ што пак беше овековечено од страна на ТВ-екипа на „Национална географија“ кои го снимија кревањето на плочата од гробот по повеќе од 500 години.

33
Десно од каменот на помазанието се наоѓа амбулатор, односно скала која води кон Голгота, кое е истовремено и најукрасениот дел од црквата. Основниот олтар овде припаѓа на грчката православна црква. Овде може да се види расцепената карпа по распнувањето и раздвојувањето на Голгота, со симболично поставен крст и распнатиот Исус. Веднаш под него се наоѓа мал олтар, со мала дупка, во која ако протнете рака можете да ја почувствувате карпата со т.н. локација каде бил поставен крстот. Во подземниот дел од оваа локација се наоѓа долниот дел на Голгота кој де факто бил затрупан од страна на Римјаните, а кој Константин го откопал. Погледот нагоре, открива три правоаголни дупки кои укажуваат на локации каде биле поставувани крстовите за распнување.
Речиси на секој ѕид, можат да се забележат крстови издлабени во дебелите ѕидови на црквата на Светиот гроб, кои сведочат за милиони кои продефилирале низ неа. Од обичните верници и смртници, па сè до војските кои сакале да ја присвојат. Секој камен има историја… толку многу да се зборува, а толку малку време и место…

Vnatresnost - crkva1

Испрати коментар

Scroll To Top