Проектот на Тобиас Бекер под името „Кожи кои дишат“ (Breathing Skins Project) е базиран на концептот на биомимикријата – технологија инспирирана од органските кожи кои ја приспособуваат пропустливоста со цел низ нив да поминува светлина, материја, како и топлина, помеѓу надворешниот и внатрешниот дел.
Фасадата што ја изработил функционира така што ја зголемува и намалува големината на отворите распоредени низ целата нејзина површина, на начин сличен како што порите на кожата се отвораат и затвораат. На секој квадратен метар од фасадата која „дише“, се наоѓаат 140 канали за воздух, опишани како „пневматски мускули“. Овие „мускули“ дозволуваат одредена количина на воздух, светлина и видливост, во зависност од желбите на корисникот.
Технологијата се состои од две стаклени површини кои „во сендвич“ ги ставаат пневматските мускули, за чие отворање е доволна само мала разлика во притисокот во воздухот – тоа значи дека за функционирање на овој „жив ѕид“ не се потребни никакви механички компоненти. Овој проект е всушност дипломската работа на Тобиас на Универзитетот во Штутгарт, за која добил спонзорство од разни компании, институции и фондации, кои му овозможиле да ја доработи својата проектна идеја.
Моментално проектот е изложен во Mandelbachtal во Германија и има добиено голем број награди од кои најновата е номинацијата за престижната Green Product Award.