Насловна / Вести / Жителите на Карпош денес на протест: Стоп за згради, сакаме здравје за нашите деца

Жителите на Карпош денес на протест: Стоп за згради, сакаме здравје за нашите деца

Жителите од Карпош денес во 18 часот најавуваат масовен собир во одбрана на своето право на здрава животна средина на булевар Илинденска кај Прокредит банка. карпош

Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

Ние, граѓани на општина Карпош, бараме да се донесе одлука за стопирање на секаква градежна активност, ревидирање на целокупната документација и преиспитување на донесениот Детален урбанистички план за Градска четврт “З 04“, опфат помеѓу Бул. “Илинден“, Бул “8- ми Септември“, р.Вардар и ул. “Љубљанска“, Општина Карпош – Скопје и пренамена на површината опфатена со овој ДУП во заштитена зелена зона.

Причините се следни:

1. Деталниот урбанистички план за Градска четврт “З 04“ е донесен нетранспарентно, со големи пропусти во постапката и како таков ја крши управната постапка за донесување на еден ДУП.

2. Нашето уставно право на здрава животна средина е загрозено. Најголем еколошки стресор/хазард во Карпош е аерозагадувањето. Во Карпош за 2016 година просечната годишна концентрација на PM2.5 е 52,52 µg/m3, од средина на Август 2016 до средина на Август 2017 е 54 µg/m3. Тоа е за два пати повеќе од максимално дозволената годишна вредност, а повеќе од ПЕТ ПАТИ од препорачаната годишна вредност на Светската здравствена организација. Воздухот што го дишеме е опасно токсичен, канцероген, предизвикува кардиоваскуларни заболувања, срцеви и мозочни удари, респираторни заболувања, имунолошки пореметувања, рак, итн. Ваков е годиниве наназад со тенденција на влошување. Дишеме арсен, никел, тешки метали за кои нема безбедно ниво во воздухот. Дишеме бензо(а)пирени многу пати над максимално дозволената граница. Дишеме диоксини од постојано горење на разен отпад, гуми, кабли и ред други најлоши и најопасни загадувачки супстанци кои се таложат во нашите организми и генетски ги менуваат нашите деца. ОВА МОРА ДА ЗАПРЕ!

3. Огромниот станбен комплекс кој се планира на овој потег покрај кејот на Вардар ќе го спречи природното струење на ветрот кој токму во правецот север, северозапад е најизразен во ружата на ветрови за оваа општина. Ако до сега подобрувањето на загадувањето на воздухот во есенските и зимските месеци се должеше на ветрот, со ова ни се намалува и таа шанса за било какво подобрување. ОВОЈ ПОТЕГ МОРА ДА ОСТАНЕ ОТВОРЕН!

4. СОВЖС по овој ДУП не е направена. Влијанието на ефектот од климатските промени не е земен во предвид. Скопје/Карпош се исклучително ранливи во однос на климатските промени:

– Аерозагадувањето дополнително се влошува во услови на климатски промени. Eфектите од загадувањето на воздухот врз здравјето ќе се зголемат, вклучувајќи ги можните ефекти на озон во текот на летото: неколку илјади смртни случаи и сличен број болнички хоспитализации може да се случат секоја година. Само поради овој податок, каде аерозагадувањето ќе се влоши дополнително и струењето на воздухот блокира, градењето во овој дел покрај Вардар НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ.

– Засилен ризик од подземните води, особено во објектите во близина на реката Вардар, но и пошироко, заради високите подземни води во Скопската котлина. Градење во овој дел покрај Вардар не смее да се дозволи.

– Појавата на топлотни бранови и така наречени жешки острови во градот. Тафталиџе е веќе еден од тие урабни жешки острови во Скопје, со многу повисока температура од останатите делови.

Реката Вардар има позитивно влијание и ја намалува температурата во околината за неколку степени. Зеленилото дополнително. Урбанизацијата ја зголемува. Градење во овој дел покрај Вардар НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ.

– Опасност од поплави поради формата на трите речни слива: Горен Вардар, Треска и Лепенец што при одредени метеоролошки услови може да предизвикаат појава на коинциденција на поплавните бранови, „Дамоклов меч“ за Скопје/Карпош. Повторно, градење во овој дел покрај Вардар НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ.

– Порастот на населението од само 0,58% во Скопје доведува до максимално искористување на изворот Рашче и бунарите Нерези-Лепенец. Климатските промени само го влошуваат овој проблем дополнително со реален недостаток со вода за пиење и други потреби. Зголемена употреба на ресурси како резултат на урбанизацијата во овој дел НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ.

– Поради климатските промени и екстремните временски појави, кои само ги засилуваат неповолните ефекти, постои итна потреба за развој и заштита на урбаната зелена инфраструктура која ќе ги обезбеди, покрај конвенционалните функции, адаптивните решенија на подолг временски рок, значително влијаејќи врз адаптацијата на промените на климата и на нивното ублажување.

5. Изградбата на станбениот комплекс планиран со ДУП за Градска четврт “З 04“ е во спротивност со сите препораки за ефектот на климатиските промени во Скопје/Карпош, го влошува аерозагадувањето со дополнително блокирање на ионака редуцираното струење на воздухот, а градежните активности, во непосредна близина на постоечки домувања, ќе доведат до зголемен арсен во воздухот, поради податокот дека скоро 60% од ареснот во воздухот во Карпош потекнува од почвата. Зголемена ќе биде и концентрацијата на хром, кобалт, цинк, манган во воздухот зошто 52%, 75%, 88%, 55% од нивната концентрација соодветно потекнува од почвата. Не само што не треба да се гради, туку треба да се озелени секоја гола површина.

 

6. Овој простор природно се наметнува, поради сите наведени причини, како јавна зелена површина, „климатска инфраструктура“ на Скопје/Карпош, дел од зелениот коридор на градот и опкружувањето, согласно препораките за Скопје за создавање нови урбани зелени простори, јавни урбани градини и комбинирање на зелените површини со водени површини, поради нарушувањето на квалитетот на животната средина и присутните ефекти од климатските промени.

Затоа сметаме дека е неопходно да биде претворен во Парк Шума која ќе допринесе за подобрување на состојбата со загадувањето и ќе го ублажи ефектот на неминовните климатски промени чие засилено дејство допрва ќе го осетиме, особено што во последниве години на територијата на општина Карпош се намалуваат зелените површини кои припаѓаат на Парк шумата Водно, а еден цел парк, Паркот на Толеранција, исчезна претворајќи се во болница. Зелениот појас ќе допринесе за намалување на концентрацијата на арсен и други тешки метали во воздухот.

Затоа бараме најитно стопирање на секакви градежни активности и преиспитување на целокупната постапка. Стоп на загадувањето. Стоп на непромислена урбанизација без земање предвид на ефектот врз животната средина и на климатските промени. Сакаме паркови наместо згради, сакаме отпорен Карпош во време на климатски промени, сакаме здравје за нашите деца, а не смрт.

 

Граѓанска иницијатива “Ние сме карпош 4“

Граѓанска иницијатива “Стоп на Загадувањето”

Граѓанска иницијатива “Воздух Сега!”

Граѓанска иницијатива “Карпош 3”

Испрати коментар

Scroll To Top