Насловна / Вести / Жителите на Берлин гласаа на референдум: Сакаат да се национализираат 200.000 приватни станови

Жителите на Берлин гласаа на референдум: Сакаат да се национализираат 200.000 приватни станови

Во Берлин оваа недела, незадоволството на жителите од високите цени за изнајмување станови кулминираше. Паралелно со парламентарните и регионалните избори, гласачите во германската престолнина во неделата ја поддржаа идејата дека градската влада треба да национализира повеќе од 200.000 станови во сопственост на неколку големи компании.

0

На референдумот во неделата, 56,4 отсто од гласачите гласаа за спорниот предлог, додека 39 отсто беа против. Иницијативата смета дека големите компании за недвижности, кои поседуваат повеќе од три илјади станови, треба да бидат принудени да ги продадат по фер цена на градската власт и на тој начин, со префрлање на становите во јавна сопственост, да влијаат на висината на киријата. Берлин тој откуп би го чинел повеќе милијарди евра.

1

Опипливо незадоволство

Изјаснувањето на граѓаните не се обврзувачко – што значи дека идната градска власт нема да мора да ја спроведе оваа одлука – но покажува колку се жителите на Берлин разочарани од високите цени за изнајмување, што го прави домувањето во главниот град се помалку достапно. Тоа незадоволство беше очигледно и додека се собираа потписи за иницијативата за референдум. Беа потребни 175 илјади, а беа собрани над 340 илјади.

3

Референдумот во недела е продолжение на долгогодишната битка за цената на кириите во главниот град на Германија. Градските власти веќе презедоа одредени мерки за да се обидат да ги контролираат цените, бидејќи големо мнозинство жители на Берлин живеат во изнајмени станови. За да го направи домувањето подостапно, градската власт минатата година ги замрзна на пет години цените за изнајмување станови изградени пред 2014 година.

Не е обврзувачки, но…

Дојче веле минатата есен пишуваше дека кириите од 2014 до 2019 година, кога станува збор за нови договори, пораснале во просек за 30 отсто во споредба со предходно. Просечната кирија за стан од 60 квадратни метри, според ДВ, изнесувала околу 850 евра.

И замрзнувањето на кириите предизвика многу поделени мислења, и меѓу јавноста и меѓу политичките партии. Меѓутоа, во април оваа година, германскиот Уставен суд ја поништи таа одлука на градската власт на Берлин.

2

Резултатите од референдумот во неделата, како што е напоменато, не се обврзувачки за идната градска власт. Треба да се потсети дека во неделата во Берлин се одржаа регионални избори, на кои победија социјалдемократите, чија кандидатка Franziska Giffey би требало да дојде на чело на градот. Но, медиумите тврдат дека таа била критична кон иницијативата на референдумот.

4

…не може ни да се игнорира

Критичарите на идејата тврдат дека, со нејзино спроведување, Берлин ќе се најде во серија правни проблеми и потенцијално заплеткан во голем број тужби. Но, политички гледано, пораката на граѓаните, кои очигледно се повеќе ги мачи овој проблем, тешко дека ќе може да биде игнорирана од која било влада.

Навистина, веќе постојат толкувања дека иницијативата, уште пред луѓето да излезат на гласање, почна да влијае на постапките на градската администрација, бидејќи минатата недела беше објавено дека градот купува скоро 15 илјади станови во сопственост на две големи компании за недвижности, за што ќе издвои 2,46 милијарди евра.

Испрати коментар

Scroll To Top