„Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“, ова е референдумското прашање на кое со ЗА и ПРОТИВ треба да се изјаснат жителите на општина Центар, на 26-ти април. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција објави дека денеска до Советот на општина Центар поднел предлог-одлука за распишување на референдум на локално ниво. Toj е длабоко убеден дека референдумот ќе биде успешен бидејќи, како што вели, тоа е најчист, најавтентичен и најдиректен начин на граѓанско одлучување, најефикасна форма на директна демократија и коректив на одлуките на властите и на локално и на централно ниво.
„Референдумите се одлична можност за обединување на граѓаните, без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Референдумот е она што е потребно во моментов на Р. Македонија бидејќи тоа ќе ја врати довербата во системот и неговите институции“, рече Жерновски, посочувајќи дека ова ќе биде прв на локално ниво, во градот Скопје и во општина Центар. За споредба, во Германија годишно има повеќе од 200 референдуми, а во Хрватска десетина.
Даница Павловска од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, која заедно со општина Центар го покренува прашањето за одржување референдум за ГТЦ, посочи дека овој процес и оваа идеја трае две години, а граѓаните со цело срце, емоции, урбана култура и граѓанска одговорност, сакаат Градскиот трговски центар да го задржи автентичниот изглед. Иницијативата досега има поддршка од 4.960 граѓани, а 5.000 го поддржаа протестот пред ГТЦ. Асоцијацијата на архитекти стои зад оваа иницијатива.
„Граѓаните што се заљубеници во ваквиот ГТЦ сакаат обнова и реконструкција на ГТЦ, со нови решенија со енергетска заштита, но со задржување на сегашниот концепт. Граѓанскиот глас во одбрана на она што им припаѓа ним е најдемократски израз на непосредно одлучување. Ние покренавме иницијатива за прогласување на ГТЦ за културно наследство“, рече Даница Павловска.
Одржувањето на референдум во општина Центар ќе чини помеѓу два и три милиони денари и тоа е многу помалку од средствата што би ги дале за барокна фасада на ГТЦ, но сепак, посочува Жерновски, нема цена за да почнат граѓанските иницијативи и политичката партиципација на граѓаните и процесот на носење одлуки. „Знаеме колку се скапи барокните фасади и одржувањето на референдум на кој граѓаните ќе кажат каков ГТЦ сакаат, не може финансиски да се споредува“, рече Павловска.
Жерновски очекува градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да го поддржи одржувањето на референдум за да се слушне и спроведе волјата на граѓаните.
За предлог-одлуката треба да се изјаснат советниците на општина Центар, и одлуката на референдумот ќе се смета за донесена ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број граѓани, но на гласање треба да излезат половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список на општина Центар. Одлуката на референдумот е задолжителна, доколку на референдумот се донесе одлука да се задржи сегашниот изглед на фасадата на ГТЦ.
Советот на општина Центар е должен, во рок од 60 дена од објавување на резултатите од референдумот, да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ, во согласност со одлуката на референдумот.