Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски ја поздрави најавата на скопскиот градоначалник дека Градот Скопје може да даде предлог до Министерството за образование и наука за прекин на наставата доколку повеќе од пет дена продолжи високата загаденост.
– Како што веќе апелиравме мора итно да се донесат мерки за заштита од загадениот воздух. Утрово, воздухот во Центар е загаден девет пати повеќе од дозволеното, а вчера Скопје беше најзагаден град во Европа. Прекин на наставата е најбрзата од низата на мерки кои треба да се донесат час поскоро, за децата да не трпат последици по здравјето, вели Жерновски.
Тој апелира Министерството на образование и наука да ја прифати иницијативата на општина Центар и да донесе одлука за прекин на наставата. Од Градот и од надлежните институции побара да ги разгледаат сите останати можности и мерки и да усвојат пакет решенија за заштита на здравјето на граѓаните.