„Целиот комплекс на Железничка зграда во Скопје и старото кино кое е дел од овој објект е во многу лоша кондиција и овој простор би можел да претставува мултимедијален простор во кој ќе има можност да се случуваат дебати, изложби, дискусии. Тој треба да биде од интерес за општинските власти со што би помогнале киното да продолжи да живее како заедничка содржина на сите станари, а не да се претвори во простор кој е мамка за станарите за присвојување во приватни цели“, вели Ивана Васева кураторка на проектот „Кога зградите би зборувале“ кој ќе се одржи викендов (сабота и недела) во киното на Железничка зграда во Скопје.
Дводневниот настан опфаќа панел дискусија утре од 11 часот, со гостите од градовите-партнери на проектот Белград и Загреб и професори од Архитектонскиот факултет од Скопје, а ќе учествуваат и тројца станари на зградата Иван Џијановски, Слободан Кочевиќ и Томе Каревски. В недела пак од 12 часот е перформанс кој е дел од придружната програма на фестивалот „Млад отворен театар“, а учествуваат актерките Кристина Леловац, Сања Арсовска, Јасмина Василева и Долорес Поповиќ и самите станари.
Комплексот Железничка колонија изграден 1946 година, проектиран од архитект Михаил Дворников во Скопје претставува еден од најважните прототипови на интегрирано живеење во рамките на периметрален блок со централен двор во Република Македонија. Овој тип на станбен блок (Железничка колонија) се гради во време кога Ле Корбизје го гради Марсејскиот блок (Unite d’Habitation) што претставува културно светско наследство прогласено од УНЕСКО. Железничката колонија во Скопје е објект наменет за живеење на луѓе вработени во Државна дирекција за железници–Скопје во рамки на сојузната југословенска управа. Објектот е станбен блок со намена живеење, а е организиран со мултиплицирање на повеќе секции околу централен заеднички двор.
„Зградата ја преживеа поплавата во 1962, земјотресот во 1963, па и ланските земјотреси кои ни направија големи штети. Ние тројца кои го одржуваме зеленилото, дел од дрвцата се засадени кога се менуваше локалната власт на минатите избори. Порано имаше во секој ќош липи, но станаа опасност за становите. Сè правиме сами“, вели Иван Џијановски кој е еден од станарите вклучен во проектот од самиот почеток.
Филип Јовановски, автор на перформансот и дел од организацискиот тим вели дека целта е да се покаже како уметноста и културата на еден партиципативен начин на вклучување на заедницата влијае на одредени општествени промени.
„Она што ме интересира е создавање на уметнички проекти кои се поврзани со заедницата, во овој случај станарите од Железничка зграда со кои заедно градевме одредена приказна и дел од тој процес ќе биде претставен на перформансот в недела во 12 часот. Овој проект го покренува прашањето за важноста на јавниот простор, на социјалното домување и колективот воопшто, сè она што опфаќа оваа зграда. Што се однесува на перформансот, темата е самата зграда; едната линија е прошетка низ меморијата на тројца станари Иван, Томе и Слободан, и преку нивното сеќавање правиме прошетка за публиката низ оваа зграда, а втората е самото кино каде се одржувале секакви настани. Самата идеја да се проектира кино во еден станбен објект била многу напредна и сакаме да го потенцираме значењето на тој објект“, завршува Јовановски.
„Вклучен сум во проектот од самиот почеток пред две години и за мене како архитект беа важни две насоки: времето кога е изградена зградата и како таа се менувала и пригадолувала и како се вклопува во денешен контекст и втората односите на луѓето во самата зграда. Зградата е еден мал организам постојан изложен на промени кои се видливи и тие трансформации на зградата и луѓето ми се фокусот на утрешниот панел со гостите-колеги од Србија, Хрватска и професорите од Архитектонскиот факултет, а перформансот во недела го заокружува целиот процес. Инаку, како архитект не би менувал ништо на зградата, само би го вратил објектот на почеток, односно дворот би го отворил од двете страни и би ја продолжил пешачката пасарела за да комуницира просторот“, вели Дејан Ивановски, истражувач и ко-автор на сценариото.
Процесот „Кога зградите би зборувале“ подразбира истражување на Железничка зграда во Скопје од ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје, комплексот на згради Белвил во Белград во соработка со партнерот Супервизуелна и Фабриката Пенкала – Мостер во Загреб, во соработка со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб, во периодот од октомври 2015 – септември 2017 година.
Проектот е поддржан од Balkans Arts and Culture Fund (BAC). BAC е спроведуван од Швајцарската влада преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Европската културна фондација (ECF).
Линк до трејлер https://www.youtube.com/watch?v=N-zvzrVL-BM&feature=youtu.be
Линк до фб настан https://www.facebook.com/events/120495265321376/