Станот ентериерно уреден од тимот архитекти на Биро Проект е трособен со специфична дневна соба која се развива по должина и две спални соби со директен влез од дневниот престој. Северната ориентација и длабочината на просторот создаваа недоволно пријатен и топол простор и покрај прекрасниот поглед на градот Скопје. Идејата и желбите на инвеститорот беа да се создаде стан кој ќе биде динамичен, нема да биде монотон, а сè тоа со примена на современи материјали и техники.
Концептот на решавање на просторот на проектантскиот тим на Биро Проект е користење вертикални линиски елементи, со кои се одделуваат содржините со различна намена, користење различни материјали и бои, и сè тоа компонирано заедно претставува една логична и хармонична целина. Колоритот диктиран од постоечкиот паркет нè донесе до основната палета на бои, топли окер, жолтеникави нијанси со контрасно виолетови тонови. Акценти од зеленилото, принтот на ѕидот и останатите декори кои треба да се појават на полиците ќе го дооблагородат просторот, ќе му дадат печат на дом и препознатлив белег на неговите станари.
Организацијата на дневниот престој е логична и недвосмислена, реализирана со аголна гарнитура за седење во кафена боја и окер-жолта фотелја поставена веднаш покрај стаклениот ѕид од под до таван. Приоритет е убавиот поглед кон градот, кој е овозможен од сите места за седење. Светлината од вратата и прозорецот преку белата боја на плафон и содржините на ѕидот ги спојува влезот на станот со делот за седење, притоа задржувајќи го фокусот со содржините кои се редат, зеленилото, принтот, делот со комодата, ТВ и ѕидниот часовник.
Трпезарискиот дел е централно поставен дефиниран со линиски елементи кои се поставени слободно во просторот, па продолжуваат на плафонот и завршуваат во делот со кујната. Идејата е да се создаде еден засебен дел, кој е дефиниран со колоритот, применетите материјали, амбиентот, доловен со техниката на ѕидот и светлината, која доаѓа од висечките лустери со дизајн на крива линија, која впечатливо се оцртува во амбиентот. Кујната е отворена и директно поврзана преку шанк со делот за собирање на семејството, трпезаријата. Со користењето на дрвениот декор и антрацитот кујната станува логичен завршеток на оваа целина со трпезаријата.
Желбите и идеите на корисниците на собите го дефинираа дизајнот на останатите приватни простори во овој дом. Родителската соба е отмена со сивкасти и темни тонови со цел да го зголеми контрастот на делот од каде што доаѓа природната светлина. Белата боја на ѕидот со отворите на фасада, скриеното светло и белата боја на плафонот го дефинираат изворот на светлина, во оваа соба нема висечки светла.
Другата соба е дефинирана како комбинација на работна соба и соба за спиење. Во нишата на собата, под прозорецот поставена е по цела должина бела работна маса. Целата соба е мошне светла, обоена бело. Ѕидовите се декорирани со украсни лајсни. На тој начин се создаваат рамки во кои се поставени текстури и принтови. Амбиентот е еден вид спој на класични елементи и современи материјали.
Голема благодарност до инвеститорот кој со својата смиреност и разбирање ни дозволи да реализираме идеи и замисли во креирање убав, функционален и пријатен дом.
Автор: Биро Проект