Насловна / Арт и дизајн / Жани Гелевска-Вељановска: Сликам со јазикот на слободната, бујна љубов, реална или имагинарна

Жани Гелевска-Вељановска: Сликам со јазикот на слободната, бујна љубов, реална или имагинарна

Жанета (Жани) Гелевска Вељановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје – ФЛУ во 1989 отсек сликарство, во класата на проф. Ана Темкова. Од 1989 година е и член на ДЛУМ. Учествувала на бројни изложби и разни уметнички проекти во Македонија и во странство. Нејзините дела се излагани во повеќе од 15 земји во светот и се дел од многу приватни и јавни колекции. Жани остварила повеќе од 40 самостојни и групни изложби во Македонија, Обединетото Кралство, Франција, Унгарија, Австрија, САД, Италија, Германија и др. Таа веќе подолго време живее и работи на релација Скопје – Лондон. Работи во комбинирана техника акрил на платно со употреба и на други материјали, како хартија, дрвена подлога, текстил и метална фолија.

image_6487327 (4)_resize

 

Твојата последна самостојна изложба беше во Галеријата Акантус во 2018 година. Спремаш ли некоја нова изложба и како врз тебе и врз твоето јавно презентирање влијаеше двегодишната ситуација со КОВИД-19 пандемијата?

Пандемијата на најсуров начин ни го промени комплетно начинот на живеење на глобално ниво. Сакајќи или не нашите животи сосема и драстично се променија во однос на размислувањето и делувањето. Во вистинска смисла на зборот настапи комплетна блокада на секојдневното функционирање и физичкото движење и тоа придонесе за менување на модусот на егзистирање. Мојот динамичен живот се пренасочи кон друга димензија. Морав принудно да ги следам новите правила на игра и да се адаптирам кон истите. Пандемијата придонесе за различно восприемање на светот, давање предимство на чувствата кон блиските и кон едноставните искрени „мали“ нешта и свртување кон себе и кон сопствената творечка и креативна енергија. Немав друг избор освен да го исполнам времето со креативност. Настанаа многу нови дела, цртежи, скици. Мојата последна изложба беше заокружување на една акумулирана енергија. Се разбира од 2018 до денес, професионалните околности, приватното секојдневие, па и општествените случувања, делуваат на моето опкружение и мисловно делување. Во моментов сè уште немам договорено и дефинирано нова самостојна изложба, но се разбира планови секогаш има и нови предизвици се на повидок.

image_6487327 (1)_resize

Медитација, 30/30 см, акрилик на хартија, 2021

Галеријата Акантус за жал веќе не постои, а во Скопје сè помалку постојат физички простори за презентација на творештвото на еден уметник. Од друга страна уметниците имаат можност да се самопрезентираат и саморекламираат на најразлични виртуелни платформи на интернет. Колку за тебе е важно изложувањето на твоите дела во „живо“?

Галеријата Акантус, и нејзиниот тим, беа пример за професионализам и посветеност. Нивната постојана медиумска присутност, секојдневна активност и промоција на уметничките и културните настани и вредности во градот беа за пофалба. Од друга страна блиската соработка и комуникација на галерискиот тим со уметниците е пример како треба да работи една мала приватна галерија и нешто што во моментов недостасува во културното милје на градот. Во меѓувреме јас сум присутна на социјалните мрежи кои ми отворија нови видици, нов начин на самопрезентирање и секојдневна комуникација со публиката. Оваа дневна присутност во јавноста е исклучително забавна, можност да те следат, но и да ги следиш потенцијалните следбеници и купци. Сепак, изложувањето во галериски простор не може со ништо да се замени. Зборувам за комплетна организација на една изложба од почеток до крај. Почнувајќи од изборот на дела, припремата за каталог, опремувањето и поставувањето на делата во галерискиот простор, па сè до највозбудливиот дел – отворањето. Тоа е моментот кога се обзнануваш и се „разголуваш“ пред публиката, сите тајни се откриени и преку твоите дела ѝ дозволуваш на публиката најинтимно да те спознае и доживее. Контактот со публиката предизвикува едно посебно чувство, енергија која се шири, се сочувствува и остава печат.

Не си врзана со институција или со фиксно работно место. Може ли во денешни услови да се живее од уметност и да се опстои како слободен уметник – freelancer?

Од моето дипломирање од 1989 година сум слободен уметник. Повеќе од три децении се доволно време за созревање како уметник и градење свој стил и начин на изразување. Сама сум господар на своето време, што иако значи дека немам работно време од 7 до 3 или од 9 до 5, јас сепак работам во три смени. Посветеност, континуирана работа и искреност пред платното е моето професионално мото.

image_6487327 (2)_resize

Прегратка, 30/30 см, акрилик на дрвена подлога, 2021

Веќе подолго време си на релација Скопје – Лондон. Што црпиш како инспирација од двете средини? Зошто го сакаш Скопје, односно зошто го сакаш Лондон?

Бидејќи доста често сум и таму и ваму не би рекла дека нешто ми фали. Би рекла дека го црпам најубавото од двете места и уживам во нив. А кога ќе ме прашаат каде припаѓам, припаѓам онаму каде ме води срцето. Онаму каде што ми е делот од потесното семејство, таму сум и јас, а не има и таму и ваму. Кога сум во Скопје максимално го користам времето во моето студио, каде сликам и каде ме посетуваат, инспирираат драгите пријатели, колеги и љубителите на уметноста. Да не ја заборавам и превкусната македонска храна без која, како гурман, и не можам. Уживам и во изложбите, а последните неколку години во Скопје се реализирани фантастични изложби на наши и странски уметници во Националната галерија, во Мала Станица, во Музејот на современа уметност. Еве (впрочем?), неодамна бев на отворање на 19-тиот Зимски салон на ДЛУМ, каде куратор беше Анка Боериу од Романија и каде беа селектирани и изложени дела на 41 македонски и петмина романски уметници. Одлична изложба која топло ја препорачувам. Лондон, пак е приказна за себе, постојано нуди можност за инспирација. Динамичен, возбудлив, мултикултурен 8 милионски град во кој живеат луѓе од 200 националности и во кои се слуша џагорот на исто толку јазици. Во Лондон, музеите и галериите ми се духовна храна и инспирација, а парковите и зеленилото одмор за очи. Но, Лондон е и полн со предизвици, ти овозможува и ти дозволува да се преиспиташ, откриеш и пронајдеш себе си.

image_50750721_resize

Мојот сон, 50/50 см, акрилик на платно, 2021

И да се надоврзам на претходното прашање, што ти пречи во двете средини или поточно што им замеруваш на двата града? Ти фали ли нешто кога си во Скопје и обратно?

Кога веќе ме праша што не ми се допаѓа во Македонија, тоа е потпросечниот животен стандард, нешто за кое сосема избегнувам или малку зборувам. И тука не се работи само за материјалниот стандард, туку пред сè за ниските духовни и културни вредности и за отсуството на социјални норми. Државата е без основни правила на однесување и цивилизирано општење, закони кои постојано се кршат и не важат за сите. Исти политичари кои постојано се вртат во круг и си ги менуваат министерствата и фотелјите. Корупциски афери на секој чекор. Образование, здравство и култура доведени до работ на опстанок. Со еден збор токсична средина. Но, таа е моја (Македонија) и си ја сакам. Сепак, во предност сум и среќна сум поради тоа што моето студио ми е местото во кое се исклучувам од она што се вика реалност и која дефинитивно не ми е инспиративна.

image_6487327 (3)_resize

100 соништа, 50/50 см, акрилик на платно, 2021

Објасни им го на читателите твојот креативен процес. Што те инспирира, што ти дава поттик за творење? Колку имагинарниот свет од твоите платна е одраз на твоето секојдневие, твојата енергија, твојата емотивност?

Го сликам она што го живеам, секојдневието на моето битисување. Едноставно преку сликите го раскажувам и прераскажувам својот живот. Обоени патувања низ градови, предели, посебни места со силна енергија. Патувањата реални и имагинативни, апстрактни и фигуративни ги предоживувам и одново ги креирам во мојата глава и ги пренесувам на платното. Го сакам имагинативниот свет во кој се чувствувам слободно, опуштено и без ограничувања. Љубопитна сум и сакам да истражувам – невозможното да го направам возможно (достапно). Во мислите тоа лесно ми успева. Таму имагинарниот свет брзо станува реалност. Сакам да ги набљудувам луѓето, нивното движење, изразите на лицата, да ја препознаам радоста, среќата, тагата. Од тие чувства создавам моќна обоена проекција. Се појавуваат фигури, познати и незнајни, кои летаат и се движат низ моите платна, прегрнати, вљубени, патуваат заедно низ просторот. Сликам со јазикот на слободната, бујна љубов, реална или имагинарна, можеби и не е толку важно, бидејќи најважна е пораката.

Автор: Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

(Специјално за Порта 3 од Лондон)

image_6487327 (5)_resize

Игра, 30/30 см, акрилик на хартија, 2021

image_50729729_resize

Mr & Mrs Smith, 50/50 см, акрилик на дрвена подлога, 2021

image_50755329_resize

Прегрни ме, 30/30 см, акрилик на платно, 2021

image_50430977_resize

Будење, 30/30 см, акрилик на платно, 2021

image_50473217_resize

Испрати коментар

Scroll To Top