Носталгијата умее да боли, особено ако сфатиш дека некои убави времиња и успеси од минатото се неостварливи во ова или некое блиско идно време. Нас, генерациите што учествуваа во градежништвото во Македонија, кога тоа беше во европски рамки ГОЛЕМО, тоа особено нè боли. Проектите што се градеа по светските меридијани со незамисливи вредносни големини за денешни времиња, од по неколку стотини милиони долари вредност, беа гордост за Македонија и бивша Југославија во која бевме на самиот врв… Дојдоа други времиња. Станавме свои на своето, особено со својата беда во секој поглед… Меѓу најголемите жртви на тие времиња на транзиции, блокади, политички игри, градежни мафии и што уште не, беше и нашето големо градежништво. И, денес сме на дното, особено во правење нови високостручни кадри, способни за големи проекти.
Жан Иванов (десно) заедно со Улрих Едер, главен статичар на проектот Botlek Brucke
Затоа особено се радуваме на успесите на поединци кои успеваат таа наша традиција барем на момент да ја продолжат преку сопствениот успех на големиот светски пазар. „Порта 3“ има задоволство одвреме- навреме да презентира такви убави приказни, како што е за нашиот градежен инженер Жан Иванов. Од повеќето проекти на кои тој успешно се докажува надвор од Македонија, ви го презентираме овој за мостот Ботлек во Ротердам, за кој има добиено Speciјal Enginеering Award. За повеќе детали видете http://steelbridgeawards.com/
Новиот мост Ботлек е подвижен и е изграден за да го замени постоечкиот мост Ботлек, како дел од големиот проект автопат А15 – Maasvlakte – Vaanplein (MaVa) во Холандија. Целта на овој голем проект е да се справи со најавеното зголемување на сообраќајот по изградбата на новите бродски терминали на пристаништето во Ротердам. Новиот мост, еден од најголемите подвижни мостови во Европа и светот, е изграден во непосредна близина на постоечкиот мост Ботлек, по течението на реката Оуде Мас. Изградбата започнала во средината на 2011 година и завршила во декември 2015 година. Големиот проект А15 Ma Va вклучува и изградба на околу 47 км од автопатот помеѓу Maasvlakte и Vaanplein. Со проектот за замена на мостот се решава проблемот со тесното грло со кое се соочуваат бродовите, предизвикан од постоечкиот, низок и тесен подвижен мост кој има ограничена подвижност, а воедно и ќе се подобри протокот на возила во патниот сообраќај, кој моментално е попречен поради честото подигнување на постоечкиот мост.
Проектот вклучуваше изградба на нов мост, реновирање на тунелите Botlek и Thomassen, реновирање на 36 постоечки објекти, изградба на 12 нови објекти и инсталација на нов.
Вкупната должина на сите мостови на оваа релација изнесува 1.243 метри, додека челичниот мост Ботлек има должина од 2 х 92 м како и четири коловозни ленти со ширина од 28,40 м, две посебни ленти за бавен сообраќај и железничка пруга во двата правци со ширина од 19,05 м. Импозантно кај овој мост не се двата распони од по 92 метри, колку што е ширината со странични конзоли од 56,35 м и ширината помеѓу пилоните од 48,95 метри. Слободната висина за пловидба во спуштена положба на мостот изнесува 14 метри NN (средна надморска висина) над нивото на водата.
Челичната конструкција се состои од три паралелни решетки (А,Б и Ц) со помеѓу нив поставени коловозни плочи на попречни носачи. Вкупната висина на мостот е 16,85 метри. Интересно е да се напомене дека појасите на решетките се со затворени кутијасти пресеци со димензии 1,5 м и 2,5 метри ширина, во кои се поставени инсталациите за движење и контрола на мостот.
Инсталацијата на двата челични моста со нето тежина од по 3750 тони е завршена во септември 2014 година.
Овие два моста висат на шест 64 метри високи подигнувачки лифтовски пилони на кои се инсталирани по два кабловски барабани на кои се намотуваат челичните сајли и имаат функција на баланс помеѓу вкупната тежина на мостот од околу 5.000 тони (челик + асфалт + бетонски прагови и шини, механика…) и контра теговите од другата страна со единечна тежина од 2500. Контра теговите се направени од преднапрегнати бетонски греди долги 45,5 и високи 8 метри.
Предвидената просечна висина на кревање на мостот е 32 метри, максимална висина на кревање е 45 метри, а вкупната тежина што може да се подигне на секоја страна е 4850 тони.
Времето потребно за кревање и спуштање на мостот е 120 секунди, што е еквивалентно на еднаш во еден час или 9000 пати годишно. Одделните компоненти на двете палуби беа произведени во Хановер, Германија, и составени во Ротердам.
Целокупната инвестиција за проектот A15 MaVa е околу 1,5 милјадри евра, додека најскапиот дел претставува подигнувачкиот мост Ботлек, со приближно 200 милиони евра севкупно за фундамет, бетонски работи, челична конструкција и механиката на мостот.
Сопственик: Rijkswaterstaat (Ministry of Infrastructure and the Environment)
Архитект: Quist Wintermans Architekten bv
Конструктивно биро: VCE Vienna Consulting Engineers ZT GmbH Waagner-Biro Bridge Systems AG
Изведувач на челични конструкции: Eiffel Deutschland Stahltechnologie
Машинство и електроника: Waagner-Biro Bridge Systems AG
Главен изведувач: A-Lanes A15
Кој е Жан Иванов?
Градежниот инженер Жан Иванов е роден во Струмица во 1978 година. Високото образование го стекнал на Градежниот факултет во Скопје во 2002 година, а во 2008 година магистрирал на Економскиот факултет во Скопје. Исто така, се има стекнато и со IWE Hannover 2011 (International weelding engineer).
Работното искуство Иванов го стекнува во инженерското биро „Констат“, фирмата за монтажа ФАМ, како и инженерското биро „Стокуќа“ во Скопје. Во 2005 година, тој е водител на градилиште во Германија. Од 2007 година па сè до денес, тој работи како технички, а потоа и како финансиски менаџер – инженер во SEH Engineering GmbH (поранешен Eiffel Stahltechnologie).
Во реализацијата на проектот за изградба на мостот Ботлек, Иванов е задолжен за финансиски и технички менаџмент поврзан со челичната конструкција на мостот, од планирање, производство, транспорт, монтажа, инсталација и hand over на инвеститорот. Комуницира со инвеститорите и подизведувачите во поглед на реализацијата според договорите. Целта е да се оствари финансиски бенефит за фирмата. Од техничките задолжувања, тој води грижа за организација на планирањето, за производството, транспортот и монтажата.
Во досегашната работа има работено на повеќе проекти, но омилени му се Klimahaus Bremerhaven 2006-2008 г., ZOO Gondwanaland Leipzig 2009-2010 г., Botlek bridge (NL-Rotherdamm) 2012–2015 г. и во моментов „Neue Kattwyk Brücke“ Hamburg. Сите проекти се на SEH Engineering GmbH.