Студиото на познатата Заха Хадид го освои првото место на конкурсот за нов објект во Шенжен за компанијата ОППО која произведува телефони.
Спектакуларната зграда е дизајнирана како заедница на четири меѓусебно поврзани кули, достигнувајќи висина од 200 метри, а на преку 42 спрата се организирани 185 илјади квадратни метри простор. И овој објект на ZHA е целосно аморфен и со футуристички изглед, доведувајќи живост во прилично коцкастата населба.
Иако кулите се криви, тоа не значи дека просторот внатре не е добро организиран. Првите две кули имаат флексибилен простор со отворена форма и се поврзани со вертикално лоби што се протега на дваесет ката. Другите две кули се со поформален карактер и имаат исклучиво вертикално генерирана циркулација.
Покрај канцеларискиот простор, во новиот комплекс OPPO ќе има и јавна површина на отворено, како и ресторан, галерија и продажни места, а објектот ќе има и директна врска со блиската метро станица.
Објектот ќе биде достапен и за граѓаните за најразлични активности, така што на самиот врв ќе можат да уживаат во погледот на динамичниот Шенжен.
Изобилството на природна светлина што ќе навлезе во внатрешноста на зградата, како и разновидната работна околина и патеките за пешачење и за вработените и за посетителите, треба да имаат корист од создавање креативна атмосфера и спонтаност.
Големиот атриумски простор треба да ја зајакне визуелната врска, а со тоа и практичната соработка меѓу различните оддели на компанијата, пишува Designboom.
Новата канцеларија на OPPO е дизајнирана да ги исполни целите на LEED, што го прави многу одржлив објект.
Отворањето на овие футуристички, аморфни кули е предвидено за 2025 година.