Неодамна завршениот проект, наречен „Куќа во улицата São Francisco de Borja“ , е доказ за дизајнерскиот пристап на португалскиот архитект Ricardo Bak Gordon, номиниран за наградата Мис ван дер Рое во 2009, 2011 и 2022 година.
Оваа станбена зграда од 439 квадратни метри сместена на тесна и издолжена парцела во шармантниот кварт Лапа во Лисабон, трансформира поранешен индустриски павилјон, демонстрирајќи ја посветеноста на архитектот да создаде простор за живеење што беспрекорно се интегрира во својот контекст.
Дијалог на фасадата со внатрешното опкружување
Основната филозофија на архитектот во изградбата на куќата, па и дизајнирањето на фасадата, се заснова на можноста преку архитектурата да ја изрази современата ера притоа почитувајќи ги својствените постоечки квалитети на ова место.
„Фасадата на зградата не само што се занимава со урбаниот контекст, туку и воспоставува дијалог со внатрешната средина на куќата“, објасни Gordon за Design Boom.
Приземјето е особено добар пример на овој концепт бидејќи има дрвена решетка што ја опфаќа гаражата и пристапната врата, создавајќи визуелна врска помеѓу внатрешниот и надворешниот простор.
Покрај тоа, трпезаријата содржи фин единечен прозорец, а основата на дневната соба е во еден дел „санкционирана“ во корист на мала градина/кутија со цвеќиња, со што ефикасно се премостува јазот помеѓу внатрешниот и надворешниот простор.
Исти плочки на фасадата и внатре во лоѓијата
Протегајќи се низ парцелата, куќата се состои од два меѓусебно поврзани волумена, кои ја затвараат централна градина, до која се пристапува преку наткриена лоѓија која е целосно украсена со рачно изработени плочки. Токму оние што се користени и на уличната фасада.
Може да се каже дека распоредот на оваа резиденција нуди интересно шеталиште, откривајќи се во различни правци.
Приватните спални соби и канцелариски простори се протегаат хоризонтално, додека социјалните простори се издигнуваат вертикално, кулминирајќи во тераса на покривот со панорамски поглед на реката Тежо.
Внимателниот избор на материјали игра клучна улога во обликувањето на карактерот и атмосферата на оваа куќа. Изложениот натур бетон доминира на фасадите и таваните на зградата, евоцирајќи современа естетика.
Додавањето зелени, сјајни, рачно изработени плочки и дрво дополнително придонесуваат на единствениот карактер на објектот.
Овие материјали не само што придонесуваат за естетиката на куќата, туку служат и за воспоставување чувство за место и идентитет во локалниот контекст.