Насловна / Архитектура / Зграда во Денвер има вертикален пејзаж инспириран од кањоните на Колорадо

Зграда во Денвер има вертикален пејзаж инспириран од кањоните на Колорадо

Новото чудо во уметничкиот кварт River North (RiNo) во Денвер има вертикален пејзаж инспириран од кањонот, исклесан низ впечатлива стаклена фасада од 16 ката. Новата зграда наречена One River North привлече внимание и со комбинацијата на градба докажува колку архитектурата може да биде возбудлива и реална (ова навистина изгледа како нешто од Алиса во земјата на чудата или барем идеја што произлезе од главата на големиот Гауди).

Овој мултифункционален проект на MAD Architects обезбедува уникатно искуство кое го надминува стандардното домување. Замислете да живеете во зграда, а се чувствувате како да сте нурнати во природниот пејзаж – како да живеете внатре во самиот кањон, вели главниот архитект на MAD, Ma Yansong. Зградата, чиј дел од фасадата имитира кањон, е инспирирана од екосистемите на подножјето и кањоните на Колорадо, со звуци на водопадот што се слушаат од улицата.

Кога станарите поминуваат од 6. до 9. кат, тие влегуваат во специјално обмислени амбиенти налик на кањон. „Со проектот One River North, се стремиме да го преобликуваме урбаното живеење, интегрирајќи ги природните искуства во современа архитектура за да создадеме уникатни простори кои ја поттикнуваат заедницата и ја зајакнуваат врската на станарите со природата“, велат MAD Architects, кои со овој иновативен пристап одговориле на природните услови во Денвер. Градот е познат по суровите планини и длабоките кањони кои го опкружуваат, а во рамките на градот, споменатиот уметнички кварт претрпува извонредна трансформација; некогашниот индустриски центар, денес е живописно собиралиште на креативци, уметницит и љубители на природата кои заедно ја оживуваат креативната и активната култура на Колорадо.

Проектот One River North, завршен оваа година, одговара на потребата на Денвер за урбани станови со висока густина, со проширен начин на живот кој го нагласува здравјето и пристапноста во безбеден, прооден дел од градот. Проектот на MAD Architects ја рефлектира активната култура на градот, поттикнувајќи истражување, благосостојба и поврзување со природата што ја зајакнува врската на жителите со нивната околина, но и едни со други.

Зградата содржи 187 станбени единици распоредени на 15 ката и 9.000 квадратни метри малопродажен простор на приземјето што беспрекорно се вклопува во околниот пејзаж и улица. Надворешните материјали и зелените елементи преоѓаат во внатрешноста, дополнително поврзувајќи го внатрешниот и надворешниот простор, објаснуваат архитектите.

„Меките површини на кањонот – изрезбарен простор на четири ката инспириран од природна ерозија и дизајниран да личи на тесен кањон – проектирани се да бидат во контраст со чистите геометриски линии на зградата. Оваа карактеристика вклучува повеќе од 1.200 квадратни метри уредени тераси кои изгледаат како да висат на отворен простор, обезбедувајќи еден од најубавите погледи на градот“, велат архитектите истакнувајќи ги водните елементи кои создаваат силна врска помеѓу станарите и природната средина. Структурата инспирирана од кањонот што поминува низ фасадата создава природно искуство, спојувајќи ги внатрешните и надворешните простори и замаглувајќи ги линиите помеѓу природата и архитектурата.

Просторот инспириран од кањонот за заеднички активности вклучува седење на отворено, заеднички простории и фитнес содржини, сите проектирани да ја поттикнат интеракцијата и да ги зајакнат човечките односи. Инспириран од разновидните биолошки видови на Колорадо, овој дизајн ги одразува природните услови и уникатната флора на државата која се менува со годишните времиња. Користени се отпорни растителни видови за да се обезбеди зеленилото да напредува со текот на времето, трансформирајќи ја структурата налик на кањонот во бујна, расцутена средина што го збогатува искуството на станарите и придонесува за заедницата.

Кањонскиот простор се протега низ фасадата на зградата и завршува на уредената тераса на 16. кат. Овој простор вклучува базен, спа и градина со непречен поглед на карпестите планини и хоризонтот на Денвер.

One River North има Fitwel, престижна награда која ја нагласува посветеноста на зградата за промовирање на физичката и менталната благосостојба на нејзините станари, сертификат што е доделен на помалку од илјада згради ширум светот и што го одразува иновативниот пристап на проектот во мешањето на намени. „Ни се допаѓа насоката во која се поставуваат новите стандарди на урбано живеење фокусирани на здравјето на луѓето“, велат архитектите.

Веќе сега препознаена како ориентир во уметничкиот кварт RiNo и цел Денвер, One River North носи нов поглед на категоријата мешана градба – беспрекорно интегрирајќи ја природата, начинот на живот, удобноста и заедницата во современото станбено искуство кое сигурно ќе инспирира. многу идни проекти. „Замислете ги нашите тродимензионални урбани средини“, објаснува Ma Yansong „каде високите деловни згради и хотелите содржат градини на кров, кањони и водопади. Во оваа визија, идниот град не е само бетон и стакло; станува простор кој ги поврзува луѓето со природата. Се согласуваме дека One River North е повеќе од место за живеење – тоа е место за напредок, каде што исчезнуваат границите помеѓу урбаната средина и природниот свет“, заклучуваат архитектите.

Испрати коментар

Scroll To Top