Турскиот град Даламан е извонредна дестинација за одмор. Тиркизно крајбрежје, луксузни плажи и интересни историски локалитети. Но, освен сите овие убавини, градот има и еден куриозитет зад кој стои интересна приказна. Градот има објект за железничка станица стара повеќе од 100 години, која никогаш не видела ниту еден воз.
Приказната е поврзана со Абас Хилми Паша, отомански намесник во Александрија, Египет, на преминот кон 20 век. Во 1905 година тој се упатил кон Даламан, неговото родно место, за да го види својот имот што го наследил. Бил воодушевен од убавината на местото и речиси недопрената природа во неговата околина. Тој наредил на неговиот имот да биде изградена голема резиденција, со градина во која ќе бидат засадени еукалиптуси донесени од Египет.
Е тука веќе започнува заплетот на оваа приказна. Во исто време, со плановите за изградба на своја резиденција, Хилми Паша наредил и изградба на објект за железничка станица во Александрија. На двата проекти работеле француски архитекти и биле нарачани материјали од Франција. По завршувањето на сите проектантски и подготвителни работи, двата брода тргнале од Франција кон Даламан односно Александрија, носејќи ги проектите и материјалите. Но, по грешка тие ги смениле своите дестинации, па така проектите и материјалите за железничката станица во Александрија биле доставени во Даламан.
Бидејќи никој од работниците не ја сфатил грешката, тие без поговор ја изградиле зградата на железничката станица за многу кратко време. Грешката е откриена дури кога Хилми Паша дошол во Даламан. Не е познато дали по таа посета тој повторно се вратил во овој свој објект, но тој останал во негова сопственост до 1928 година кога сопственик станува државата Турција. Во периодот 1930 – 1958 година, зградата била полициска станица, а од 1984 година до денес, објектот го користи Директоратот за земјоделство на Даламан.