На полскиот град Краков, еден од најзагадените градови во светот кога е во прашање воздухот, ќе му пристигне помош во форма на зграда на Музичка академија, која ќе се бори со смогот.
Со надеж дека ќе се подобри квалитетот на воздухот, полското студио FAAB Architektura Adam Białobrzeski|Adam Figurski учествува со иновативен проект на конкурсот за новата зграда на Академијата за музичка уметност во полскиот град, а победникот ќе биде познат на 31 март годинава.
Нивното решение се базира на германскиот систем Green City Solutions, кој со помош на користење на посебен вид мов на покривот ефикасно ќе го прочистува воздухот и ќе го претвора од смог во биомаса.
Така, околу 1.300 квадратни метри на покривот на Музичката академија ќе бидат покриени со специјален мов, пишува Inhabitat.
Специјалната култура на мовот на оваа квадратура, ќе биде во можност да го прочистува воздухот од смог, ефикасно колку и 33.000 дрвја.
Зградата е во форма на издолжена структура која ненаметливо се вклопува во природната околина. Објектот ќе има образовно крило, концертна сала и дел за посетители, кој внимателно е сместен помеѓу постојните дрвја, со цел да се обезбеди пријатна атмосфера за студентите и посетителите.
Овој проект е во согласност со генералниот план на Краков, кој има за цел да го направат градот повеќе еколошки и со тоа повеќе пријатен за живот.
Освен зелениот покрив, за одржливоста ќе придонесат и системите за собирање на дождовница, кои би биле поставени под земја.
Системот за собирање на дождовница
Обработка на топла и ладна вода
Музичката академија ќе биде изградена на брегот на реката Висла, и тоа на земјиштето на поранешната воена база. Со цел да се намалат емисиите на штетни гасови и во оваа зона ќе биде забранет пристапот на автомобили.