Познатото биро на MAD Architects доби одобрение за проектот на оваа необична зграда во Денвер – станбена кула од шеснаесет ката наречена One River North, која има патеки исечени во фасадата исполнети со природни елементи.
Проектот е проектиран со идеја за замаглување на границите меѓу изградената и природната средина, благодарение на површината од околу 1.200 квадратни метри отворен простор, водни површини и вертикални и хоризонтални патеки на ниво на фасадата. Се очекува овој импресивен проект да биде завршен до крајот на 2023 година.
Изградбата на оваа станбена зграда е планирана на локација во River North District и е трет проект на компанијата MAD Architects во САД, и прв станбен проект со станови за изнајмување во Северна Америка.
Покрај уникатниот спој на архитектурата и пејзажот, кулата ќе има 187 апартмани, кровна тераса со базен, спа простор и градина и околу 750 квадратни метри малопродажен простор на приземјето, пишува ArchDaily.
Ребрестата фасада на зградата е проектирана да го регулира влегувањето на сончевата светлина, како и суптилно да ја рефлектира околината и небото.
“One River North е модел кој ни покажува како треба да живееме, опкружувајќи се со природната средина и внесувајќи ја природата во нашите домови за да создадеме автентични искуства во комбинација со удобностите на модерното доба“, рече Кевин Ратнер, ко. -основач на The Max Collaborative.
Проектот на MAD Architects е инспириран од природата и под влијание на легендарните форми на релјефот во Колорадо, комбинирајќи ја природата и архитектурата за да поттикне добро избалансиран живот, додаде тој.
Впечатливиот и секако необичен отвор на фасадата – инспириран од разновидните биоми на Колорадо – се протега низ десет ката, од кои четири функционираат како шеталиште.
Како што објаснува Ма Јансонг од MAD Architects, нивната потреба да се вклучат кањони, водопади, потоци и шуми во проектот произлегува од идејата дека бетонските шуми во градовите може да се гледаат како втора природа ако ги перцепираме модерните градови како пејзажи создадени од човекот.