Кина е новата мека на архитектурата, заедно со Емиратите каде секоја нова идеја во поглед на уникатните дизајни има големо добредојде. Кина многупати била дел од чудните градби, и тоа со право, ако се знае дека кинеските дизајнери ги рушат бариерите на невозможното, но со самото тоа што државата е економска велесила, јасно е дека имаат пари да направат сè што архитектите ќе замислат.
Така и пред неколку години се родила идејата за изградба на културен центар, или објект за културно изразување кој ќе биде во форма на класична кинеска работа, односно на најпознатиот напиток – чајот. Структура која претставува гигантски чајник е изградена годинава близу реката Јангце и езерото Таиху во градот Вукси.
Станува збор за модерен објект кој е егзибиционен центар и кој е базиран според дизајнот на една од главните карактеристики на Кина – чајот. Зградата има изглед на голем гигантски чајник, висината е 38,8 метри a дијаметарот на чајникот е дури 50 метри, со вкупна корисна површина од 5.000 квадратни метри!
Освен изгледот, самиот објект користи нови материјали за изградба, па и покрај големината главна одлика е алуминиумот со кој е обложена надворешната структура (фасада) на зградата-чајник, додека горниот дел кој го симболизира отворот или капакот е составен од стаклени панели. Она што е интересно е што овој централен дел навечер има специфично осветлување, а ако се додаде и опцијата за ротирање, тогаш се добива впечаток дека станува збор за чајник во кој навистина се прави чај.
Овој центар на новата уметност на Јангце е отворен официјално на 16 март годинава, а на церемонијата присуствувале над 10.000 луѓе. Инаку, изградбата на објектот ја финансирал Ванг Џианлинг од групацијата „Далијан Ванд“, кој се смета за втор најбогат човек на Кина и голем љубител на традиционалните вредности.
Освен надворешноста за која сите посетители велат дека ќе прерасне во уште една нова кинеска атракција, импозантна е и вантрешноста на „чајникот“ во кој доминира централната сала со раскошни седишта.