Насловна / Вести / Зголемувањето на температурата ја доведува во прашање иднината на Зимските олимписки игри

Зголемувањето на температурата ја доведува во прашање иднината на Зимските олимписки игри

Резултатите од студијата спроведена од меѓународен тим истражувачи, предводен од Универзитетот во Ватерло, покажуваат дека климатските промени го загрозуваат одржувањето на Зимските олимписки игри и дека многу градови кои некогаш биле домаќини нема да ги исполнат условите за нивно одржување во иднина.

ZOI

Во случај на неконтролиран раст на емисиите, само еден од поранешните градови домаќини би бил сигурен избор за новите Зимски олимписки игри.

Меѓународен тим на автори од Канада, Соединетите Американски Држави и Австрија ги прегледале историските климатски податоци на локациите кои беа домаќини на игрите од 1920 година до денес. Податоците јасно покажуваат дека Зимските олимписки игри се одржуваат во се потопли услови. Така, температурата се искачила од просечните 0,4 степени Целзиусови во текот на 1920-тите до 6,3 степени Целзиусови за време на игрите одиграни по 2000-тите.

Температурата е важна за квалитетот на снегот, а густата снежна покривка е гаранција за безбедност на скијачката патека и фер натпревар, па намалувањето на снегот, поради потоплото време, директно влијае на безбедноста на спортистите и условите за фер натпревар. Затоа, авторите на студијата сакале да испитаат кои неповолни услови можат да ги загрозат спортистите, а за четирите основни параметри кои ги прават игрите поризични, земале неприфатливо високи или ниски температури, дожд, влажен снег и лоша снежна покривка.

ZOI1

Гледајќи ги овие четири фактори и идните сценарија за климатски промени, студијата испитувала кој од 21 град што досега биле домаќини на Зимските олимписки игри би можел со сигурност да обезбеди фер и безбедни услови во иднина.

Доколку глобалните емисии на стакленички гасови не се намалат нагло, само еден град би ги исполнил таквите услови. Сепак, дури и да се постигнат целите од Парискиот договор за намалување на емисиите, само осум поранешни градови домаќини би имале доволно добри климатски услови за да бидат оценети како сигурен домаќин.

Некои од претходните организатори, како Сочи, Торино и Пјонгјанг, не би можеле да обезбедат безбедни услови за одржување на зимските спортски натпревари, дури и да се исполнат целите од Парискиот договор за климата. Други, како што е Ванкувер, би го задржале својот статус. Во истото сценарио, Сараево сепак би било делумно ризично подрачје поради недоволниот снег и високата влажност во текот на февруари.

ДОМАЌИНИТЕ МОРА ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ НА ПОТОПЛИТЕ УСЛОВИ

Истражувањето покажало дека на повеќето локации на кои се одржуваа Зимските олимписки игри, бројот на ризични услови континуирано се зголемува во последните 50 години и дека овој тренд ќе продолжи пропорционално со глобалното затоплување. Многу од ефектите биле забележливи во последниве години, а организаторите биле принудени да обезбедат дополнителни резерви на снег или да користат машини кои произведуваат вештачки снег.

“Проучивме многу начини на кои организаторите на Зимските олимписки игри се борат со ризиците од временските услови уште од првите игри одржани во Шамони, Франција, пред речиси 100 години. Сепак, постојат ограничувања кои можат да ги надминат постоечките начини на управување со климатските ризици и видовме дека овие ограничувања се надминати во Сочи и Ванкувер“, рече Мишел Рути од Факултетот за животна средина во Ватерло, една од авторките на студијата.

За време на Игрите во Ванкувер во 2010 година, хеликоптери беа потребни за транспорт на снег, а во 2014 година во Сочи, кој тогаш го постави рекордот за најтопол град домаќин на Зимските олимписки игри, организаторите мораа да складираат тони снег од претходната зима за да го користат во итни случаи.

ZOI2

СПЕЦИЈАЛНИ ПРЕДИЗВИЦИ ПРЕД ИГРИТЕ ВО ПЕКИНГ

Негативниот тренд на зима без доволно снег ги одбележуваат и игрите во Пекинг, а кои се први Зимски олимписки игри на кои целосно се користи вештачкиот снег. За да го овозможат тоа, кинеските организатори користат повеќе од 100 генератори за снег и 300 снежни топови кои имаат задача да ги одржуваат скијачките патеки.

ZOI3.јпг

Но, ова решение создава други проблеми. Организаторите можеле да искористат околу 49 милиони галони хемиски обработена вода за машините за снег, што било истакнато како посебен ризик во проценката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) за време на процесот на селекција на домаќинот.

Пекинг се наоѓа во регион кој има проблем со недостиг на вода во текот на целата година, па загрозувањето на водните ресурси би предизвикало огромна штета на населението. Кинезите се потпираат на голема подземна мрежа за акумулација и се надеваат дека благодарение на тој систем употребата на вештачки снег на Олимписките игри ќе има минимално влијание врз животната средина. Посочуваат дека се погрижиле Зимските игри да бидат во согласност со целите за одржлив развој на Обединетите нации.

КОИ СЕ БЕЗБЕДНИ И ФЕР УСЛОВИ ЗА ОЛИМПИЈЦИТЕ?

Со цел да се утврдат вистинските критериуми за безбедни и фер услови, авторите анкетирале над 300 професионални спортисти ангажирани во алпско, нордиско и слободно скијање, ски-скокови, сноуборд и други зимски дисциплини. Меѓу анкетираните имаше поранешни и идни олимпијци, како и тренери од 20 различни земји.

“Сакавме да разбереме, од перспектива на спортистот, кои климатски услови го прават натпреварот фер и безбеден, а потоа попрецизно да одредиме кои олимписки домаќини би можеле да ги обезбедат тие услови во иднина“, објасни Натали Ноулс, докторант и поранешна канадска елитна скијачка која била вклучена во истражувањето.

ZOI4

Најпосакувани услови за испитаниците се цврст снег за спортови на снег и тврди ледени површини за спортови на мраз. Вештачкиот снег е помалку прифатлив бидејќи има поголема содржина на влага, што предизвикува брзо замрзнување, што го прави полизгав, па можноста за повреда на таков снег е поголема отколку на природниот снег.

Како непожелна е оценета и тенката снежна покривка, а дополнително на натпреварувачите им пречи магла, дожд, откажани тренинзи и промена на патеката во последен момент поради лошото време.

ИДНИНАТА НА ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ СЕ УШТЕ Е ВО НАШИ РАЦЕ

“Климатските промени го менуваат лицето на Зимските олимписки игри и, за жал, ќе ја спречат кандидатурата на некои градови-домаќини кои се познати по зимски спортови“, вели Роберт Штајгер од Универзитетот во Инсбрук во Австрија, коавтор на студијата.

Се предвидува дека повеќето локации на домаќини во Европа ќе бидат маргинален или несигурен кандидат по 2050 година, дури и во сценарио со ниски емисии.

ZOI5

За да се зачува снегот на скијачките терени, клучно е да се направат напори да се запре растот на просечната глобална температура. Овој глобален проблем бара глобален одговор, а климатските промени мора да се решат заради многу други сектори освен спортовите на снег. Потребна е транзиција на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови и одржлив начин на живот за да се намали брзиот пораст на температурите.

Испрати коментар

Scroll To Top