Насловна / Вести / Зголемување на безбедноста на сообраќајот за време на новогодишните празници

Зголемување на безбедноста на сообраќајот за време на новогодишните празници

Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата по повод претстојните празнични и новогодишни празници упати до јавноста едукативен текст за зголемување на безбедноста на сообраќајот.rsbp

Под влијание на претпразничната еуфорија, во брзаницата да ја завршиме оваа година и да започнеме со нова и поубава, забораваме на она по што ќе ја паметиме годинава што минува. Да бидеме искрени, за многумина од нас, како и за РСБСП, ова не беше ни малку розева и лесна година. Оваа година, ни се случија сообраќајни незгоди со смртни последици во кои настрадаа многу невини луѓе, многу детски очиња прерано престанаа да се восхитуваат на животот и на убавините кој тој ги носи, многу семејства загубија дел од себе и останаа без своите сакани, а сите ние останавме посиромашни за загубените човечки животи, без нашите  колеги, без нашите пријатели, роднини познајници…

Но, крајот на секоја година ни дава можност да направиме пресек, да  застанеме и да размислиме за грешките во сообраќајот кои сме ги направиле, но и да си дадеме шанса и да ветиме дека истите нема да ги повториме и во годината што следи.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги поттикнува  и ги повикува сите учесници во сообраќајот, сите заедно да го дадеме првото и основно ветување: да ветиме дека ќе бидеме внимателни и дека ќе ги почитуваме правилата во сообраќајот. Многу грешки, многу изгубени човечки животи се последица  единствено на  невнимание и непочитување на сообраќајните правила и прописи, поради своеглавост и преголема самодоверба.

Пред да си ги кажеме новогодишните желби и да си упатиме новогодишни честитки едни на други, пред да посакаме секој од нас да е среќен, жив и здрав, да се потсетиме уште еднаш на  ветувањата со кои ќе се заложиме да направиме сѐ што е во наша моќ за да се зголеми безбедноста во сообраќајот на улиците и на патиштата низ земјава.

–          Да ветиме дека нема да дозволиме брзината повторно да изнудува од нас да правиме кобни грешки. Брзината со која управуваме со возилото секогаш треба да е прилагодена кон условите на патот.

–          Да ветиме дека и на најкратката дестинација на која сме се упатиле ќе користиме сигурносен појас или заштитен шлем.

–          Да ветиме дека алкохолот нема да биде тој кој ќе одлучи на која дестинација ќе патуваме.

–          Да ветиме дека и во улога на пешак ќе ги почитуваме сообраќајните правила и ќе ги дадеме истите ветувања како кога сме во автомобил, на велосипед или на мопед.

 

 

 

 

–          Да ветиме дека она што сакаме да си го кажеме ќе си го кажеме кога ќе се видиме или кога ќе пристигнеме дома, а не на мобилниот телефон  додека сме зад воланот во автомобилот.

–          Да погледнеме во себе и да си дадеме ветување дека ќе ги смениме лошите навики во сообраќајот. Љубезноста и добрите манири, се оние кои ќе го красат нашето однесување во 2017 година.

Да ги оставиме зад нас нашите неостварени ветувања, лошите навики (агресивноста, брзината, алкохолот…). Секој од нас има право да биде подобар, да направи повеќе, да даде повеќе, да сака повеќе. Да бидеме добри едни кон други, да бидеме љубезни, затоа што, не само денес, не само во овој период од годината, туку секој ден, секој од нас треба да се чувствува безбедно и да учествува безбедно во сообраќајот и денот да го заврши онаму каде што припаѓа, меѓу своите најдраги, во пријатната домашна атмосфера, на топлиот ручек во кругот на семејството, или можеби на некое друго место.

Сѐ што посакуваме на новиот пат од 365 денови поминати во автмобил, пеш, на велосипед или на мопед, е да се вратиме дома безбедно, живи и здрави. Да го прифатиме предизвикот кој ни го дава почетокот на секоја нова година, да го дочекаме секое ново утро во прегратките на саканите и да бидеме личен пример со кој ќе покажеме дека ги цениме вистинските вредности: животот, здравјето, домот и семејството. Само така ќе бидеме сигурни дека сме одбрале добар пат.

РСБСП Ви посакува среќни, весели и безбедни новогодишни празници.

Испрати коментар

Scroll To Top