Од издадените 29 одобренија за изградба на семејни куќи во месец октомври, за 28 од нив инвеститорите одбрале еден од понудените проекти што Општина Илинден ги нуди преку проектот „Бесплатни проекти за изградба на семејни куќи“. Со тоа инвеститрите може да заштедат и над 1.000 евра, колку што обично чини изработката на ваквите проекти.
Како што информираат од општината, инвеститорите имаат можност да се определат за еден од понудените четири бесплатни проекти што најмногу им одговара за изградба на индивидуални станбени објекти, избрани на распишаниот конкурс од страна на Општината.
– Покрај тоа што со моделите на семејни станбени куќи кои можат да се применат како типски објекти, Општината ќе добие многу поубав лик, олеснување на работата на администрацијата и се забрзува постапката за издавање градежни дозволи по електронски пат, односно се скратува рокот за издавање на одобренијата за градба. Така, по плаќањето на комуналиите кои изнесуваат само 2 евра по метар квадратен, граѓаните за само три дена добиваат одобрение за градба, велат од општина Илинден
Од почетокот на годината досега се издадени 147 одобренија за изградба на семејни куќи. Од нив 98 ги искористиле поволностите што им ги нуди Општината и одбрале еден од четирите понудени бесплатни проекти за изградба на семејни куќи.