Катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26 jули 1963 година резултираше со 1.070 жртви, 3.300 сериозно повредени, ~10.000 извлечени од под урнатини, ~40,000 засолнети во привремени живеалишта и ~140.000 евакуирани жители. Директните загуби предизвикани од овој земјотрес длабоко ја погодиле економијата на државата и се проценуваат на 1,2 билиони американски долари (1963) односно 15 % од БНД на СФРЈ за 1962 година.
Во деновите после земјотресот, 35 нации побараа од Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) да се стави на агендата помошта за Скопје и да отпочне кампања насочена кон националните влади и интернационалните агенции со која ќе се идентификуваат извори за помош во напорите за обнова на Скопје. Со донесувањето на Резолуцијата 1882 на Генералното собрание при ОН на 14 октомври 1963 година, духот на интернационалната солидарност демонстриран после скопскиот земјотрес се трансформира од заложба за реконструкција во симбол на пријателството и братството помеѓу народите.
Вратена пораката од Тито после 17 години
На почетокот на 1964 година, ОН и Владата на СФРЈ формираат Меѓународен консултативен одбор, со цел да ги потпомогне националните и меѓународните заложби за реконструкција на градот. Последователно, започнати се четири проекти, како основа на техничката помош од ОН.
Скопскиот земјотрес побудил високо ниво на јавна свест и активности од страна на државата, населението, научниците и инженерите за потребата од организирани и одржливи напори во доменот на справувањето со катастрофите. Земјотресните катастрофи повеќе не биле само научен проблем, туку распознаен сериозен економски, технолошки, политички и социјален проблем, не само во погодениот регион, но и на национално и меѓународно ниво. Од денешна временска дистанца слободно може да констатираме дека благодарение на заложбите на меѓународната и домашната заедница, во Скопје во 1963 година, заживува концептот на „resilience“.
Споменик на жртвите во катастрофалниот земјотрес во Скопје
Повторната изградба на градот, иницирала изработка на нов Генерален урбанистички план со сознанието дека превенцијата почнува од планирањето и дека многу аспекти во доменот на планирањето се исти со мерките во доменот на справувањето со катастрофи. За таа цел, веднаш по земјотресот во 1964 година, е донесен Правилник за технички прописи за градење во сеизмички подрачја. Во 1965 се изработуваат првите официјални карти на сеизмичко микрозонирање со кои се квантифицира сеизмичката опасност и се обезбедуваат детални информации за локалните почвени услови.
Истата година, по препорака на Меѓународниот консултативен одбор за обнова и повторна изградба на Скопје при ОН, одлуките на Владата на Република Македонија и Градот Скопје со значителна поддршка од УНЕСКО, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се основа Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија и урбанистичко планирање, денешен УКИМ-ИЗИИС, со примарен мандат да помогне и ја надгледува реконструкцијата и развојот на градот после земјотресот, да обезбеди континуирано истражување во областа на сеизмологијата и земјотресното инженерство, да обезбеди постојано стекнување на сеизмолошки и други релевантни податоци и нивна примена во процесот на проектирање и урбанистичко планирање и да овозможи со, редовни магистерски студии, обука на професионалци – градежни инженери, архитекти и планери со цел да се подобрат процесите на планирање и проектирање со трансфер и имплементација на најсовремени светски методи и процедури во оваа област.
Панорама на дел од објектите изградени во постземјотресниот период
По земјотресот во 1963 година, Скопје станува град во кој се имплементираат тогаш најновите и најуспешни светски научни методологии како основа за новата урбанизација односно изградбата на новото Скопје. Според оценките на највисоките експертски тела при ОН, новото Скопје станува пример за другите градови во светот. Постземјотресната обнова, реконструкција и ревитализација обезбедила високо ниво на заштита од природни катастрофи и ги инкорпорирала тогаш најсовремените методи во решавањето на бројните проблеми во разни домени на урбанизацијата, архитектурата, градежништвото и цивилната заштита.
ОДКУКИ КОИ ЈА ПОТВРДИЈА СОЛИДАРНОСТА НА НАРОДИТЕ НА СФРЈ ВО ОБНОВАТА НА СКОПЈЕ
Најзначајните државни одлуки за иднината на разрушениот град биле донесени веднаш по земјотресот од страна на Извршниот комитет на Централниот комитет на КПЈ, на седницата која се одржала на Бриони на 2 август 1963 година со која претседавал тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Донесени се следните одлуки и заклучоци:
– да се преземат сите мерки и да се создадат сите услови кои ќе обезбедат брза обнова и иден развој на економијата на градот и на другите јавни органи и функции;
– да се обезбеди, до крајот на 1963 година, привремено сместување со кое ќе се избегнат создадените неподобни станбени услови и ќе се овозможи обединување на семејствата;
– да се преземат сите неопходни подготовки и да се обезбедат услови кои ќе овозможат обнова и повторна изграда на Скопје во најкраток период;
– сите задачи за време на обновата и повторната изградба на Скопје да се изведат со заедничко учество на целата југословенска заедница, сите економски субјекти и сите граѓани на СФРЈ, со максимални залагања во правец на идниот развој на економијата и зголемувањето на работната продуктивност;
– средствата потребни за обнова и повторна изградба да се обезбедат и реализираат преку кредитен фонд;
– да се преземат итни мерки за обезбедување на финансиска помош од други земји, интернационални организации и поволни странски кредити;
– средствата од кредитниот фонд да се користат на начин кој ќе го поттикне интересот и иницијативите на граѓаните на Скопје за ефикасна, економска и забрзана изградба;
– да се изнајдат потребни мерки кои ќе им овозможат на претпријатијата и соодветните индустриски сектори да ги завршат задачите за повторна изградба на Скопје, како и да обезбедат техничка помош во повторната изградба на градот;
|
Станбени објекти |
Основни и средни училишта |
Болници и клиники |
Делумно или целосно срушени |
42.2 % |
27.5% |
33.5% |
Тешко оштетени |
32.9% |
74.3% |
66.5% |
Дистрибуција на оштетувања во централниот дел на Скопје од земјотресот од 1963 г.
(Извори: Skopje resurgent: The story of a United Nations special fund town planning project. New York: United Nations, 1970; Ciborovski A., 1970; Petrovski et al., 1990)
Литература:
Arsovski, T (2013). Urban Development, Reconstruction and Revitalization of Skopje, SE-40EEE, Ohrid, Macedonia.
Milutinovic, Z (2001). Recоvery of the City of Skopje following the 1963 Devastating Earthquake, Kyoto University, April, 2001.
Petrovski, J., Z. Milutinovic, and T. Arsovski (1990). “Skopje Earthquake of 26 July, 1963”. Proceedings of Workshop I on Seismic Hazard Assessment, UNDRO/UNDP/OPS Cooperative Project for Seismic Risk Reduction in the Mediterranean Region (SEISMED, RER/87/022), Santa Margherita Ligure (Genoa), Italy, May 7-11, 1990, pp. 563-584.
Автори на текстот:
Доц. д-р Радмила Шалиќ (УКИМ-ИЗИИС)
Проф. д-р Зоран Милутиновиќ (УКИМ-ИЗИИС)
Проф. д-р Роберта Апостолска (УКИМ-ИЗИИС)