Насловна / Вести / Земјотресите во Скопје (2016) и Загреб (2020) – научени лекции

Земјотресите во Скопје (2016) и Загреб (2020) – научени лекции

Земјотресите, особено оние умерените со магнитуда по Рихтер од 5-6 степени, се доста чести природни опасности со кои се соочува Балканскиот Полуостров. Иако доминантно резултираат со неконструктивни и лимитирани конструктивни оштетувања, сепак создаваат вознемиреност кај населението, но и често времено нарушување на одредени витални и општествени функции. Оттаму, неизвесноста во однос на конструктивната стабилност и безбедност на објектите станува отворено прашање, не само кај објектите за домување, туку и кај јавните, комерцијалните и индустриските објекти, каде имаме времено нарушување или стопирање на нивната функција. Справувањето со создадената паника, обезбедувањето на безбедноста на населението и повторното враќање на функциите, се предизвици со кои се соочуваат релевантните институции при вакви земјотреси.

Неодамнешните умерени земјотреси кои ги погодија градовите Скопје и Загреб во 2016 и во 2020 година беа своевиден тест на повредливоста на урбаното портфолио, свесноста и спремноста на населението, како и подготвеноста на институциите за справување со нивните последици. Скопје и Загреб, компаративни по многу аспекти (број на население, урбана површина, конструктивни типологии, градежна пракса, прописи за проектирање итн.) беа добар пример за ефектот на овие земјотреси презентирајќи лекции кои треба да се научат со цел подобрување на постојните мерки за одговор, подготвеност и заштита. Пред посебен предизвик беа исправени хрватските релеванти институции кои беа принудени да се справуваат со последиците од земјотресот во услови на пандемија на КОВИД-19, почитувајќи ги строгите пандемиски мерки и протоколи.

1

ЛЕКЦИЈА-1: Потреба од подобрување на спремноста и едуцираноста на населението за постапување во случај на земјотрес

Создадената паника и страв кај населението како последица од непознавањето на начините и правилата за постапување во случај на земјотрес беше евидентна и во двата града. Многу луѓе трчајќи ги напуштија своите домови, одбивајќи потоа да се вратат назад, па дури и во зградите градени по најновите прописи и стандарди за проектирање. Одреден дел од населението дури и ги напушти градовите, враќајќи се по неколку недели во своите домови и работни места. Лекциите од последните големи земјотреси во Скопје 1963 г. и Загреб 1880 г., како да беа заборавени.

Заклучок: Неопходност од континуирани системски обуки и кампањи за подигање на јавната свест.

2

Скопје, 11 септември 2016 г.

3

Загреб, 22 март 2020 г.

ЛЕКЦИЈА-2: Потреба од подобрување на постојните мерки и процедури за одговор, подготвеност и заштита

И покрај долгогодишното национално и југословенско искуство во справување со последиците од умерените и силни земјотреси (Дебар 1967, Улцињ 1968, Бања Лука 1969, Црна Гора 1979, Копаоник 1980, Книн 1986, Гевгелија 1990, Битола 1994 и др.) последните два земјотреси беа своевидно „изненадување“ за релевантните власти во двете земји, што јасно ја покажа потребата од итни мерки за подготвеност на системот и подобрување на тековните процедури и закони. Ефикасната и брза проценка на безбедноста и употребливоста на објектите се јави како неопходност и во двата случаи, што како таква не беше предвидена со постојните законски прописи. Креирањето на ад хок процедури резултираше со релативно долг процес на процена. Под координација на Центарот за управување со кризи во Скопје, тимови на ИЗИИС во соработка со општинските комисии прегледаа вкупно 2.885 објекти за 50 дена, додека во Загреб под координација на Кризниот штаб за оперативно управување, тимови од Градежниот факултет во Загреб и доброволци од инженерската фела прегледаа вкупно 25.528 пријавени објекти за 100 дена. Имплементацијата на најновите паметни технологии и ГИС-алатки се наметна како задолжителен сегмент во процесот на процена.

Заклучок: Подобрување на постојните мерки и процедури за одговор, подготвеност и заштита, внесување на брзата проценка на безбедноста и употребливоста на објектите како дел од процедурата за процена на штети и користење на најновите технологии и алатки со цел зголемување на ефикасноста на одговорот.

4

ЛЕКЦИЈА-3: Потреба од сеопфатна проценка на сеизмичкиот ризик

Најновиот развиен модел на изложеност за Европа, дел од Европскиот модел на сеизмички ризик ESRM20 (Crowley и сораб., 2021) кој опфаќа станбени, комерцијални и индустриски објекти, покажува дека во градовите на Балканот сè уште доминираат типологиите на ѕидани конструкции, кои како такви се едни од сеизмички најповредливите. Согласно на овој модел, ѕиданите конструкции учествуваат со 54 % во вкупното урбано портфолио на Скопје и високи 71 % на Загреб.

5

Во однос на двата последни земјотреси, пријавените штети се концентрирани во објектите од ѕидарија, постарите објекти изградени пред 1964 година, во станбените објекти и во објектите од културното наследство и кај објектите со ниска до средна катност. Она што може да се забележи од анализите е дека во Загреб штета пријавиле значително поголем број на објекти 6,85 % во однос на целокупниот фонд, наспроти Скопје со 2,19 %. Од нив како времено неупотребливи и неупотребливи се класифицирани 1,7 % во Загреб и 0,12 % во Скопје. Значително помалите бројки за Скопје се должат на фактот дека во Скопје е помал процентот на ѕидани и постари конструкции во споредба со Загреб, на што влијание има секако и Скопскиот земјотрес од 1963 г., кога поголем дел од ѕиданите објекти во Скопје беа срушени заради тешки оштетувања, а оние со полесни оштетувања беа дополнително зајакнати.

Степен на употребливост на проценетите објекти

6 9

Сеопфатната проценка на сеизмичкиот ризик, посебно во поголемите урбани средини е императив за планирање на ефективни и системски мерки за одговор и подготвеност. Непостоењето на национални модели на сеизмички ризик оневозможува веродостојна квантификација на социоекономското влијание на потенцијалните идни земјотреси и рационална основа за планирање на ефективни политики за намалување на ризикот и подобрување на подготвеноста.

Заклучок: Неопходност од развој на национални модели на изложеност и сеизмички ризик.

Сличностите, влијанието и лекциите научени од овие два земјотреса отвораат огромен простор за понатамошни истражувања со цел градење на ефективен систем за одговор, креирање на адекватни мерки за подготвеност и подигање на отпорноста на урбаните системи.

За повеќе аспекти од оваа aнализа може да прочитате на линкот (страница 840): https://crocee.grad.hr/event/2/attachments/185/300/2CroCEE%20Proceedings.pdf

Автори: Радмила Шалиќ-Макреска, Катерина Дрогрешка, Цветан Синадиновски, Забедин Незири, Зоран Милутиновиќ, Лазо Пекевски, Јасмина Најдовска, Драгана Черних-Атанасовска, Даниел Томиќ

 

Испрати коментар

Scroll To Top