Во овој број на Порта3 ви го пренесуваме последниот текст од серијата написи за поголемите земјотреси на територијата на Македонија и блиското соседство, започнувајќи од почетокот на минатиот век. Во изминатите броеви ви ги претставивме земјотресите во Пехчево-Кресна(1904 г.), Старово (1911 г.), Урошевац-Витина (1921 г., Валандово (1931 г.) и Скопје (1963 г.).
Неотектонски и сеизмотектонски карактеристики
Епицентралното дебарско подрачје, како сеизмичко жариште, е дефинирано со дел од сеизмотектонската зона која се протега во И-З правец, по трасата Ќустендил (Бугарија) – Крива Паланка – Куманово – Скопје – Гостивар – Дебар – Елбасан, а дел со системот на дримски раседи со СЗ-ЈИ протегање, со кои е формиран Дебарскиот неотектoнски грeбен.
Зоната претставува наложена неотектонска раседна структура, која сече неколку геотектонски единици. Истата е составена од повеќе раседи ен ешалон распоредени вдолж генерално и доаѓа до вертикално, а делумно и лево хоризонтално поместување на блоковите. На потегот Гостивар – Дебар раседната зона преку планината Бистра не е дефинирана, а видлива е со раседот Дебар – Елбасан кој се протега од долината на Радика преку планината Дешат до Елбасан.
Епицентралното подрачје Дебар е во врска со современиот гребен покрај градот Дебар, којшто на север, на територијата на Република Албанија, продолжува во депресијата Пешкопија. Подрачјето на оваа гребенска структура е опколено со планинските масиви (хорстови) Кораб и Стогово, ограничени со субмеридијално ориентираните Дримски, Корабски и Елбасан-Дебарски Расед. Овие раседи во долниот тек на реката Радика се вкрстуваат со Радичкиот Расед. Елбасан-Дебарскиот Расед се протега од Дебар до Елбасан. Тектонскиот јазол од овие раседи условува висока сеизмичка активност. Најсилниот земјотрес во ова подрачје се случил на 30.11.1967 година во 7 h 23 min. со магнитуда ML=6.5 и интензитет Io=IX според MSC‡64 скала. Епицентарот на овој земјотрес бил на територијата на Република Албанија, во непосредна близина на градот Дебар.
Сеизмичност на дебарското епицентрално подрачје
Сеизмичката активност на дебарското епицентрално подрачје како последица на активноста на раседот Елбасан – Дебар и на околните раседи, е претставена на слика 1. Ова епицентрално подрачје се карактеризира со честа појава на слаби земјотреси со магнитуда ML<3 и ретка појава на умерени до силни, како што е земјотресот од 1967 година (слика 2).
Слика 1. Епицентрална карта на земјотресите од дебарското епицентрално подрачје за периодот од 1901 до 2016 година
Извор на податоци: УКИМ-ПМФ-СО
Слика 2.Епицентрална карта од дебарското епицентрално подрачје за периодот од ноември 1967 до април 1968 година
Извор на податоци: УКИМ-ПМФ-СО
Табела 1. Главниот земјотрес и најсилните последователни земјотреси од серијата во 1967 година
Датум |
h:min:s |
j(o) |
λ(o) |
h(km) |
ML |
Io |
30.11.1967 |
07:23:49.9 |
41.41 |
20.43 |
20 |
6.5 |
9 |
30.11.1967 |
07:42:51.5 |
41.39 |
20.42 |
15 |
4.7 |
7 |
1.12.1967 |
18:30:58.6 |
41.42 |
20.32 |
20 |
4.7 |
6 |
2.12.1967 |
00:24:11.5 |
41.32 |
20.32 |
25 |
5.3 |
7 |
2.12.1967 |
09:27:13.5 |
41.42 |
20.42 |
20 |
4.7 |
6 |
2.12.1967 |
12:44:39.7 |
41.40 |
20.41 |
15 |
5.3 |
8 |
6.12.1967 |
00:01:56.0 |
41.29 |
20.40 |
20 |
4.5 |
6 |
19.12.1967 |
08:32:25.8 |
41.42 |
20.41 |
15 |
4.7 |
7 |
29.12.1967 |
19:49:22.8 |
41.41 |
20.41 |
15 |
4.7 |
7 |
24.2.1968 |
12:55:05.8 |
41.41 |
20.42 |
15 |
4.7 |
7 |
Главниот земјотрес на оваа серија земјотреси се случил на 30.11.1967 година во 7 h 23 min. и бил со магнитуда ML=6.5 и интензитет од IX според MSC‡64 скала. Епицентарот на овој земјотрес бил на територијата на Република Албанија, во непосредна близина на градот Дебар. Серијата траела до април 1968 година за кое време биле регистрирани 100-тина земјотреси. Најсилните од серијата во 1967 година прикажани се во табела 1 и нивната распределба по магнитуди во табела 2.
Табела 2. Распределба на бројот на земјотреси по магнитуда од оваа серија
Магнитуда |
Број на земјотреси |
> 6.0 |
1 |
5.0 – 5.9 |
2 |
4.0 – 4.9 |
43 |
Најсилните два последователни земјотреси на дебарскиот земјотрес се случиле на 2.12.1967 година во 00h и 24min. и 12 h и 44 min. со магнитуда ML=5.3.
Вкупно 19 лица загинале, а 214 биле повредени и ранети за време на земјотресот.
Настрадале околу 177 села во подрачјето на Пешкопија и Либражди. Оштетени биле 6.536 згради, 534 биле урнати до темел, а 1.623 имале тешко оштетување. Во селата Клења, Острен, Луник, Макелара, Себисхит, Ланде, Превала и Лејкан уништени или оштетени биле 75-90 % од куќите.
Голем број на жители од ова епицентрално подрачје изјавиле дека оние кои седеле во моментот на земјотресот биле соборени на земја или исфрлени во висина. Забележани се поместувања на големи камења и одронување на стени, во Луник-Превала. Уништени се голем број на патишта чија санација можела да се изврши само со помош на минирање. Постои на повеќе местоположби пукање, лизгање на почвата и избивање на вода.
Штети од случениот земјотрес се забележани на 41 место, со околу 17.600 жители. Околу 55 % од вкупниот број штети отпаѓа на станбениот фонд.
Ефекти од земјотресот имало до околината на Гостивар (село Вруток) и Битола во Република Македонија, околината на Елбасан, Фуса Руле сè до Лушња и Круја во Република Албанија, и до Призрен Република Србија. Со помали интензитети земјотресот бил почувствуван и во други подрачја од регионот.
Слика 3. Карта на изосеисти на дебарскиот земјотрес од 30.11.1967 година во 7 h 23 min.
Извор на податоци: УКИМ-ПМФ-СО
Ефекти врз изградената и природна средина
Од земјотресот во Дебар најтешко биле оштетени општините Либражди и Дибра во Албанија, и општините Долна Жупа, Дебар, Гостивар, Охрид и Струга во Македонија. Тешко или целосно уништени биле градот Дебар, 40 села во Македонија и 177 села во Албанија. Доста силниот земјотрес кој му претходел на главниот удар ги „натерал“ жителите во регионот да ги напуштат објектите и главниот удар да го дочекаат на отворено. Благодарејќи на ова предизвиканата смртност е релативно мала (вкупно 19) и 244 повредени.
Од главниот удар на земјотресот најтешко бил погоден градот Дебар со околината. Во градот 30 % од објектите биле тешко оштетени или срушени, 50 % претрпеле оштетувања што дозволуваат санација и 20 % останале неоштетени или претрпеле незначителни оштетувања, кои лесно можеле да се отстранат со релативни мали градежни зафати.
Најголеми оштетувања и рушења претрпеле објектите од слаб материјал, чии конструктивни ѕидови биле изведени со плитар и каде постоеле многу малку укрутувања или воопшто не постоеле. Оштетувања претрпеле и објектите од тврд материјал, од кои поголемиот дел претставувале ѕидани згради со тула во варов малтер. Степенот на овие оштетувања зависел од видот на конструкцијата, катноста на објектот и во најголема мерка и од локацијата на објектот и конструкцијата на темелите. Карактеристични оштетувања кај овие објекти биле косите пукнатини на ѕидовите, делумни дробења на малтерот и ѕидаријата, дислокација на делови од ѕидовите особено во скалишните делови и др. Сепарат од карактеристични фотографии од оштетувањата на индивидуалните станбени објекти е даден на сликите 4 и 5.
Слика 4. Оштетувања на станбени објекти
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Слика 5.Оштетувања на станбени објекти
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Во овој земјотрес одреден степен на оштетувања претрпеле и инженерските објекти, од кои како покарактеристични се издвојуваат оштетувањата на браните Глобочица и Шпилје (тогаш во изградба). Определени оштетувања претрпела и патната инфраструктура. Главниот пат Дебар-Охрид бил целосно блокиран како резултат на лизгања на земјиште. Мостот на патот кон Долна Жупа бил срушен, централата за електрична енергија во Дебар сериозно оштетена. Репарабилни оштетувања претрпела и фабриката за килими во Дебар.
Веднаш по катастрофата, Југословенската народна армија испратила војска (слика 6) со цел итно расчистување на урнатините и спасување на затрупаните, помош на повредените и смирување на населението. Во погодениот регион засегнати биле 18.500 жители, кои биле евакуирани или преселени во побезбедни места. Најпрво биле евакуирани 4.000 деца, жени и стари лица (слика 7). Многу од жителите биле итно префрлени во хотелските одморалишта во Охрид. Дел од фамилиите биле префрлени во Гостивар, а дел заминале кај свои блиски во другите градови и места во Македонија. Периодот после земјотресот дополнително го усложниле тешките временски услови со снег, магла и ниски температури, поради што во одредени денови помошта се доставувала со хеликоптери.
Слика 6. Помош од страна на ЈНА
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Слика 7. Евакуација на населението
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Медицинската помош била добро организирана. Веднаш тимови од медицински персонал биле испратени во погодениот регион. Дел од повредените покрај во дебарската биле транспортирани и во болницата во Скопје.
Многу набрзо пристигнала национална и интернационална помош, како и помош од интернационални невладини организации во храна, облека и парични средства. Со цел враќање на погоденото население во регионот веднаш се започнати работи за санација и реконструкција (слика 8), изградба на нови, но и привремени објекти (слика 9).
Слика 8. Санациони работи
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Слика 9. Привремен објект за домување
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Иако под „сенката“ на земјотресот во Скопје од 1963 г., и обновата и реконструкцијата на Скопје која тогаш била во тек и во зенитот на интересот на домашната и меѓународната заедница, сепак и земјотресот во Дебар предизвикал сериозна заинтересираност. Бројни официјални посети биле реализирани во погодениот регион (слика 11), а перманентни информации од погодениот регион биле доставувани преку мобилните новинарски екипи и штабови (слика 10).
Слика 10. Новинарски екипи на терен
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Слика 11. Официјална посета на погодениот регион. Претседателот на КП СРМ Крсте Црвенковски со претставници од Општина Дебар
Фото-архива на УКИМ-ИЗИИС
Веднаш по земјотресот од 30.11.1967, сеизмолошката опсерваторија при УКИМ-ПМФ инсталира привремена сеизмолошка станица во Дебар, на која, на 2 декември 1967 година, е регистриран последователен земјотрес со ML=5.5 степени по Рихтеровата магнитудна скала и забрзување на тлото од 6 % g (~0.06 m/sec2,слика 11). Акцелерограмот од слика 11, е прва регистрација добиена не само на територијата на СФРЈ, туку и Европа.
Слика 12. Прв акцелерограм во Европа
(Афтершок на земјотресот во Дебар, 2 декември 1967 г.).
После земјотресот следувале сериозни сеизмолошки, геолошки, тектонски, неотектонски и други истражувања во регионот. Во почетокот на 1968 година УКИМ-ИЗИИС изработува Препораки и упатства за санација на објектите во Дебар оштетени од земјотресат од 30 ноември 1967 година, а на почетокот на 1970 година го завршува документот Сеизмичка микрореонизација на урбанистичкото подрачје на Дебар. За разлика од Сеизмичкото микрореонирање на поширокото урбанистичко подрачје на градот Скопје кое е административно официјализирано (Сл. весник на СРМ бр. 25/1968 од 17.07.1968 година), микрозонирањето на урбанистичкото подрачје на градот Дебар не заживеало како административен плански документ, т.е. санацијата на последиците предизвикани од земјотресот од 30 ноември 1967 година, реконструкцијата и ревитализацијата, како и понатамошниот развој на градското подрачје на градот Дебар се извршени според Насоките за регионално просторно планирање и урбанистичко планирање и проектирање во сеизмички подрачја изработени од УКИМ-ИЗИИС.
Сеизмичка опасност за поширокото урбанистичко подрачје на градот Дебар
Градот Дебар според најновите карти на сеизмичко зонирање на територијата на Република Македонија (слика 13) спаѓа во зона со највисока сеизмичност во Македонија (Z-5). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европските прописи ќе бараат највисоко ниво на сеизмичка заштита.
Слика 13. Карта на сеизмичко зонирање на Македонија за повратен пероид од 475 год., изработена според барањата на стандардот МКС EN 1998-1:2012 – Еврокод 8
Извор на податоци: Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ-ИЗИИС, Скопје
Автори: З. Милутиновиќ, Р. Шалиќ; Соработници: Н. Думирџанов, В. Чејковска, Л. Пекевски, Д. Томиќ
Автори: проф. д-р Зоран Милутиновиќ1, д-р Драгана Черних-Анастасовска2, проф. д-р Никола Думурџанов3, доц. д-р Радмила Шалиќ1, доц. д-р Кемал Едип1, м-р Катерина Дрогрешка2, д-р Вера Чејковска2, м-р Јасмина Најдовска2, Даниел Томиќ1.
1 Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)
2 Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Природно-математички факултет, сеизмолошка опсерваторија
3 Рударско-геолошки факултет во Штип
(Крај)