Албанската полиција уапси неколку лица, меѓу кои и службени лица на институции, поранешни функционери и градежници, а по неколку други се трага поради обвинение за разни кривични дела поврзани со жртвите од земјотресот и оштетувањето на зградите од земјотресот на 26 ноември, што предизвика смрт на десетици лица, а стотици беа повредени, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Управата на полицијата во Драч преку соопштение за медиумите потврди дека врз основа на собраните докази, Обвинителството на Судскиот округ Драч издало 17 наредби за притвор, од кои девет се извршени, а продолжува потрагата по останатите.
“Од направените истражни дејствија, постои сомнение дека штетата на овие згради и последиците врз животот на луѓето се должи на изградбата спроведена без придржување кон правилата, нормите и стандардите од областа на градежништвото. Го потенцираме фактот дека дел од лицата, за кои Обвинителството издаде наредба за приведување, ја напуштиле земјата веднаш по земјотресот“, се вели во соопштението.
Уапсените лица се обвинети за разни дела, како што се „намерно убиство“, „убиство во други квалификувани околности“, „злоупотреба на функцијата“ и „фалсификување документи“.
Во силниот земјотрес што ја погоди Албанија на 26 ноември, загинаа 51 лице, стотици беа повредени, а предизвикана е и значителна материјална штета.
Како резултат на земјотресот беа уништени згради, куќи, културни споменици, училишта и институции.