Меѓународниот научен панел соопшти дека планетата Земја поради човековите активности влегла во нова геолошка епоха која е наречена Антропоцена. Комитетот на научници, своето тврдење го аргументира со тезата дека последиците од активностите на човекот ќе останат забележени во седиментите и карпите, како и дека експанзијата во развојот довела до големи промени во екосистемот кој е потребно да се класифицира. Меѓу тие промени се наоѓаат и илјадници тони пластика, бумот во употребата на бетонот, огромните количини азот и фосфор во почвата, како и се поголемата концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата.
Брзината со која во моментот на планетата изумираат растителните и животинските видови, исто така ќе остане забележан во облик на фосили. Многу научници, поради фактот дека видовите умираат 100 пати побрзо отколку кога би немало луѓе, сметаат дека природата е во фаза на шестото големо изумирање на видовите.
Едни од најголемите промени се последиците од нуклеарните активности, односно нуклеарните проби чии траги ќе бидат видливи илјадници години. Освен во самата почва, доказите за нуклеарните активности и согорувањето на фосилните горива ќе останат забележани и во мразот.
Главно, научниците се согласни дека се наоѓаме во нова геолошка епоха, а останува само да се одреди кога точно таа започнала, иако повеќето се согласни дека започнала во средината на минатиот век кога производството на пластика и бетон, како и нуклеарната трка достигнуваат вистинска пресвртница во својот развој.