8.000 м2 околу станбените блокови зад „Зелен Пазар“, на потегот од булевар „11 Октомври“ до улица „Македонија“, ќе добијат нов изглед. Наместо исушената, ќе се засади нова трева.
Општина Центар целосно ќе го реконструира тревникот. Ќе се засадат нови 2.300 садници, кои ќе се наводнуваат со автоматски систем приклучен на хидрантската парковска мрежа.
За поголема разиграност на просторот, планирани се неколку алпинетуми, формирани од различен вид садници, како и цветни леи со 3.000 петунии.
Паркот ќе ја задржи убавината во текот на целата година, бидејќи ќе се посадат листопадни и зимзелени садници, зимзелени и листопадни грмушки и зимзелени покривачи. На локацијата ќе има и 2 зимзелени магнолии, со преубави бели цветови.
Старото и руинирано детско игралиште е веќе извадено. Тука децата ќе можат да си играат на нови и современи реквизити. За нивна поголема безбедност, ќе биде поставена и заштитна гумена подлога, која е лесна за чистење и за одржување.
Со ова, општина Центар комплетно го реновираше целиот Градски ѕид. Во сите негови сегменти обновено е зеленилото, насадени се нови дрвја и цвеќе, поставен е систем за полевање и нови детски игралишта.