Внатрешен дизајн: Претопување на функцијата во стил (може, а и не мора)
Ако архитектурата го дефинира надворешниот облик на просторот, внатрешниот дизајн е неговата душа. Преку внимателен избор на бои, текстури и мебел, внатрешниот дизајн создава атмосфера која го изразува карактерот на просторот и личноста на неговите жители. Секој елемент е поставен со цел да ја засили функцијата на просторот, истовремено обезбедувајќи чувство на комфор и убавина.
Простор што го спојува минатото и модерното: Реновирање на стан во „Градски ѕид“, наречен Зеленикав стан – Greeny apartmen.
Во срцето на Скопје, во композицијата „Градски ѕид“ – симболот на постземјотресното обновување на градот – се наоѓа стан што раскажува приказна за хармонија меѓу архитектонското наследство и модерниот дизајн. Проектот за реновирање на овој простор се потпира на важноста на зачувување на оригиналниот дух на градбата, истовремено вметнувајќи свежи и функционални решенија.
Модерен пристап со почит кон наследството
„Градски ѕид“ како архитектонска целина е иконичен за Скопје, носејќи во себе социјална и урбана историја. Реновирањето на овој стан е одраз на иновативноста во модерниот дизајн и почитта кон архитектонското наследство.
Со спојувањето на старото и новото, на оригиналниот распоред со современи функционални решенија, ова реновирање е пример за тоа како просторот може да се обнови, а притоа да се зачува неговата приказна.
Станот во „Градски ѕид“ не е само место за живеење – тој е симбол на културната меморија на Скопје, редефинирана преку модерна визија за живот.
Отвореност и просторност
Во реновирањето на станот, сопственикот го задржа оригиналниот распоред. Единствено сè со цел да се постигне отворен и пријатен амбиент, во фокусот на реновирањето беше направено проширување на дневниот простор и негово спојување со кујната и трпезаријата.
Оваа промена не само што овозможи поприродно протекување на светлината низ станот, туку и создаде простор што поттикнува дружење и интеракција. Ваквиот современ пристап кон отворен план во внатрешниот дизајн е совршен пример за тоа како може да се комбинира функционалноста со естетиката.
Зелената боја како нишка на природата
Во секоја од просториите суптилно е вметната зелената боја – елемент што го поврзува станот со природата и го збогатува просторот со свежина. Без разлика дали е употребена во детали како декоративни предмети, текстил или боја на ѕидовите, зелената функционира како симбол за мир и баланс.
Оваа палета на бои дава топлина и хармонија, нагласувајќи ја посветеноста кон создавање на животен простор кој рефлектира здраво и природно опкружување. Инспирирана од принципите на биофилниот дизајн, оваа концепција ја зајакнува врската со природата преку вклучување на зеленило и билки, кои го подобруваат квалитетот на воздухот и создаваат чувство на смиреност и свежина во просторот.
Автор: д-р Борис ИЛИЕВ, дизајнер на ентериери, Американ Колеџ Скопје