Стопанските комори на сите шест земји од регионот на Западен Балкан, членки на Коморско инвестицискиот форум, ги повикуваат владите во регионот да во услови на заострени епидемиолошки мерки поради корона вирусот, воспостават т.н „зелени линии“ за непречено движење на стопанствениците и нивните вработени, кои поради работата ќе мораат да патуваат и престојуваат во другите земји од регионот. Како што соопштува Стопанската комора на Србија (Привредна комора Србије – ПКС), претседателите на стопанските комори во името на околу 350.000 компании кои ги застапуваат, во писмото до премиерите предложиле да се утврдат воедначени и поедноставени правила и процедури, кои ќе ги регулираат сите прашања поврзани за патувањата преку границите и престојот на работниците.
„Ова не е повик на стопанствениците и вработените за непочитување на мерките, туку напротив наоѓање начин за изведување на економските активности полесно и побрзо со сите неопходни протоколи за заштита. Мерките кои моментално се на сила во сите земји од Западен Балкан, го ограничуваат слободното движење на граѓаните од другите земји на регионот преку националните граници, но исто така го отежнуваат и поскапуваат работењето, оневозможуваат ефикасна организација на деловните активности и ја доведуваат во прашање реализацијата на договорените обврски, велат од ПКС.