Зелените коридори, или коридори на биодиверзитет, претставуваат големи делови на земјиште што ја штитат биолошката разновидност. Тие имаат улога да ги зајакнат и поврзат заштитените подрачја, охрабрувајќи ја употребата на материјали и технологии со мало влијание врз животната средина со примена на посеопфатна, подецентрализирана и партиципативна алтернатива за зачувување на природната средина.
Cerros Orientales во Богота, Колумбија
Општо земено, зелените коридори обединуваат фрагменти од шума или друго заштитено подрачје разделено со човечко влијание, како што се градови, патишта, земјоделски земјишта или области погодени од сеча на стебла. Нивната основна цел е да се овозможи слободно движење на животните и да се прошири вегетациската покривка.
Ублажување на влијанието на човековите активности
Концептот на „еколошки коридор“ се појавил во текот на 90-тите години на минатиот век, поттикнат од дебатите поврзани со заштитата на животната средина.
Правилата кои водат до креирање на „еколошкиот коридор“ воспоставени се врз основа на детални студии за движењето на животинските видови и дистрибуцијата на нивните популации, со цел да се ублажат и организираат влијанијата на човековите активности врз животната средина.
Култивирани површини во рамките на коридорот
Во овој контекст, архитектурата и урбанизмот се одлични алатки за изградба на зелени коридори, кои овозможуваат здрава и одржлива интеракција помеѓу човекот и природата, истовремено ширејќи ја еколошката свест.
На овој начин, пејзажната архитектура станува средство за повторно поврзување на сите живи организми во современото сценарио каде што природата се гледа како објект.
Пример од Богота
Еколошко-рекреативниот коридор Cerros Orientales во Богота, Колумбија, дизајниран од тим предводен од архитектката Дијана Визнер, е пример за тоа како територијалниот и пејзажниот план може да ја консолидираат областа на управување и зачувување на животната средина.
Поглед од воздух на еколошкиот коридор во Богота
Овој проект се состои од три главни стратегии кои помагаат ефикасноо да се разбере влијанието на еколошкиот коридор во урбаните центри.
Тука е општественото прашање, кое настојува да ја интегрира заедницата во одржливо управуван систем, потоа биофизиката која го одржува и обновува екосистемот и односот со луѓето и просторното прашање, кое се занимава со создавање места за пасивна рекреација во комбинација со места за учење.
Планирано е овој коридор да биде изграден од еколошки материјали, како земја, дрво, камен, искршени тули, за да има што помало влијание врз природната средина.
Рудник за јаглен како зелен коридор
Ruta Naturbanas во Сан Хозе, Костарика
Покрај овој пример, значајно е да се споме и Ruta Naturbanas во Сан Хозе, Костарика. Овој проект претставува зелена инфраструктура која ќе придонесе за зачувување и одржување на природните екосистеми и создавање на нови меѓуградски биолошки коридори, промовирајќи ја заштитата на циклусот на водата.
Исто така, во Грција е важен да се спомене предлогот за трансформација на рудниците за јаглен во зелен коридор, како пример за еколошко унапредување. Иако географски сите овие проекти се мошне оддалечени еден од друг, тие работат заедно на зачувување на биодиверзитетот и на развојот на животната средина во регионот во кој делуваат, фокусирајќи се на одржлив и отпорен урбан дизајн.
Highline во Њујорк
Исто така, значајно е да се нагласи разликата помеѓу зелените коридори и линеарните паркови. Зелените коридори поврзуваат два екосистеми претходно разделени со човечки активности, додека линеарните паркови, како што е познатиот Highline во Њујорк, не ја извршуваат оваа функција. Линеарните паркови се обидуваат да донесат биодиверзитет во урбаните центри и тие зафаќаат многу помалку земјиште од зелените коридори.
Бидејќи станува збор за релативно нов концепт, во тек се студии за да се измери ефикасноста на тоа како и до кој степен животните всушност ќе ги прифатат овие зелени коридори. Во секој случај, во ера на драстични климатски промени, секогаш треба да се поттикнуваат и охрабруваат стратегиите што се стремат повторно да ги поврзат луѓето и природата, да ги зачуваат екосистемите и да ги подигнат насоките за еколошката свест.