Гренланд е остров што во последните години станува особено важен за светот и за популацијата. Она што секој ќе се запраша е: Зошто е навистина важен?
Важен е затоа што ледената прекривка на Гренланд, која во некои делови е дебела од два до три километри, е седумпати поголема од површината на Велика Британија. Кога таа ледена прекривка целосно би се стопила, би дошло до подигнување на глобалното ниво на морето за цели седум метри. Дури и малото зголемување во стапката на топење во наредните децении би можело да загрози милиони луѓе што живеат на ниски надморски височини. Бангладеш, Флорида и источна Англија се само некои од многубројните области што се загрозени од подигнувањето на нивото на морето во последниот век.
Иако Гренланд е далеку, се протега од северот на Атлантикот високо кон Арктикот, топењето на ледот може да има големо влијание врз обемот на поплавите со кои ќе се соочиме во иднина. Односно може да го промени изгледот на крајбрежјето низ целиот свет и да го присили населението да се пресели подлабоко на копно.
БРЕГОВИТЕ СЕ ТОПАТ МНОГУ ПОБРЗО
Ледените брегови во Гренланд и Антарктик сега се стопуваат шест пати побрзо од 1990-тите години поради зголемувањето на температурите, се вели во најновиот извештај на 89 научници од 50 меѓународни организации.
Според најсеопфатниот поларен извештај за загуба на мраз до денес, заклучено е дека забрзаното одмрзнување на ледените плочи во Гренланд и Антарктикот ќе доведе до дополнителни 17 сантиметри пораст на морското ниво до 2100 година, во споредба со веќе доволно песимистичките податоци од Меѓувладиниот панел за климатски промени.
Меѓународен тим на научници што го следат и проценуваат влијанието на топењето на ледениот лим врз порастот на нивото на морето (IMBIE) има комбинирано податоци од 26 различни истражувања за да ги пресмета промените во ледените плочи на Гренланд и Антарктикот меѓу 1992 и 2017 година.
Користени биле податоци од 11 различни набљудувања на сателитите, вклучително и мерења на волуменот, стапката на проток и тежината на ледените плочи. Научниците ги откриле своите откритија во списанието „Природа“ и потврдија дека Гренланд и Антарктикот од 1992 до 2017 година имаат изгубено 6,4 трилиони тони мраз, што беше доволно за да се подигне нивото на морето за 17,8 милиметри. Од вкупното покачување на морското ниво, 10,6 милиметри (60 %) се должи на загубите на Гренланд, а 7,2 милиметри (40 %) се должи на загубите на мразот на Антарктикот.
„Три четвртини од мразот беа изгубени поради зголемената топлина околу Гренланд и Антарктикот. Иако зборуваме за само половина степен Целзиусов, ова е доволно за да се дестабилизираат глечерите“, рече еден од авторите на студијата, професорот Ендру Шепард од Универзитетот во Лидс. Секој сантиметар пораст на нивото на морето носи ризик од поплавување на крајбрежјето и ерозија на почвата, што ги загрозува животите на луѓето низ целиот свет. Доколку Антарктикот и Гренланд продолжат да го следат најлошото сценарио за глобално затоплување, тоа ќе предизвика дополнителни 17 сантиметри пораст на нивото на морето до крајот на векот и без значително намалување на емисиите на СО2. Ова значи дека до 2100 година 400 милиони луѓе ќе бидат загрозени од поплави секоја година, тоа веќе се случува и ќе биде штетно за опстанокот на крајбрежните заедници, велат научниците.
„Моделите досега беа премногу конзервативни, бидејќи влијанието од топењето на ледот врз зголемувањето на нивото на морето во 1990-тите беше скоро занемарливо – околу пет проценти. После 20 години, мразот се распаѓа многу побрзо, а од 81 милијарди тони мраз годишно во 1990-тите дојде на 475 милијарди тони годишно во 2010 година. Ова значи дека поларните ледени плочи сега се одговорни за третина од покачувањето на морското ниво, така што наместо да се искачи морското ниво од 50 сантиметри, треба да очекуваме уште 15 или 20 сантиметри“, вели Шепард додавајќи дека сме во услови на климатска криза што ќе има огромно влијание врз иднината на човештвото и мора да направиме нешто за да ги ублажиме нејзините ефекти. Светските влади треба да го решат овој проблем за идните генерации , заклучува Шепард.
ПОТЕНЦИЈАЛНА ОПАСНОСТ ЗА ГЛОБАЛНИТЕ ГРАДОВИ
Скоро половина од губитокот на мраз на Гренланд е резултат на покачените температури и испарување. Океаните го апсорбираа поголемиот дел од вишокот топлина предизвикана од климатските промени, но и тие ги достигнуваат своите лимити.
Доктор Џејсон Бокс од Геолошкиот завод на Данска и Гренланд, кој ја проучува ледената прекривка, вели дека го вознемирува потенцијалната опасност и дека луѓето што се занимаваат со планирање во глобалните градови мора да бидат подготвени.
Изминатите години Гренланд изгуби стотици милијарди тони мраз – грубата пресметка вели дека за влијание врз нивото на морето потребно е да се стопат 362 милијарди тони мраз за нивото на океанот да се зголеми за околу еден милиметар.
Тоа не звучи многу, но во 2012 година вкупната загуба на мраз била 450 милијарди тони, а овогодишното затоплување е на добар пат да произведе исто толку или повеќе, додека научниците сугерираат дека може да го подигне нивото на морето за два милиметри.
Доктор Бокс вели дека врз мразот на Гренланд влијае и зголемувањето на просечната температура што неодамна е забележана.
Бокс ги собира податоците од последните читања, а тие покажуваат дека само ова лето глечерот се намалил за околу девет метри.
НЕМА БЕСПРЕКОРНА БЕЛИНА
Арктикот, всушност не е една беспрекорна белина. Постојат многу големи бледосиви области и помали делови што се многу потемни, покриени со нешто што личи на кал или тиња. Некогаш се сметаше дека овие темни делови се предизвикани главно од мешавина на прашина и честички од загадувањето што ги носат ветровите од далечните електрани и индустриски центри. Но, неодамна научниците дошле до важно откритие дека најголемата причина за ова потемнување е всушност од биолошка природа – алгите и микроскопски ситни растенија почнаа да цветаат на мразот што се топи. Површината покриена со сиво или црно, за разлика од вообичаеното сјајно бело, впива повеќе сончева светлина. Тоа го забрзува затоплувањето и со самото тоа доведува до дополнително топење.
Дури и ако се намалат емисиите на гасови од глобалното затоплување, стапката на топење на мразот во Гренланд сè уште може да продолжи да расте – иако можеби побавно.
Младите борци за климатските промени од Гренланд, и научниците чувствуваат потреба сами да направат нешто во врска со ова прашање. Тие почнале програма што ќе се обиде да апсорбира дел од јаглеродниот диоксид што се ослободува поради летовите кога експертите доаѓаат да спроведуваат истражувања.
Во близина на аеродромот во Нарсарсуак истражувачите засадуваат шест илјади садници на сибирски ариш, вид дрво за кое е познато дека успева во такви услови.
Научниците велат дека 10 од овие дрвја ќе треба да растат 60 години за да го апсорбираат јаглеродот произведен од повратен лет од Лондон до Сан Франциско, но велат дека тоа сепак е почеток.
Земја под мраз
На Гренланд живеат околу 56 илјади Гренланѓани во заедници изградени на тесниот појас на Земјата на работ од ледената прекривка. Потоплите услови овозможуваат развој на земјоделството, но за некои млади Гренланѓани климатските промени се сериозна причина за загриженост, делумно поради влијанието на мразот врз другите области на планетата.
Гренланд значи „зелена земја“. Тоа денес тешко е да се замисли затоа што овој остров е 85 отсто со мраз, но Гренланд некогаш бил многу потопол.
Истражувачите во ситуациите кога го дупчеле мразот, под него нашле ДНК од дрвја, пеперутки и други инсекти. И затоа се дошло до заклучок дека пред 450.000 до 900.000 години Гренланд бил покриен со шума.
Во меѓувреме климата повторно се менува, температурите растат, а Гренланд е погоден од тоа. Денес Гренланд е населен само во некои делови од крајбрежјето. Благодарение на Голфската струја, климата е пријатна за луѓето на западното крајбрежје. Таму има поголем дел на села и градови, вклучувајќи го и главниот град Нук со 18 илјади жители. На островот нема патишта или железнички пруги кои ги спојуваат селата и градовите. Во внатрешноста на градовите има патишта кои завршуваат на периферијата. За да се стигне од еден до друг град на Гренланд патуваат со авиони, бродови, хеликоптери, мотори или пак санки кои ги влечат кучиња.