Македонскиот совет за зелена градба со поддршка на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), започнува со зеленото дејствување, создавање нови трендови во градежништвото, како и подигње на јавната свест на национално ниво за промовирање на практиката и технологијата на зелена градба.
„Одржливост на градбата, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, ќе генерира одржлив раст во градежниот сектор, креирање работни места, зголемување на енергетската сигурност како и намалување на сиромаштијата, бидејќи увозот на нафта и гас во Европа чини стотици милијарди евра секоја година. Исто така ќе се подобрува испораката на јавните услуги, а финансиските придобивки од зелената градба ја зголемуваат можноста за продажба и закуп, помагаат да се намалат капиталните расходи како и намалување на ризикот од прописи кои бараат скапи модификации на објекти. Го предводиме преодот на пазарот со недвижности кон одржливост и заштита на животната средина и преку тоа кон подобар живот за сите луѓе во Република Македонија“, изјави Сеад Кочан, претседател на Македонскиот совет за зелена градба и заменик претседател на ССК.
Претседателот на ССК, Данела Арсовска, истакна дека зелената градба, позната како одржлива градба, се однесува на структура и употреба на процес кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен во текот на животниот циклус на една зграда, од дизајн, изградба, работење, одржување, реновирање како и уривање.
„Трошоците при зелена градба се само од еден до пет проценти повисоки и корисникот на станбениот или деловниот простор преку заштедите што ќе ги оствари ги враќа овие средства во првата година, бидејќи заштедата на електрична енергија е околу 30 отсто, додека на вода околу отсто на годишно ниво. Концептот на зелена градба е од огромно значење не само за градежниот сектор туку и за секој граѓанин на Република Македонија, бидејќи значително го подобрува квалитетот на живот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот како и на животната средина“, изјави Арсовска.
На првата конференција за зелена градба во Република Македонија, се обратија и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски и Стево Темелковски, заменик министер за животна средина и просторно планирање, и го поддржаа концептот за зелена градба во нашата земја.