Градот Хамбург планира до 2050 година да ја зголеми површината под зеленило формирајќи зелена мрежа која ќе покрива 40 проценти од неговата целокупна површина. Станува збор за планско поврзување на парковите, површините за рекреација, игралиштата, блоковското зеленило и градините. Многу европски градови во борбата со климатските промени имаат изнајдено најразлични уникатни решенија, па така на пример во Лондон има прстенесто зеленило, но овој тип на зелена мрежа во Хамбург би бил единствен во светот и ќе се распространува по целата површина од периферијата до центарот на градот. Според плановите на градските власти во период од 15 до 20 години, градот ќе може да се истражува исклучиво пешки или со велосипед. Покрај тоа што зеленилото ќе го спречува ненормалното прегревање и ладење на земјината кора, исто така ќе го апсорбира и СО2 во воздухот, и ќе биде одлична заштита од ненадејни поплави. За ваквиот проект има голема поддршка од граѓаните на Хамбург, бидејќи голем број од нив се подготвени да се откажат од своите автомобили, што навистина е многу невообичаено за Германија.
Со текот на времето климатските промени ќе формираат ситуација во која останатите градови нема да имаат многу голем избор во борба против нив, освен создавање на ваков тип на зелени мрежи. Според директорот на Институтот за копнено истражување, доктор Инса Мајнке, денес во Хамбург просечната годишна температура е девет степени Целзиусови, што во споредба со просечната температура пред 60 години е повисока за 1,2 степени. Исто така, во текот на летото се измерени пет жешки денови (над 30°С) повеќе во споредба со 1952 година.
Климатските промени имаат влијание врз градот не само со зголемената просечна температура на воздухот, туку и во однос на нивото на морето што за 60 години е покачено за 20 сантиметри. Затоа Хамбург е приморан да води грижа за своите жители, бидејќи според некои истражување на Институтот, нивото на морето може да се зголеми за дополнителни 30 до 110 сантиметри до 2100 година.
Предноста од пораното започнување на борбата против климатските промени е многу голема. Властите на многу градови се свесни дека доколку ги озеленат своите градови што поскоро и ги поттикнат граѓаните на употреба на велосипеди и јавен сообраќај, ќе привлечат многу повеќе туристи во текот на годината.
Моментално околу 30 стручни лица работат на развој на оваа стратегија, помогнати од седум градски области. Ваквиот подвиг би покривал околу 7.000 хектари површина со зеленило, со што на жителите на Хамбург ќе им се пружи можност за спорт, рекреација, релаксација во парковите, а со тоа автоматски се намалува потребата од употреба на автомобил за време на викендите за прошетка надвор од градот и неповторлива можност да се видат голем број на диви животни во центарот на градот.