На местото на запуштениот простор кај булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти бензинската пумпа „Макпетрол“ на улицата „Орце Николов“, општина Центар направи нов мини парк.
Со новото хортикултурно уредување, центарци и сите жители кои поминуваат тука, имаат чувство дека се наоѓаат во мала оаза во урбан простор.
Паркот е уреден во модерен, геометриски стил со високи дрвја, со обликувана крошна во вид на квадрат, а под нив се насадени геометриски распоредени зимзелени растенија. Новото зелено катче во општина Центар е со површина од 650 м2, со засадени 420 садници од девет различни видови. Дел од нив се зимзелени садници и грмушки, листопадни грмушки, а дел се цветни, со прекрасни розови и бели цветови.
Просторот го красат 12 платани и два индиски јорговани, со крошна во вид на чадор, поставени на квадратна основа.
Бојата на паркот ќе биде секогаш зелена. На целиот дел е поставен тревен бусен, а за одржување и за поубав изглед на зеленилото, има автоматски систем за налевање. Дел од паркот ќе биде колоритен, со цветни и зимзелени грмушки, кои ја менуваат бојата во сезони.