Во ноември 2020 година, лидерите на Западен Балкан се обврзаа на спроведување на т.н. „Зелена агенда за Западен Балкан“ со потпишување на Софиската декларација. Станува збор за програма која го пресликува познатиот European Green Deal за јаглеродна неутралност на Европа до 2050 година, на просторите на Западен Балкан. Но, за реализација на оваа амбициозна „зелена агенда“, потребни се значителни инвестиции, првенствено во трансформацијата на енергетскиот сектор кон обновливи извори на енергија, но секако и драматични промени во транспортот и во начинот на загревање на домаќинствата.
МАКЕДОНИЈА ЗАВИСНА ОД ЈАГЛЕНОТ
Енергетскиот сектор кај нас несомнено го носи најголемиот товар од оваа транзиција, со оглед дека е најголем загадувач. Производството на електрична енергија во Македонија, но и во другите земји од регионот е доминантно зависно од јагленот (исклучок е Албанија каде доминира хидроенеријата). Тоа резултира во релативно ниска производна цена на енергијата, но само доколку се сметаат директните трошоци. Поголемата слика, опфаќа и индиректни трошоци, т.н. екстерни трошоци или екстерналии, а тоа е цената од ваквото производство на електрична енергија која ја плаќаме сите ние како општество – преку загадениот воздух, трошоците на здравствениот систем поради зголемен број случаи на заболени од респираторни и срцеви болести, па до илјадниците предвремени смртни случаи на годишно ниво.
Со пробивот на обновливите извори на енергија во регионален контекст и интеграцијата на регионалниот енергетски пазар, јагленот станува неконкурентен. Најавите за воведување прекугранична такса на CO2, не само за извезената електрична енергија во ЕУ, туку и за цементот, вештачките ѓубрива, челикот и други производи, веќе ја загрозува и директната економска придобивка од производството базирано на фосилни горива. Имено, оваа такса би требало да важи од 2023 година, но полна примена би имала од 2026. Прекуграничната такса на CO2 ќе се однесува на директните и на индиректните емисии од производството на стоки, над кои производителот има директна контрола, вклучувајќи ги и емисиите од производството на енергија за греење и ладење која се троши во текот на производствениот процес. Значи, за да бидат конкурентни, економиите од регионот мора да се трансформираат кон иднина која ќе биде помалку јаглеродно интензивна и повеќе енергетски ефикасна.
ДО 2030 ГОДИНА ЗГАСНУВАЊЕ НА ТЕРМОЕЛЕКТРАНИТЕ НА ЈАГЛЕН?
Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година предвидува амбициозно зелено сценарио кое планира постепено згаснување на термоелектраните на јаглен и нивна замена со енергија од обновливи извори (првенствено ветерни централи и фотоволтаици). Актуелните вложувања во 2 x 50 MW фотоволтаици на локација во постоечката РЕК Осломеј, во вид на јавно-приватно партнерство на државната ЕСМ со партнери од Бугарија и Турција е добар почеток. Веројатно ќе се започне и со реализацијата на долгоочекуваниот проект за хидроцентралата „Чебрен“. Ветерната електрана „Богданци“ сопственост на АД ЕСМ беше една од првите од таков вид во регионот со инсталирана моќност од 37 MW. Од неодaмна, во нејзина близина се гради првата приватна инвестиција (словенечка) на ветерна електрана од 30 MW. Но, ако 2025 година е означена како почеток на крајот нa РЕК Битола, тогаш овие инвестиции мора да се реализираат на „побрза лента“, а уште веднаш мора да се работи на подготовка на стратегии за т.н. праведна транзиција, односно соодветна трансформација на локалната економија во местата кои досега се потпирале на јагленот, како и преквалификација на рударите. Станува збор за бројка од околу четири илјади вработени, додека бројката на луѓето кои индиректно ќе бидат погодени е барем неколкукратно поголема.
Но, во процесот на подготовка на таква стратегија мора да бидат консултирани сите засегнати страни. Словенија веќе подготвува таква стратегија за транзиција по затворањето на рудникот за јаглен „Велење“ и термоелектраната „Шоштањ“. За таа цел, а поконкретно во функција на сублимирање на мислењата и потребите нa секој засегнат поединец, креирана е онлајн платформа, што е секако еден добар пристап. Во Полска, која е домаќин на најголемата термоелектрана на јаглен во Европа, и една од најголемите во светот (Belchatow), и чие производство на енергија исто така доминатно е базирано на јагленот, уште во 2018 година почнала да ги вклучува некогашните рудари во работи на енергетска реконструкција на објекти (термоизолација) и поставување мали фотоволтаици. Станува збор за работи во кои е прилично лесно да се преквалификуваат поранешните рудари. На тој начин Полска истовремено обезбедува ресурси за спроведување на својата програма за енергетска ефикасност кај домаќинствата под името Clean air, но и обезбедува работа за оваа категорија на луѓе.
Но, неопходна е јасна и недвосмислена политичка одлука за напуштање на јагленот, без да се калкулира со социјалниот мир. Во спротивно, транзицијата ќе биде долга и неефикасна. Дополнително, потребна е поголема инволвираност на академската и на бизнис-заедницата во креирањето на политиките, но првенствено соодветно уважување на нивната експертиза, како и доследност во реализацијата на спроведените стратешки документи. Се разбира, во фокусот секогаш неизоставно мора да биде енергетската сигурност на земјата. Токму овој аспект беше неодамна тергетиран во јавните критики упатени кон проектот за заедничко вложување со Грција во гасна електрана од 800 MW лоцирана во Александропулос. Професорот од Машинскиот факултет во Скопје, Константин Димитров освен на енергетската сигурност, укажа и на економските придобивки од еден ваков проект доколку тој би се реализирал во земјава, преку ангажирање компании и во фазата на изградба, но и во фазата на експлоатација (изведување ремонти и сл.), нови вработувања итн. Дополнително, еден ваков капацитет би го решил и снабдувањето со топлинска енергија за греење во градови како на пример Тетово или Куманово, кои сè уште немаат централно греење и се соочуваат со огромно загадување во зимскиот период.
ГАСНИ ИНТЕРКОНЕКТОРИ
Меѓу проектите кои се опфатени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, и кои ќе се финансираат преку IPA III, наведени се следните гасоводи – гасни интерконектори: Македонија – Србија и Македонија – Косово. Но, сè уште не е почната нивната реализација. Гасниот интерконектор Грција – Македонија има најголеми изгледи прв да биде реализиран, и тоа според најавите до крајот на 2022 година, но извесно е дека ќе има пролонгирање на првично зацртаните рокови. Дотогаш, Македонија останува зависна од само еден извор на снабдување со природен гас (преку Бугарија), иако земјата е потписничка на CESEC-иницијативата со која се обврзува да ги диверсифицира своите извори на снабдување со природен гас. Но, во однос на третманот на природниот гас како гориво прифатливо во енергетската транзиција (и покрај тоа што е три пати помал загадувач од јагленот, сепак тој е фосилно гориво и емитува јаглерод диоксид) од ЕУ доаѓааат вознемирувачки сигнали. Имено, 11 земји членки на ЕУ се залагаат проектите од областа на природниот гас, поточно гасните интерконектори да не бидат вклучени во програмата Project of Common Interests (PIC) кои можат да бидат финансирани со поддршка од ЕУ-фондовите.
НЕ СМЕАТ ДА СЕ ЗАПОСТАВАТ И ДРУГИТЕ ЗАГАДУВАЧИ
Се разбира и покрај тоа што фокусот е насочен кон енергетскиот сектор, не смеат да се запостават и другите загадувачи. Траснпортот е уште една болна точка за нашата „зелена“ транзиција. Овој сектор е значаен извор на загадување на воздухот, примарно поради застарената флота на патнички возила (во 2016 година просечната старост на патничките автомобили била 18,6 години). За споредба, во истиот период, просечната старост на автомобилите во ЕУ била 7,4 години. Јавниот транспорт учествува со мал удел во вкупниот транспорт на патници во споредба со ЕУ-просекот. Од друга страна, тој е главно ограничен на јавниот автобуски превоз, додека железницата е релативно неискористен начин на транспорт. Одлуката на Владата во 2010 година да дозволи привремен увоз на возила со Euro 1 и Euro 2 стандарди, мотивирана од социјални причини, беше погубна за квалитетот на воздухот. Увозот на половни автомобили секоја година е неколкукратно поголем од оној на новите автомобили. Во таа насока, настојувањата да се ограничи увозот на минимум Еuro 5, како и неодамнешните најави за зголемување на акцизата на дизел горивото се добар исчекор. Имено, Македонија во моментот има најниска акциза за дизел горивото во регионот на Западен Балкан и една од најниските во Европа. Имено, дизел возилата се значително поголем загадувач од своите еквиваленти на бензински мотори.
Што се однесува до домаќинствата и начинот на нивното загревање, ситуацијата е исто така неповолна од аспект на енергентите кои се користат. Системите за далечинско греење се недоволно развиени и се ограничени само на градот Скопје, иако е познато дека тие имаат најмал импакт врз квалитетот на воздухот споредено со кој било друг извор, особено кога станува збор за производство на топлинска енергија преку комбинирани гасни постројки (какви што се во Скопје). Но, и покрај тоа недоволно се работи на развој на овие системи на териоријата на целата земја (помалку од 10 отсто од граѓаните во Македонија се греат преку топлификациски систем). Најмногу е застапено огревното дрво (повеќе од 50 отсто) но загрижувачки висок е и уделот на електричната енергија која се користи за греење (околу 30 отсто).
Инвертерите односно топлинските пумпи, се добра опција само онаму каде нема приклучок на мрежа за централно греење, во спротивно таа опција е неодржлива. Имено, овие уреди трошат околу една третина од потрошувачката на класични греалки на електрична енергија, па имајќи предвид дека кај нас електричната енергија се добива главно од јаглен, на крајот приказната сепак не е сосема во доменот на „чистата енергија“. Паралелно со истиснувањето на фосилите енергенти од овој сектор, треба да се работи и на подобрување на енергетската ефикасност на објектите, за што веќе има солидна правна рамка во Законот за енергетска ефикасност. Во развиениот свет, не само што се работи на постојано развивање и проширување на опфатот на топлификациските системи, туку тие се трансформираат да работат со обновливи извори на енергија. Еден таков пример е Австрија, која веќе има две постројки за топлинска енергија за греење произведена од вишоците на електрична енергија добиена од ветерните електрани (power 2 heat concept). Будимпешта почнува проект за замена на природниот гас во својот топлификациски систем со геотермална енергија и тоа со удел од високи 70 отсто. Кај нас општините мора да бидат поангажирани во спроведување на националните стратешки политики, но потребна е и доследност од страна на сите донесувачи на одлуки. „Зелената агенда“ треба да биде mainstream на сите релевантни документи и акциски планови, и да се воспостават механизми за контрола на реализацијата на поставените краткорочни и долгорочни цели. Професионалните критериуми и мерит системот мора да станат стандард. Во спротивно, и покрај сите политички усилби и ЕУ ќе биде само далечен сон, токму поради нашата неангажираност, неефикасност и инертност во реализација на суштинските реформи. Затоа, можеби наместо заклучок, овој текст е најдобро да се заврши, токму со рударскиот поздрав: „Среќно!“.