И во услови на растечка енергетска криза, Европската унија не се откажува од „зелениот договор“. Напротив, земјите-членки треба да ги зголемат инвестициите во обновливите извори на енергија. За да опстанат на пазарот, нафтените компании први влегоа во енергетската транзиција, освен деривати, произведуваат и електрична енергија. Грчкиот „Хеленик Петролеум“ лансираше специфичен, најголем соларен парк во Европа со двострани панели, кој обезбедува речиси четири пати поевтина струја од пазарот.
Грчкиот нафтен гигант ги искористи климатските придобивки на северот на земјата, каде што сончевото зрачење е погодно за фотоволтаични панели. Двесте километри од Солун, во областа Кожани, на околу илјада метри надморска височина, изграден е соларен парк.
“На оваа локација најдобра комбинација на временски услови е за максимални перформанси на фотоволтаичните панели. Значи, ни требаат ниски температури како сега, сонце и студено време. Ова е идеално“, изјави Сотирис Капелос, директор за развој во Хеленик Петролеум.
Мораме да бидеме позелени, од нафтена компанија да се трансформираме во енергетска компанија, ќе инвестираме значителни средства во обновливи извори на енергија. Ни треба таа промена ако сакаме да бидеме тука, не само во следната деценија, туку и во следните 60-70 години, изјави Сотирис Анастасиадис, директор за корпоративни комуникации во „Хеленик Петролеум“.
Соларниот парк кој се простира на околу два ипол милиони квадратни метри со придружната инфраструктура е изграден за само 16 месеци. А специфична е за најнапредната соларна технологија – таканаречените бифацијални модули.
Овие соларни панели се двострани, во слободен превод можеме да кажеме со две лица. Ова им ја зголемува силата за дури пет отсто. Инаку, овој соларен парк, кој е еден од најголемите во Европа, може да ги покрие годишните потреби за струја на 75 илјади грчки домаќинства.
“Значи, целата централа може да произведе 204 мегават-часови електрична енергија плус тие дополнителни пет отсто. Не е постројка за специјална намена, туку струјата оди во преносниот систем на Грција и секој што е приклучен може да ја консумира“, изјави Сотирис Капелос.
И што е најважно, оваа инвестиција ја намалува емисијата на јаглерод диоксид за триста милиони тони, а на нафтената компанија и обезбедува конкурентност на домашниот енергетски пазар, бидејќи во услови на енергетска криза обезбедуваат многу поевтина струја.
“На лицитацијата учествувавме со цена од 57,72 евра за мегават-час. Таа цена и пред кризата, би рекол, беше на големо, а во однос на 200 евра за мегават-час и денешната криза и можности е минимална“, потенцира Сотирис Капелос.
Инвестицијата од 130.000.000 евра во тој соларен парк ќе се исплати, велат, за најмногу седум години.