Насловна / Вести / Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при Стопанската комора со предлог заклучоци, кои се во постаpка на усогласување со наделeжните инстутиции

Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при Стопанската комора со предлог заклучоци, кои се во постаpка на усогласување со наделeжните инстутиции

Во периодот од 2. до 3. Ноември 2023. во Охрид се одржа Првата конференција за патна инфраструктура под наслов: „Искуства, Предизвици и перспективи“ во организација на Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при Стопанската комора, во присуство на највисокиот државен врв, заедно со претставници и експерти од научната фела, од државните институции.

14

По одржување на конференцијата која се реализираше со шест панел дискусии, дисксуиите беа предмет на дебата и разговори во рамки на Здружението по што беа изградени предлог заклучоци, кои се во постапка на усогласување со наделжните инстутиции со кои партнерски се настапи на самата Конференција.

Истите, за да бидат официјални, потребно е да бидат потврдени или дополнети од страна на Министерствто за транспорт и врски и ЈПДП.

Заклучоците од панел дискусиите согласно констатациите на членките во Здружението при Комората ќе бидат основ за реализирање на идни активности на бизнис секторот согласно темите кои беа дискутирани.

11

Следствено по темите на дискусијата, поентите и заклучоците од панел дискусиите се следни:

I ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: „ГРАДЕЖНИШТВОТО НА КРСТОПАТ“

 1. КЛУЧНИ ПОЕНТИ

  • Во периодот 2012 – 2022 година просечната нето – плата пораснала за 87,4 %, додека паралелно минималната плата во компарираниот период пораснала за 123,6 %. Капиталните инвестиции од 17,6 милијарди денари во 2014 година пораснале на 29,1 милијарда денари во 2023 година. Меѓутоа, покрај растот на платите и на предвидените буџетски средства за капитални инвестиции, учеството и додадената вредност на градежништвото во БДП во последните четири години стагнираат;
  • Специфична е структурата на македонските градежни компании каде процентуално најзастапени со дури 98,7% се микро и малите компании со 0-49 вработени, додека големите компании со над 250 вработени се застапени со само 0,14%. Меѓутоа, иако имаат речиси незначително учество во структурата на претпријатијата, нивното учество во вкупно остварениот промет во градежништвото за претходната година е големо и изнесува 18%;
  • Домашните градежни компании, иако имаат бројни референци и успешни приказни во реализацијата на капитални проекти на домашниот и странскиот пазар, во моментот во нашата држава, 96% од средствата за капиталните проекти се одлеваат кон странски компании, а само 4% кон домашни компании;
  • Иако е евидентно дека капацитетот на градежниот сектор во земјава е голем што се согледува преку неговото достигнато учество во БДП од 7,1 % во 2015 година, односно стапка на раст на додадената вредност од 33,8 % во 2013 година, неговиот потенцијал е неискористен и државата треба се заложи за негово искористување.

1

 2. ЗАКЛУЧОК

Домашните градежни компании мора да го најдат своето место во реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти и отпочнатата градежна експанзија, доколку сакаме опстанок и развој на македонското градежништво. Државата тоа може да го направи преку соодветно пропишување на критериумите за доделување на договорите согласно со Законот за јавните набавки водејќи сметка за капацитетите и технологијата со која располагаат домашните компании, како и преку доследна примена на обврската за ангажман на локални компании согласно со Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за реализација за имплементација проекти на Коридорот 8 и Коридорот 10. Во рамки на првиот панел беше споделено позитивно искуство за спроведување на јавните набавки во Хрватска каде државата на своите домашни компании им дава реализација на помали делници за кои се обезбедени средства од домашни извори на финансирање во однос на кои самата ги пропишува критериумите, а за оние за кои е потребно кредитирање ги почитува условите на странските донатори.

4

II ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: УЛОГАТА НА ГРАДЕЖНИШТВОТО ВО ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА

 1. КЛУЧНИ ПОЕНТИ

  • Конкурентноста е неопходна за успех на компаниите, меѓутоа конкурентноста е условена од деловниот амбиент и правната рамка на државата
  • Тешко е да се одржува конкурентност во услови кога државата наметнува дополнителни давачки за производителите (пр. за складирање битумен) поради кои се поскапува цената на чинење на производите заради што се губат регионалните пазари или пак кога најголемите капитални проекти се доделуваат преку директно преговарање, со заобиколување на прописите за јавни набавки или онаму каде што прописите се применуваат, во над 90% од тендерските постапки доминира критериумот најниска цена.

6

 2. ЗАКЛУЧОК

Правната рамка, како и ставањето акцент на квалитетот пред цената се појдовна основа за конкурентност на компаниите. Целта би се постигнала преку преземање на следните чекори:

  • Прво, институционално решавање на проблемот на пропишување на критериумот најниска цена и користење на критериумот економски најповолна понуда кој овозможува да се води сметка за соодносот помеѓу цената и квалитетот;
  • Второ, спроведување анкетно истражување помеѓу членките на Здружението за парафискалните давачки со цел да се согледа кои од нив неосновано ја зголемуваат цената на производот и со тоа ја намалуваат конкурентноста на странските пазари. Резултатите ќе бидат преточени во иницијатива за укинување на давачките и ревидирање на регулативата со која истите се наметнуваат.

10

III. ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: „ЕВРОКОДОВИ – ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ ЗА КОНКУРЕНТНО И КВАЛИТЕТНО ГРАДЕЖНИШТВО “

 1. КЛУЧНИ ПОЕНТИ:

  • Еврокодовите претставуваат сет од 58 европски стандарди и 57 Национални Анекси, за проектирање градежни конструкции.
  • Со примена на Еврокодовите ќе се подигне нивото на квалитетот на проектирањето, ќе се даде поголема можност на домашните компании да учествуваат на европскиот и домашниот пазар.
  • Потребно е Еврокодовите да бидат дел од едукативниот процес на веќе завршените инженери, со оглед дека истите се веќе дел од образовниот процес на тековните студенти.

8

 2. ЗАКЛУЧОК

Вградувањето на Европските прописи за проектирање на градежни конструкции – Еврокодови во Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање, претставува чекор поблизу до европскиот градежен пазар, со оглед дека примената на Еврокодовите ќе го подигне нивото на квалитет на проектирањето, иницирајќи поголема конкурентност на компаниите и поголема додадена вредност на градежништвото како стопанска гранка.

Еврокодовите во моментот немаат задолжителна примена, односно се во паралелна примена со постојните стандарди и нормативи за проектирање до септември 2024 година, рок кој првично требаше да биде до септември 2023 година, но беше одложен поради неподготвеност на фелата и инженерскиот кадар.

Секоја промена има потреба од дополнителна едукација, во ваков случај е особено важно темелно да се пристапи, каде целна група претставуваат веќе дипломирани инженери и архитекти, но и идни. Од приоритетна важност претставува формата и начинот на кој ќе се спроведе и започне едукацијата на инженерите и архитектите, бидејќи времето не е во наша корист, имајќи предвид дека заради остварување на зацртаните цели задолжителната примена на Еврокодови не смее повеќе да се одлага и треба да започне од  01.09.2024 година.

9

IV ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: „ИСКУСТВА ВО ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ИНФРАСТРУКТУРАТА“

1. КЛУЧНИ ПОЕНТИ

Досегашните искуствата и научените лекции од инвестирањето во инфраструктурата може да се сумираат преку изградбата на автопатот Охрид-Кичево кој беше оценет како најкомплексен инфраструктурен проект во земјата во последните неколку децении. Тие вклучуваат прашања како што се несоодветна проектна документација која значително се разликува од состојбите затекнати на терен, барања за препроектирање кои произлегуваат од недостатоците воочени во текот на изведбата, тешки геолошки услови долж трасата кои бараат обемни геотехнички ископувања за да се решат потенцијалните ризици и да се обезбеди долгорочна стабилност и издржливост на автопатот, правни бариери и нерешена експропријација, административни процедури и предвремен почеток со изведбата без темелна анализа. Имајќи ги предвид акумулираните искуства и научените лекции, очигледно е дека овој проект иако повеќето го етикетираат како црна дамка, е и придобивка за македонското градежништво бидејќи токму овој проект го инспирираше донесувањето пакет закони кои имаат за цел отстранување на административните и правните бариери на коишто претходно не можеа да влијаат изведувачите, а коишто треба да овозможат побрзи и поефикасни градежни процедури за капиталните проекти од стратешко значење што ќе се реализираат во иднина.

7

 2. ЗАКЛУЧОК

Државниот интерес мора да се разграничи и да се стави пред партискиот интерес. Заеднички мора да ги согледаме последиците од нашето досегашното работење и пред избрзување со донесувањето на одлуки за исходот на отпочнатите комплексни инфраструктурни проекти кои се реализираат со побавна динамика од првично предвидената, точно да лоцираме чија е одговорноста за погоре наведените прашања што го предизвикуваат нивниот застој и бавното администрирање, имајќи ги предвид договорните услови и важечката законска рамка. Државата притоа мора да води сметка и што овие проекти значат за домашното градежништво, колкав е неговиот мултиплицирачки ефект врз домашната економија и кои се последиците за граѓаните и стопанството кои зависат од нејзините одлуки. Товарот од досегашните проблеми и искуства очигледно е дека го понесоа домашните компании, поради што е неопходно во иднина да се овозможи тие да работат под исти услови како и странските компании кои ќе ги реализираат  капиталните проекти од стратешко значење согласно со усвоениот пакет закони кој треба да овозможи побрза и поефикасна реализација на проектите.

13

V ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: „НОВ КОНЦЕПТ ЗА ЕФИКАСНО ГРАДЕЖНИШТВО“

1. КЛУЧНИ ПОЕНТИ

  • Поучена од претходните искуства, во изминатиот период државата презема заложби реализацијата на проектите од стратешки интерес да ја издвои од останатите проекти се со цел истата да биде брза и целисходна.
  • Пакетот закони кој се донесе во врска со реализацијата на капиталните проекти од стратешки интерес овозможува значително скратување на чекорите во процесот на градење од технички, правен и административен карактер со што се овозможува побрза и поцелисходна реализација на проектите.

2. ЗАКЛУЧОК

Имајќи предвид дека државата ги има воочено слабостите на досегашниот концепт на градење на комплексните инфраструктурни проекти, новиот концепт за градење да се применува на сите инфраструктурни проекти без исклучок.

2

VI ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: „ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ – НОВА ГРАДЕЖНА ВИЗИЈА“

ЗАКЛУЧОК:

  • Новиот метод на спроведување за реализација на капиталниот проект за изведба на Коридорот 8 и 10 Д, кој за прв пат кај нас ќе се реализира преку конкретни инвестициски активности за одрeден инвеститор, кој овозможува олеснувања како намалување на времето изгубeно во експропријација, прибавување одобрение за градба, проектирање и слично, претставуваат олеснувања во процесите кои е неопходно да важат за капиталните проекти кои ги изведуваат домашни градежни  компании во периодот кој следува, за да резултира со брзина и квалитет каде нема да се повторува истото сценарио во изминатите години.
  • Предлог закон за градење имајќи ги предвид реакциите, интересот како и забелешките од повеќе инволвирани страни до кој истиот беше споделен, мора да биде предмет на широка јавна расправа во следниот период за да се дебатираат од стручен и правен аспект новините во предложеното законско решение.
  • Да се формира работна група со активна вклученост на бизнис секторот која заеднички ќе работи на усогласување на ставовите согласно со забелешките кои ќе пристигнуваат од повеќе засегнати страни.
  • Неопходно е предложениот текст на закон најнапред да се стави во правна рамка и целосно да биде конципиран во правни норми кои ќе ги содржат елементите што треба да ги содржи една правна норма, низ целиот текст да се користи воедначена, прецизна и јасна правничка терминологија, како и текстот да се усогласи со посебните важечки закони со кои е уредено градењето со цел да се обезбеди хармонизираност на правниот систем и паралелна примена на законите, затоа што овој закон не може да опстои и да се анализира изолирано во однос на останатите кои задираат во оваа област.

Во очекување на повратен одговор од министерството за транспорт и врски и ЈПДП, во врска со потврда на предлог заклучоците од првата конфереција за патна инфраструктура од бизнис секторот, Здружението за градежништво при Комората останува преку свои механизми да кеира активности во периодот што следи со цел воспоставување деловна клима во интерес на стопанството.  

 

Испрати коментар

Scroll To Top