Насловна / Архитектура / Здравко Рафаиловски: Архитект кој создаваше кога во светот немаше интернет и Google

Здравко Рафаиловски: Архитект кој создаваше кога во светот немаше интернет и Google

Последните децении на дваесеттиот век беа години кои донесоа некои нови односи во општеството и во начинот на размислување во многу сегменти, особено во архитектурата. Во тие години се создаваа генерации на македонски архитекти чии размислувања и делувања во архитектурата беа поинакви од она што претходно се случуваше. Ова е особено изразено во годините после земјотресот во Скопје. Со својата младост и нови идеи тогашните дипломирани архитекти ги освојуваа и градеа неизградените простори низ тогашна Југославија. Оние кои во тоа време беа млади, денес се веќе во пензија.

Izlozba Mavrovka

Времето лета, доаѓаат нови генерации со нови идеи.   Архитектурата е просторен белег на менталната состојба на една општествена заедница и на времето во кое се создава. Како „скаменет сведок“ таа зборува многу поуверливо од многу официјални пишувања. Joie de vivre – радост на живеењето за нас архитектите е да се занимаваш со архитектура. Архитектурата не е само работа, таа е животно определување. Архитектот ја живее својата архитектура, тој е сведок на времето во кое создава. Таков сведок на времето е и нашиот колега Здравко Рафаиловски. Секој разговор со него и со некој од протагонистите на македонската архитектура од тоа време е дел од една голема сложувалка кој го наоѓа местото во конечната слика наречена „Современа македонска архитектура“.

Promocija 1

По дипломирањето во 1975 година започнува да работи во оперативата на  ГП „Гранит“ од Неготино за по два месеца истата година да премине во градежното претпријатие „Маврово“, во проектантското биро „Мавровопроект“. Беше тоа продолжување на студирањето по студиите на Архитектонскиот факултет во Скопје. Школувањето, барем кај нас архитектите не завршува со добивањето на дипломата, туку тоа е континуиран процес на влог во сопственото професионално остварување. Во  „Мавровопроект“ започнува неговата долгогодишна проектантска работа, кога проектира многу објекти. Се сеќавам, во тоа време постоеше здрава хиерархија при работењето.

Mavrovka 1

Комплекс Мавровка, Скопје

Како млад архитект Здравко Рафаиловски влегува во тим кој го водат одговорни архитекти со искуство и знаење, со лојални, денес заборавени техничари – тогашни носители на онаа цртачката работа, кои имаа огромно искуство во работата. Архитектите кои работеа во тоа време, ја обележаа архитектонската сцена со работа која имаше потпора во доброто школување и посветената работа. Тогаш архитектите знаеја да ги препознаат моменталните можности, меѓусебната соработка и сите можности кои произлегуваат од тоа. На тој начин создадоа нови односи во кои станаа не само архитекти инженери, уметници туку и претприемачи. Не претприемачи во смисла на денешново претприемништво, туку со правење на помали групи кои заедно делуваа во рамки на тогашните големи претпријатија. Во она време постоеше широк интерес за поврзување на различни видови на уметност, беа тоа почетоци, кај нас, за воведување на технолошки иновации во архитектурата.

Kuli Novo Lisice

Кула во Ново Лисиче, Скопје

Кога ќе ги анализираме пораките на архитектите од тоа време, се исчитуваат вредности кои неоспорно биле во европскиот врв. Својата професионална кариера ја започнува најпрво како проектант – соработник, а потоа кон крајот на седумдесеттите и сè до средината на осумдесеттите професионално многу соработува со архитектот Донка Петкова-Костиќ. Напредува низ кариерата и станува главен проектант – раководител на творечкиот архитектонски процес. Здравко ја добива својата шанса да создава и да се реализира како проектант на многу разновидни полиња – типологии на архитектура. Тоа е драгоцено искуство, не само заради работата (секој проектантски ангажман е нов предизвик), туку и заради шансата да се проверат сопствените креативни капацитети, да се научи нешто ново, да се прошират професионалните видици.

Kuli Karpos-IV_001

Кули во Карпош 4, Скопје

Работи на проектирање на станбени како и на комерцијални и деловни објекти кои највеќе се издвојуваат во неговата работа. Ангажиран е преку  „Мавровопроект“ на проектирање и изведба на објекти низ многу градови на тогашна Југославија, но и надвор од границите, како во Либија и во тогашниот Советски Сојуз. Почесно место во неговиот опус зазема комерцијално-деловната зграда наречена „Мавровка“. Рафаиловски станува технички директор на „Мавровопроект“, подоцна преименувано во „Прима инженеринг“, раководејќи со техничката документација за многу значајни објекти сè до неговото одење во пензија во 2015 година. Активен член е на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и на Комората на овластени архитекти и инженери од нејзиното основање.

Monografija

Сè се менува, така и нашиот архитектонски свет. Позициите на архитектите во општеството повеќе не се исти како порано кога архитектите како Здравко Рафаиловски твореа. Порано за нови сознанија и идеи купувавме странски и домашни списанија за архитектура и внатрешно уредување, читавме книги и монографии на познати архитекти. Денес сè е поинаку, време е на интернет, Auto Cad, Archi Cad и BIM-технологии. Здравко Рафаиловски е архитект кој создаваше архитектонски дела кога во светот немаше интернет и GOOGLE!

Plakat                                                                          

Сите кои делуваа или денес делуваат на нашата архитектонска сцена се заслужни и одговорни за состојбата на просторот кој нè опкружува. За некои повеќе се знае, за други ништо. Eден од основните проблеми на нашата, архитектонска струка е недоволната и неадекватна видливост во пошироката јавност. Причини има многу. Имаме добра архитектура и добри архитекти, кои заслужуваат нивните дела да бидат опишани. Затоа треба што повеќе да се пишува  и да се ставаат во фокус на јавноста архитектите, како Здравко Рафаиловски, нивните проекти и реализации со кои се препознаваат евидентните и растечки капацитети на нашата професија. На овогодинешното Биенале на македонската архитектура – БИМАС, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, Здравко се претстави со изложба и со книга со неговите дела.

Автор: Ангел СИТНОВСКИ, дипл.инж.арх.

сс1 сс

Испрати коментар

Scroll To Top